Европскиот Совет денеска донесе одлука за продолжување на санкциите кон поединци и субјекти одговорни за сериозни прекршувања и злоупотреби на човековите права ширум светот за уште три години, до 8 декември 2026 година.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел со Глобалниот режим на ЕУ за рестриктивни мерки за непочитување на човековите права во моментов се опфатени 67 физички и правни лица и 20 субјекти.
На физичките лицата опфатени со режимот на санкции им е забрането патување на територијата во ЕУ. Дополнително на сите лица и субјекти им е замрзнат имотот во земјите членки на Унијата и забрането е да им се доставуваат или ставаат на располагање средства од страна на ентитети од ЕУ.
– Со денешната одлука ЕУ ја потврдува посветеноста за осуда на прекршувањата и злоупотребите на човековите права со сите инструменти што и се на располагање, а истовремено нагласува дека човековите права се универзални, неделиви и меѓусебно зависни и поврзани, се наведува во соопштението на Европскиот совет.
Глобалниот режим на ЕУ за санкции за непочитување на човековите права е воспоставен на 7 декември 2020 година и тој и овозможува на Унијата да презема мерки против поединци, организации и субјекти ширум светот, вклучително и државни претставници, одговорни, вклучени или поврзани со сериозни прекршувања и злоупотреби на човековите права.