Пишуваат: Еро, Мортазави, Салехи-Исфахани и Синан Улген / Project Syindicate
Малку конфликти вклучуваат само двајца актери, а војната меѓу Израел и Хамас не е исклучок. Од Иран и неговите довереници до арапските поддржувачи на Палестинците, како и Турција, владите низ Блискиот Исток внимателно калкулираат како да одговорат на конфликтот.
Во однос на ова Големо Прашање, за Project Syndicate анализираат: Комфорт Еро, Негар Мортазави, Џавад Салехи-Исфахани и Синан Улген.
КОМФОРТ ЕРО
Постои голем ризик војната да се прошири пошироко од Газа. Три потенцијални невралгични точки заслужуваат посебно внимание.
Прво, либанската шиитска милиција и политичката партија Хезболах, која е тесно усогласена со Иран, би можеле да се соочат со Израел. Хезболах е најмоќната политичка партија и воена сила во Либан и веќе се судира со израелските одбранбени сили (ИОС) долж заедничката граница на земјата. Досега, се чини дека размената е калибрирана за да се справат со ризикот од ескалација. Но, ако нападите „мило-за-драго“ резултираат во значителни цивилни жртви, ситуацијата би можела да излезе од контрола, со војна меѓу Хезболах и Израел која потенцијално би можела да ги вовлече Иран и Соединетите Држави.
Второ, нападите од други групи поддржани од Иран против американските сили во Сирија и Ирак би можеле да ескалираат во војна која повторно ќе ги стави Иран и САД еден против друг. Групите кои заедно се познати како Исламски отпор (Мукавама Исламија) ја презедоа одговорноста за нападите со беспилотни летала и ракети врз базите во Ирак, каде се стационирани американски сили. На 26 октомври и 8 ноември, САД возвратија на објекти во Сирија. Повторно, се чини дека ниту една страна не сака ескалација, но значителен број на жртви би можело да ја промени равенката и да го зголеми ризикот од регионална војна.
Трето, може да се отвори уште еден борбен фронт на територијата окупирана од Израел. Повод за ова може да бидат континуираните напади од страна на еврејските доселеници на Западниот Брег, на кои израелската влада им дава сé повеќе одврзани раце.
Најочигледниот начин да се намали веројатноста од поширока војна е да се постигне деескалација во Газа. Засега, ниту Израел ниту Хамас се чини дека ќе се согласат на траен прекин на огнот. Но, договор на Хамас за ослободување некои израелски заложници во замена за пауза во борбите може барем да купи малку време за дипломатија. Нема ниту еден добар одговор на прашањето што да се прави со Хамас долгорочно. Далеку од јасно е дека операциите на Израел може да ги уништат воените способности на групата, а цената во цивилни животи е веќе превисока. Срамнувањето на делови од Појасот Газа, убивајќи илјадници – па дури десетици илјади – невини Палестинци и ризикувањето на регионална војна нема да го направи Израел побезбеден долгорочно.
НЕГАР МОРТАЗАВИ
Ненадејниот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври и последователното бомбардирање на Газа од страна на Израел брзо и драматично ја променија регионалната динамика низ Блискиот Исток. Конфликтот веќе однесе над 11,000 животи на двете страни, од кои речиси половина се деца, а војната лесно би можела да се прошири во други земји и да вовлече различни државни и недржавни актери во регионот.
Војната, исто така, го стави на мраз во критичен момент Договорот на Абрахам, кога Соединетите Држави се обидуваа да посредуваат за дипломатска нормализација меѓу Израел и Саудиска Арабија. Тековната војна го прошири јазот меѓу арапските монарси и поширокото арапско население, доведувајќи ја во прашање иднината на целиот арапско-израелски проект за помирување.
Како регионален играч, позицијата на Иран во ова ново опкружување е повеќеслојна. Додека владата на Иран е долгогодишен поддржувач на Хамас, а иранските лидери беа со пофалба за нападот на групата од 7 октомври, Исламската Република нема никаков интерес да биде вовлечена во разорна војна на Блискиот Исток. А секако не е заинтересирана за директна конфронтација со САД, најсилниот сојузник на Израел.
Иран со тоа внимателно маневрира и на воен и на дипломатски фронт. А паравоените групи кои ги поддржува во Либан, Ирак и Јемен, и покрај тоа што неодамна имаа престрелки со Израел, се чини дека ги калибрираат своите акции за да избегнат нови фронтови и претворање на конфликтот во целосна регионална војна. Нивниот внимателен пристап се одразува во официјалните изјави на иранските лидери и повторно одекнаа во минатонеделниот говор на лидерот на Хезболах, Хасан Насралах.
Иако Иран и САД не сакаат голема војна на Блискиот Исток, сепак, случувањата на терен имаат потенцијал да ескалираат брзо, правејќи го незамисливото неизбежно.
