Четиридневниот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, склучен во рамки на договорот што стапи во сила во петокот, ќе биде продолжен за два дена, објавија Катар и палестинското движење Хамас, овозможувајќи ново ослободување на заложниците од Појасот Газа и палестинските затвореници од израелски затвори.
Израел се уште не се огласил за продолжување на примирјето, но Белата куќа потврди дека и Израел и Хамас се договориле за продолжување на примирјето, пренесува Скај њуз.
Додека првичниот договор истекува утре во 05:00 часот по Гринич, „Катар објави дека е постигнат договор за продолжување на хуманитарниот прекин на огнот во Појасот Газа за два дена“, напиша на Х катарскиот министер за надворешни работи Маџед Ал-Ансари.
The State of Qatar announces, as part of the ongoing mediation, an agreement has been reached to extend the humanitarian pause for an additional two days in the Gaza Strip.
— د. ماجد محمد الأنصاري Dr. Majed Al Ansari (@majedalansari) November 27, 2023
Хамас потврди дека прекинот на огнот ќе биде продолжен до четврток во 05:00 часот по Гринич. Палестинското исламистичко движење објави во соопштение за медиумите „договор со катарските и египетските браќа за продолжување на привременото хуманитарно примирје кое ќе трае уште два дена под истите услови како и претходниот прекин на огнот“.
Договорот за прекин на огнот, постигнат со посредство на Катар со помош на САД, стапи во сила во петокот и предвидува ослободување на 50 од речиси 240 заложници земени од Хамас во замена за ослободување на 150 палестински затвореници од затворите во Израел.
Двете страни веќе ослободија одреден број луѓе, стотици камиони со хуманитарна помош влегоа во Газа, а за денеска е предвидена нова размена.
Претходно, ЕУ, НАТО и американскиот претседател Џо Бајден повикаа на продолжување на прекинот на огнот.
Израел претходно соопшти дека по четиридневната пауза, секој дополнителен ден ќе бара ослободување на десет заложници, во замена за 30 палестински затвореници.
Г. Т.