Пишува: СЛАВИЦА АНАСТАСОВСКА
- Вовед
Во современиот свет, јавното мислење во голема мера се гради врз основа на информациите кои се пласираат од страна на медиумите, затоа неретко се вели дека тие претставуваат четврти столб на демократијата. Наративот кој се повторува добива голема важност, додека пак реалноста за која не се известува, исто како и да не се случила. Оттаму, одговорноста на новинарите како креатори на јавното мислење и медиумите е голем.
Во реалноста, поради големата моќ која ја имаат медиумите, тие неретко се користат како оружје одредени групи или поединци да се заплашат, етикетираат, демонизираат, дехуманизираат и омаловажат, а пак од друга страна да се контролира умот на масата, да се манипулира и да се одржи одреден наратив на агенда.
Со развојот на технологијата, користењето на интернетот како и на социјалните мрежи, сè повеќе сограѓани го користат овој модел на информирање. А денес, со помош на социјалните мрежи секој поединец може самиот да биде медиум и да пренесува и објавува информации. Така, според теоретичарите, под ,,медиуми и медиумски простори” се подразбираат: интернет порталите, печатот, радио и телевизиските информативни емисии и социјалните мрежи[i]
Хелсиншкиот комитет за човекови права, согласно својот мандат за заштита на човековите права во Република Северна Македонија, го следи известувањето од страна на медиумите и дискурсот на социјалните мрежи, особено кога станува збор за известувања кои се однесуваат или се во релација со маргинализирани групи и ранливи групи на граѓани, со посебен фокус на говорот на омраза и вознемирувачкиот говор.
Така, во периодот од 1 јануари до 15 ноември 2023 година, одредени настани придонеле за зголемување на нетрпеливоста и раздорот во нашата земја. За овој период, регистрирани се вкупно 987 случаи, 527 врз основа на етничка припадност, 272 врз основ на сексуална ориентација и родов идентитет, 222 врз основа на национална припадност, 122 врз основа на политичка припадност и 69 врз основа на пол и род.
Генералната оценка од нашиот мониторинг е дека нашата држава е место каде што живеат граѓани кои имаат вкоренети предрасуди и стереотипи, во степен на развиен анимозитет кон одредени групи на лица. Ваквата емотивна и ментална состојба придонесува за застапеност на говорот на омраза, кој пак се рефлектира во нетолеранција и нетрпеливост, а не отсуствува и насилството од омраза.
Методологија
Оваа анализа има за цел да ја потенцира важноста на медиумите во градењето на едно демократско општество, но и да ги посочи прекршувањата на човековите права од страна на медиумите, да ја анализира состојбата која придонесува за зацврстување на предрасудите и стереотипите низ призма на прекршување на Етичкиот кодекс на новинарите, како и придонесот на медиумите и социјалните мрежи за ширење на говор на омраза и вознемирувачки говор.
Методолошката рамка опфаќа деск-анализа, студии на случаите регистрирани на веб платформата www.govornaomraza.mk и правна анализа, за период од 01.01 2023 до 15.11.2023 година. Според нашата анализа, справувањето со онлајн порталите и социјалните мрежи останува најголем предизвик. Од тие причини, оваа анализа ќе се фокусира главно на прекршувањата што се случуваат во онлајн сферата, со главен фокус на известувањата за родовите прашања, фимицидот, лицата со попреченост, Ромите и ЛГБТИК лицата.
Нетолеранцијата кон малцинствата
Нашите месечни и годишни анализи и извештаи покажуваат дека омразата е дел од нашето секојдневие, а таа се интензивира во зависност од политичко – општествените настани во земјата. Сепак, се чини дека нетолеранцијата кон одредени групи, во недостаток на соодветни политики и креирање на позитивни наративи, е особено видлива. Така, истражувањето објавено од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од ноември 2022 година за толеранцијата и вредностите на граѓаните во земјава, ги потврди нашите наоди. Имено, големо мнозинство граѓани (81%) не сакаат соседи припадници на ЛГБТИK заедница, над 50% не сакаат соседи Роми, лица со хендикеп. Особено е загрижувачки што младите се помалку толерантни од возрасните.[ii] Како резултат на ова, согласно нашиот мониторинг за злосторства од омраза, најчести жртви и сторители на кривичните дела од омраза се младите, како и припадници на различни групи етнички заедници[iii]
Анализа на прекршувањата и дискурсот во онлајн сферата
Советот за етика во медиумите (СЕММ), тргнувајќи од потребата за подобра и поефикасна примена на Кодексот на новинарите во онлајн сферата, даде соодветни толкувања и насоки за примена, кои претставуваат професионални упатства наменети за уредниците, новинарите и сите други креатори на содржини кои работат во онлајн медиумите, а со цел да помогнат во развивањето силен и кредибилен систем на саморегулација на онлајн медиумите и да го зајакнат независното, професионално и одговорно новинарско известување во онлајн сферата [iv]
Магичниот круг помеѓу создавање наратив од медиумите како и недоволната видливост на одредени групи, дискурсот на социјални мрежи, ширењето омразата, поттикнувањето дискриминација, говорот на омраза и на крај делата од омраза – е евидентен.