ЏАВАД САЛЕХИ-ИСФАХАНИ
Најверојатниот развој на настани што би го проширил конфликтот надвор од Газа би бил одлука на Иран дека Хезболах треба да влезе во војна. Најубедливиот показател дека ова е сосема малку веројатно дојде во говорот на Насралах од 3 ноември, во кој тој го пофали Хамас за неговата способност сам да го конфронтира Израел и му аплаудираше на Хезболах за тоа што го одвлече вниманието на Израел од неговата кампања во Газа со ангажирање на ИОС во јужен Либан. Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, исто така, негираше вмешаност во планирањето на нападот на Хамас, иако иранските лидери се среќни што преземаат заслуга за обуката и обезбедувањето оружје за борците на Хамас.
Постојат добри причини да се верува дека Иран има одлучено да не влегува во конфликтот директно. За почеток, „Оската на отпор“ предводена од Иран (што ги вклучува Хезболах и Сирија) претставува критичен дел од долгата игра на Иран и мора да се зачува. Понатаму, Иран верува дека конфликтот – особено израелскиот брутален одговор кон нападот на Хамас и поддршката на Америка за тоа – го оправда неговото стратешко спротивставување на Израел и САД во очите на муслиманскиот народ и ги посрамоти арапските лидери кои им дозволија на САД да ги водат кон нормализирање на врските со Израел.
Истовремено, Иран не сака да го загрози сопствениот неодамнешен напредок во поправањето на односите со арапските земји, како што е приближувањето со Саудиска Арабија со посредство на Кина, или пак да ги наруши неговите продлабочени врски со Русија и Кина. (На почетокот на 2024 година, Иран, заедно со пет други земји, ќе се приклучи на групата БРИКС , составена од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка). Доколку Иран одлучи да ја прошири војната, додека неговите нови пријатели се обидуваат да ја сопрат, неговите напори за избегнување меѓународна изолација може да бидат залудни.
Конечно, избегнувањето на војната е од суштинско значење за домашната агенда на режимот. Од изборот на претседателот Ебрахим Раиси пред две години, неговите конзервативни истомисленици се борат да го исполнат своето ветување дека ќе ја поправат економијата. И покрај речиси 9% раст на БДП и значително подобрување на приходите, инфлацијата изнесува 30%, а земјата е сé уште оптоварена од меѓународните санкции. Неодамнешниот раст на извозот на нафта, што го поттикна скромното закрепнување, може да не трае доколку САД и Обединетите нации ги заострат санкциите. Конзервативните лидери на Иран имаат потреба од одржлив силен раст за да го смират младото, немирно население. Регионална војна не е начин како да се постигне тоа.
СИНАН УЛГЕН
Има многу причини да се мисли дека војната ќе се прошири, почнувајќи од степенот на човечката трагедија што се одвива во Газа, до нестабилноста на регионалните односи, до капацитетите на милитантните групи како Хезболах. Но, таквата ескалација допрва треба да се оствари. Ова може да е делумно поради тоа што Соеднитетите Држави напорно работат на ограничување на нарушувањето на регионалниот ред, а Турција директно се ангажираше со иранското раководство за спречување на регионална ескалација. Но, уште поважно од овие дипломатски иницијативи се калкулациите во Газа, Бејрут, Тел Авив, Техеран и пошироко.
И покрај спротивставените цели, релевантните државни и недржавни актери имаат тенденција да веруваат дека ескалацијата не би им служела на нивните национални интереси, иако сегашниот нестабилен еквилибриум може да заврши ненадејно. Оваа кревкост го одразува институционалниот неуспех. За разлика од други региони, Блискиот Исток нема мултилатерална безбедносна архитектура или институција што може да ги контролира или управува кризите.
На регионот му е потребна сопствена верзија на Хелсиншкиот договор од времето на Студената војна, според кој советскиот и западниот блок официјално го прифатија статус-квото по Втората светска војна во Европа. Таквиот договор може, меѓу другото, да ѝ понуди на Палестина мултилатерална гаранција, како што Турција се залагаше. Без таков договор, Блискиот Исток значително зависи од надворешни актери како САД, за управување со регионалните кризи, оставајќи го ранлив на каприците на политиките и националните интереси на овие актери.
На крај, целта треба да биде создавање на Организација за безбедност и соработка на Блискиот Исток. Војната меѓу Израел и Хамас – што го зголемува вистинскиот ризик од катастрофален регионален конфликт – е импулсот кој му е потребен на таквиот напор.
Комфорт Еро е Претседател и Извршен директор на Меѓународната кризна група.
Негар Мортазави, уредник и водител на „Иран подкаст“ е виш соработник во Центарот за меѓународна политика.
Џавад Салехи-Исфахани пишува за Project Syndicate од 2023 година.
Синан Улген, поранешен турски дипломат, е Директор на аналитичкиот центар ЕДАМ со седиште во Истанбул и визитинг научник во Карнеги Европа.
Превод: Н. Цветковска
Текстот е преземен од Project Syndicate и објавен на FRONTLINE. Линк до оригиналот: Will the Israel-Hamas War Spread. Понатамошно преземање не е дозволено без писмена дозвола од Редакцијата.