ОБСЕ е безбедно. Ние ја спасивме организацијата и нејзината функциналност, за луѓето. Сите членки се согласија за изборот на Малта како следен претседавач и за продолжување на мандатите на генералниот скретар и на трите институции во рамки на Организацијата, изјави актуелниот претседавач на ОБСЕ и шеф на дипломатијата Бујар Османи на завршната прес-конференција на 30. Министерски совет на ОБСЕ што изминатите три дена се одржа во Скопје.
Тој и честиташе на Малта изразувајќи благодарност за преземање на оваа мисија во предизвикувачки времиња, како и за посветената работа на генералната секретарка и високите претставници за национална малцинства и за слобода на медиуми и на шефот на Канцеларијата на ОДИХР, посакувајќи им упешно да ја продолжат работата.
-Ова е најголемиот политички настан на наше тло и овој состанок се случи во вонредно време, кога сме сведоци на постојани напади, на војна против Украина и човечкото страдања. На многу начини историјата се повторува. Предизвиците се и денес и утре. Овде на Балканот се двоумиме да ги наречеме работите историски, но овој Министерски совет веќе е наречен историски. Руската агресија врз Украина ја доведе во прашање европската безбедносна архитектура, но исто така го доведе во прашање постоењето на самата Организација, затоа овој совет е револуционерен, рече Османи.
На новинарско прашање дали имало „пазарење“ со Русија во постигнувањето на договорите на Министерскиот состанок, Османи рече дека компромисот е во сржта на Организацијата и изрази задоволство, што во ваква тешка година се донесени одлуки со едногласност, при тоа подвлекувајќи дека нема пазарења со вредностите на Организацијата.
-Ние бевме гласни во осудувањето на руската воена агресија, но исто така го претворивме ОБСЕ во платформа за правна одговорност на Русија. Немаше тргување со принципите на Организацијата, рече Османи.