Пишува: ЗОРАН ЗАЕВ
Зборот „цивил“ значи граѓанин или граѓанско лице. Самото значење на тој збор во насловот на граѓанската организација, која успешно постои и делува безмалку четвртина век, укажува на нејзината определба да работи во интерес на граѓаните, како најважни чинители во едно општество. ЦИВИЛ веќе 24 години верно опстојува на таа своја определба, не дозволувајќи влијание од разните субјекти кои ја сочинуваат нашата политичка сцена. Тоа е за почит и внимание. Тоа треба да биде вистински урнек за сите оние кои преферираат да бидат активни граѓани и да се вклучат во борбата за слободно и праведно граѓанско општество.
ЦИВИЛ – Центар за слобода и ЦИВИЛ МЕДИА како медиумска платформа, се две сродни души кои имаат една единствена благородна цел – општество какво што сите заслужуваме.
Во ова време, кога сите сме сведоци на повторно повампирување на национализмот во земјава, па и надвор од неа, ЦИВИЛ и ЦИВИЛ МЕДИА отворено се бори за толеранција, мултикултурализам, соживот, разбирање, мирољубивост и градење мостови на пријателство и соработка.
Во време кога сè поголем замав земаат дезинформациите, лажните вести и говорот на омраза, ЦИВИЛ и ЦИВИЛ МЕДИА се на страната на вистината, преземајќи одговорност и силни заложби за слободни медиуми во слободно општество, вклучување на граѓанските новинари во делот на информирањето, взаемно почитување на различните мислења и ставови и достоинствен дијалог.
Ако кон сето тоа се додадат и активностите поврзани со родовите прашања во нашето општество, поддршката на граѓанските организации, јакнењето на граѓанската свест, универзалните човекови права и слободи и афирмацијата на слободната мисла и демократските принципи, тогаш не е тешко да се заклучи дека севкупното делување на ЦИВИЛ и ЦИВИЛ МЕДИА е во функција на посакуваниот прогрес на Република Северна Македонија.
Таквите заложби се блиски до моите принципи, сфаќања и стремежи, па токму затоа посакувам ЦИВИЛ да придодаде уште многу успешни години на овие 24 кои ги слави.