Нова група заложници, држени во Појасот Газа, беше ослободена во вторникот, бидејќи примирјето меѓу Израел и Хамас се продолжи во петтиот ден. Последниот ден е предвидено да биде денеска( среда), иако во тек се дипломатски напори да се одржи примирјето, пренесува Си -Ен-Ен.
Во меѓувреме, израелските одбранбени сили соопштија дека се подготвуваат да ја обноват својата воена кампања против Хамас кога ќе заврши примирјето.
Хамас во вторникот ослободи уште 12 заложници – 10 Израелци и двајца тајландски државјани, според ИД и кабинетот на израелскиот премиер. Некои од Израелците имаат двојно државјанство, соопшти Форумот за семејства на заложници и исчезнати лица во Израел. Ниту еден Американец не беше ослободен, иако Белата куќа претходно соопшти дека две жени се очекува да бидат ослободени како дел од договорот објавен меѓу Израел и Хамас минатата недела.
Во согласност со договорот за примирје, вкупно 30 Палестинци беа ослободени во вторникот од израелските затвори во Дамон, Мегидо и Офер, соопшти израелската затворска служба. Автобус за кој се верува дека превезувал дел од ослободените Палестинци пристигна на окупираниот Западен Брег.
Договорот меѓу Израел и Хамас беше продолжен во понеделникот за два дополнителни дена. Сега Хамас „се стреми да го продолжи примирјето“, рече член на политичкото биро на милитантната група. Гази Хамад рече дека Хамас ги користи сите карти што ги има во преговорите. Во вторникот, петтиот ден од паузата, Хамас и Израел се судрија во северниот дел на Газа – престрелка за која двете страни рекоа дека е прекршување на тековниот договор.
Д. Т. / Цивил Медиа