За целта на оваа анализа ќе дадеме краток осврт на медиумите, социјалните мрежи и маргинализираните групи.
1.1. Родово – базиран говор на омраза во онлајн сферата
Законот за спречување на насилство врз жени и семејно насилство[v] предвидува и ги обврзува медиумите да преземаат посебни превентивни мерки, и тоа во насока на водење сметка за подигање на свеста кај општата јавност за родово – базираното насилство врз жени и семејното насилство, промовирање на родовата еднаквост и елиминирање на стереотипите за родовите улоги.
Наспроти оваа обврска за медиумите во однос на превенцијата и подигање на свеста, бевме сведоци на ширење на пропаганда и дезинформации од страна на медиумите за предлог – законот за родова еднаквост.[vi]
Со ваквото известување, повреден е членот 2 од Кодексот на новинарите, односно Насоките за примена на членот 2 кои гласат: Онлајн медиумот, при известувањето секогаш ќе настојува да ги сослушаат и претстават сите спротивставени страни. Кога некој одбива да даде изјава тоа мора да се наведе во извештајот (..) односно се дознава причината поради која во известувањето недостасува одредено гледиште. Онлајн медиумите нема да прикриваат или премолчуваат важни информации, чие објавување би можело да влијае врз толкувањето или разбирањето од страна на читателите. Премолчувањето на фактите кои можат битно да влијаат врз формирањето на ставот за некој настан или личност е еднакво на намерно искривување на реалноста и создавање информации.
1.2. Жени-жртви на родово – базирано и семејно насилство во онлајн сферата
Студија на случај 1
На 14 ноември 2023 година беше објавена вест со наслов: „Приведен 47 годишен маж од Пробиштип, бидејќи ја силувал сопругата“. Содржината на веста беше преземена од Билтенот на МВР. Оваа вест беше споделена и на социјалната мрежа Фејсбук. Во коментарите под објавата беше забележан сексистички говор, одобрување на насилство и одбрана за насилникот. Елементарно непознавање и непрепознавање на родово – базираното насилство и семејното насилство од страна на општата јавност.
Медиумот, пак, со преземање на веста и додавање на сензационалистички наслов, прекршувајќи го Кодексот на новинари, не само што оставил простор за поединечно толкување, туку не ги модерирал коментарите и создал застрашувачка средина – не само за конкретната жртва, туку и за сите жени кои живеат во насилна средина и се соочуваат со сексуално насилство од страна на брачните партнери.
Наслов:
Содржина:
Коментари под веста на платформата Фејсбук:
Студија на случај 2:
На 6 јули 2023 година, порталот Гостиварпрес.мк објави содржина со наслов: „Девојка пријавила дека била обљубена во стан во Гостивар“[vii]. И во овој случај, под објавата на оваа вест на социјалната мрежа Фејсбук може да се забележи сексистички говор и одобрување на насилство.
Наслов:
Коментари под веста на платформата Фејсбук:
Онлајн медиумите се одговорни за редовно прегледување и брзо отстранување на коментарите на корисниците што се објавуваат под новинарските содржини на веб страниците или на социјалните мрежи, а коишто содржат говор на омраза и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици по општеството.
Ненавременото отстранување или неотстранувањето на коментарите придонесуваат за одвраќање на жртвите да пријават насилство и дополнително создаваат застрашувачка атмосфера.
1.3 Жени-жртви на фемицид во онлајн сферата
На Фејсбук страница на националната телевизија Канал 5 е објавен пост со содржина: „Четириесет и шестгодишна жена е почината од убоди со нож пред куќата во која живеела во Кочани“, и линк до веста објавена од порталот на телевизијата[viii].
Наслов:
Коментари под веста на платформата Фејсбук:
И во овој случај, коментарите се во насока на осуда на жртвата и промоција на насилството, што е спротивно на Етичкиот кодекс на новинарите, но и јавниот интерес, а може да претставува и кривично дело, доколку постои намера за ширење на омраза од страна на медиумот или на самите коментатори.
