Министерството за внатрешни работи информира дека против Љупчо Палевски Палчо осомничен за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, во минатото биле поднесени серија кривични и прекршочни пријави.
„Поради поставени прашања од поголем број медиуми во врска со Љ.П., осомничен за убиствата на В.Ѓ. и П.Ж., за тоа какви пријави се поднесени против него во претходниот период, ја информираме јавноста дека во 2019 година е поднесена кривична пријава за неовластено прислушкување и тонско снимање, а во текот на 2019 година поднесени се прекршочни пријави поради омаловажување на полициски службеник. Во 2020 година е поднесена кривична пријава за недозволено држење на оружје или распрскувачки материи и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. Во 2005 година е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и посебни случаи на фалсификување исправа, во 2002 година за лажно пријавување на кривично дело, а во 2000 година за даночно затајување“, се наведува во соопштението од МВР.