Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не ја отфрли можноста за коалиција со партијата Левица со цел формирање влада по изборите, рече тој одговарајќи на прашање во „Само интервју“ на Канал 5.
Запрашан дали би коалицирале со Левица и покрај нивните анти-ЕУ и анти-НАТО ставови, а декларативната про-ЕУ и про-НАТО насоченост на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски рече дека во политиката никогаш не треба да се вели никогаш.
„Никогаш во политиката не велете никогаш. Тие вредности се ставаат на маса и се прави политички договор, дали ги делиме тие вредности или не ги делиме. Некои вредности ќе доминираат, некои ќе исчезнат. Тоа е политички дијалог што се прави по изборите“ рече Мицкоски.
Со ова лидерот на најголемата опозициска партија наговестува дека за доаѓање на власт е подготвен да се откаже од стратешките цели на државата и декларативните заложби на неговата партија за членство во ЕУ, преку коалиција со партијата која во своите програмски заложби е против евроатлантските интеграции на земјава.