Пишува: АТАНАС КОСТОВСКИ / СЛОБОДЕН ПЕЧАТ
Завршниот аплауз во светски адаптираната „Борис Трајковски“ за потребите на самитот, значеше дека нашата Македонија беспрекорно го одработи едногодишниот претседателски мандат со ОБСЕ.
Нашиот министер за надворешни работи, конечно, преспа неколку спокојни ноќи. Низ брановитите светски води, бродот на ОБСЕ под македонско знаме успеа да го вкотви во малтешката престолнина Ла Валета, со сите 57 патници и платен екипаж за следните девет месеци. Од нашето Скопје, за жал, за оние што и натаму велат дека убивањата и бомбардирањата не се „војна“, сите патници „консензуално“ го продолжија патувањето кон Ла Валета.
Честитки министре, за едногодишното кормиларење со ОБСЕ, честитки до комплетната екипа на Министерството за надворешни работи, на нашата Влада, на скопјани што ги прифатија сите препораки за време на одржувањето на Министерскиот совет на ОБСЕ. Завршниот аплауз во светски адаптираната „Борис Трајковски“ за потребите на самитот, значеше дека нашата Македонија беспрекорно го одработи едногодишниот претседателски мандат со ОБСЕ.
Веројатно секогаш може и подобро.
Во нашите услови, понудивме терен и можности на квалитетно ниво, драгите ни гости имаа шанси, ако сакаат, да се среќаваат, разговараат, дебатираат, другаруваат… Некои се видоа, други се разминаа, трети, пак, не сакаа да се слушаат… и натаму безбројни причини, зашто сите сакаат и натаму да плови бродот на ОБСЕ.
Нашата држава одлично ја исполни својата едногодишна обврска на ОБСЕ. Така истакнаа гостите, ние пак ќе продолжиме со она, во стар стил – премногу народни пари поарчивме, а не роневме солзи за нашите домашни маки и проблеми. Пред, за и по деновите на Министерскиот совет, почувствував како да сум дел од едно општество за сите, еден етнички Албанец ме направи горд Македонец!
Благодарам Бујар!