Илон Маск објави четбот, наречен Грок, кој користи вештачка интелигенција (ВИ) за своите одговори, слично како популарните четботови ChatGPT и Бард. Грок е достапен на платформата Х (поранешно Твитер), која Маск неодамна ја купи. Но, тој е достапен само за одредени кориснички профили, известува Би-би-си.
Маск вели дека Грок „многу сака сарказам“ и дека корисниците може да очекуваат Грок да вметнува „малку хумор“ во своите одговори.
„Навистина не знам кој би го насочил во овој правец“, саркастично објави Маск на Х во однос на хумористичниот тон на четботот.
Дополнително, Маск вели дека, за разлика од други модели кои одбиваат да одговорат на некои прашања поради легални и морални причини, Грок ќе одговара на секакви „несоодветни“ прашања. За да ја илустрира оваа функционалност, Маск сподели како тој го прашува четботот за упатства за произведување кокаин. Грок одговори со саркастичен тон, но сепак посочи релативно детални упатства.
Ask and you shall receive pic.twitter.com/nhzH9rXzBB
— Elon Musk (@elonmusk) November 4, 2023
xAI, фирмата на Маск одговорна за развивање на софтверот, најави дека четботот е инспириран од познатата хумористична научно-фантастична книга на Даглас Адамс „Автостоперски водич низ галаксијата“. А самиот збор Грок исто има научно-фантастични корени, доаѓајќи од книгата „Странец во чудна земја“ на Роберт А. Хајнлајн. Во романот, „грокувањето“ значи чувствување длабока емпатија.
Од xAI велат дека целат софтверот да може да одговори на кое било прашање, но и да сугерира какви прашања да се постават, што велат дека е всушност многу покомплексно. Дополнително, xAI велат дека уникатно за Грок е тоа што ќе може да користи актуелни информации кои ќе ги презема директно од Х.
Но, како што и се критикуваат други ВИ четботови, веќе се забележани непрецизности и погрешни информации во одговорите на Грок.
Маск вели дека Грок е сѐ уште во рани фази на својот развој и дека ќе се подобрува во текот на следните месеци како што се користи од сѐ повеќе корисници.
Преземено: Мета.мк