На средбата присуствуваа и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски.
Премиерите Ковачевски и Брнабиќ го поздравија одличниот развој на билатералните односи и констатираа дека просперитетот и стабилноста на целиот регион, како и неговата европска интеграција се засновани на добрите билатерални односи, поради што од исклучителна важност е двете земји континуирано да работат на истите и успешно да ги надминуваат сите разлики.
На средбата беше направен пресек на актуелните и претстојните активности и проекти меѓу двете земји, со акцент на економски и инфраструктурен план.
Дел од меѓусебните заложби за засилување на соработката е и денешното потпишување на „Меморандумот за соработка за воспоставување железничка мрежа со високи перформанси“.
Овој Меморандум е уште една можност, во рамките на иницијативата Отворен Балкан, да се овозможи брз транспорт на стока, не само низ земјите во Западен Балкан, туку и кон земјите членки во ЕУ.
На средбата се разговараше и за претстојните активности за проширување на инфраструктурната соработка, со конкретни планови и активности во следниот период.
Премиерот Ковачевски го поздрави одржувањето на вториот меѓународен саем за вино, храна и туризам „Винска визија на Отворен Балкан“ во Белград, со кој го промовираме нашиот вински потенцијал и квалитет.
Премиерите разговараа и за одржувањето на специјализираната меѓународна изложба ЕКСПО 2027 во Белград, на која ќе биде соодветно претставена и Република Северна Македонија.