Започна неформалниот состанок на лидери на НАТО сојузници од регионот, на кој во поширок контекст тема ќе бидат безбедносните прашања и Западен Балкан, како и руската воена агресија против Украина и активностите во регионот. Домаќините, премиерот Димитар Ковачевски и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, ги пречекаа претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ, и премиерите на Албанија и на Црна Гора, Еди Рама и Милојко Спајиќ.
Во изјава за медиуми пред почетокот на состанокот, премиерот Димитар Ковачевски, истакна дека тоа што нашата држава е домаќин на овој состанок ја потврдува нашата улога како фактор на безбедност во регионот, меѓутоа и како земја членка на НАТО која што е една од членките кои целосно и посветено се насочени кон исполнување на своите обврски како дел од НАТО-Алијансата.
– На денешниот состанок ќе разговараме за регионалните безбедносни прашања, меѓутоа секако дека ќе ги разговараме и заклучните теми во однос на војната во Украина, конфликтот што се води во појасот Газа, како и за сите други прашања кои се однесуваат на градење на долгорочен мир, стабилност и безбедност во нашиот регион, меѓутоа и во Европа и светот, истакна премиерот Ковачевски.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој е во официјална посета на Скопје, ја посочи Северна Македонија како земја која е успешна во многу работи, вклучително, како што рече „и успешно мултиетничко општество, кое им демонстрира на регионот и на светот дека луѓе со различна позадина можат да живеат заедно на мирен начин“.
– Северна Македонија е високо вреднувана алијанса и тоа се гледа од фактот дека самитот на НАТО лидери денеска се одржува тука. Ќе дискутираме за безбедноста со лидерите, но и ќе се осврнеме на предизвиците со кои се соочуваме надвор од границите на овој регион, рече Столтенберг.
Тој го поздрави и договорот помеѓу Хамас и Израел кој, како што рече би требало да доведе до ослободување на заложниците и ќе овозможи доставување на хуманитарната помош.
Поради здравствени причини, како што информираа од Владата, премиерот на Република Словенија – Роберт Голоб, нема да биде во можност да присуствува.
Црногорскиот премиер Спајиќ, на пристигнувањето изрази задоволство што неговото прво патување е на НАТО самит во Северна Македонија, која како што нагласи, е во срцето на Балканот и ги покажува заложбите на Алјансата на Балканот.
-Ни претставува чест што сме дел од оваа Алијанса и ќе продолжиме да ја поддржуваме и градиме кредибилно и активно НАТО партнерство, изјави Спајиќ.
Албанскиот премиер Еди Рама, на пристигнувањето, изрази задоволство што сите од регионот се заедно денеска, во едно турбулентно време за светот, со кризи кои имаат потенцијал да го зафатат и нашиот регион.
-Треба да се фокусираме на одбрана на тоа што веќе го имаме, што можеби не е најквалитетниот мир, но е мир. Мир, што треба да ги зајакнеме и сите треба да се фокусираме на постигнување на целосен мир и заеднички да напредуваме, порача Рама.