Во многу од медиумите при известување за родово – базираното насилство во својот најтежок облик- фемицид, не беше исполнета законската обврска за превенција и подигање на свеста и промовирање на родовата еднаквост и охрабрување на жртвите за пријавување на насилство.
1.4 Вести за ЛГБТИК заедницата и Парадата на гордоста во онлајн сферата
За време на месецот на гордоста во јуни 2023 година и организирањето на Парадата на гордоста, пропорционално со видливоста на ЛГБТИК заедницата се зголемува и омразата во онлајн сферата и на социјалните мрежи. Во овој месец беа забележани 105 случаи на говор на омраза поради сексуална ориентација и родов идентитет, со што говорот на омраза го достигна својот врв во тековната година.
Дијаграм за говорот на омраза, Извор: www.govornaomraza.mk
Интензитетот на омраза со кој се соочува оваа заедница е алармантен. Повиците за насилство и заканите за смрт се секојдневие во месецот на гордоста, за што и Хелсиншкиот комитет секоја година поднесува пријави до надлежните институции.
За каков говор на омраза станува збор, може да се види од овие примери од пријавени коментари на платформата Фејсбук:
Освен што беше забележано дека онлајн порталите не ги отстрануваат коментарите, дополнително беа споделувани интервјуа кои шират и промовираат дискриминација врз ЛГБТИК заедницата.
Такво беше интервјуто на лидерот на политичката партија Интегра, објавено на 11 април 2023 година. Тоа не беше единственото интервју од оваа политичка партија споделено од страна на медиумите. Така, на 12 јуни 2023 година, беше преземен и објавен текст со наслов: ,,Како никогаш до сега се бара конзервативна мисла и дело за да сопре безумието на ЛГБТ идеологијата”, за што Хелсиншки комитет испрати претставка до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и доби одлука за утврдено вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родово идентитет сторена од политичката партија Интегра.
Содржина на интервјуто споделено од медиумите на 11 април, 2023 година:
Поврзани вести:
- ИНТЕГРА: Непримерен притисок од американската амбасада врз јавноста со ЛГБТ+ медиумски кампањи | Вечер …1963 | Vecer MK
- ИНТЕГРА: Непримерен притисок врз јавноста со ЛГБТ+ медиумски кампањи (a1on.mk)
- Интегра: Непримерен притисок врз јавноста со ЛГБТ+ медиумски кампањи | NetPress
- Непримерен притисок врз јавноста со ЛГБТ+ медиумски кампањи – 24info.mk
За какви дискриминаторски ставови станува збор, може да се види преку дел од содржината на интервјуто:
„НЕ СМЕЕМЕ ДА ДОЗВОЛИМЕ ‘НЕНОРМАЛНОТО ДА СТАНУВА НОРМАЛНО’ А ‘НОРМАЛНОТО ДА Е ПОД МОБИНГ ОД НЕНОРМАЛНОТО’. ОВА ЗЛО МОРА ДА СЕ СОПРЕ И СОСЕЧЕ ВО КОРЕН, ПРЕД СЕ ПОРАДИ НАШИТЕ ДЕЦА, ВНУЦИ И ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ. НАША СВЕТА ДОЛЖНОСТ И ЗАДАЧА Е ДА ИМ ОВОЗМОЖИМЕ НА СЕГАШНИТЕ И ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ УСЛОВИ ЗА ПРАВИЛЕН РАСТ И РАЗВОЈ И ДА ГИ ВОСПИТУВАМЕ ВО НОРМАЛЕН И ПРИСТОЕН ПОГЛЕД НА СВЕТ’’ И ,,ИНТЕГРА ПОРАЧУВА ДА СИ ГИ ЧУВААТ НИВНИТЕ ‘НЕПРИРОДНИ’, ‘ПРОТИВПРИРОДНИ’ И ИЗВИТОПЕРЕНИ БЕЗУМИЈА ВО ПРИВАТНАТА СФЕРА И ДА ПРЕСТАНАТ ДА ГИ НАТУРААТ НА МАКЕДОНСКОТО ОПШТЕСТВО. ТОА Е ТРАДИЦИОНАЛНО, КОНЗЕРВАТИВНО И ВО СТРАВОТ ГОСПОДОВ СЕ ДРЖИ ДО БОЖЈИОТ УЗАНС ЗА ЧОВЕШТВОТО: БРАК ПОМЕЃУ МАЖ И ЖЕНА, ПОТОМСТВО ОД БРАК ПОМЕЃУ МАЖ И ЖЕНА, СЕМЕЈСТВО, РОДИТЕЛИ МАЈКА И ТАТКО, ПОЛ – МАШКО И ЖЕНСКО…”
Со пренесување на ваквите дискриминаторски ставови, медиумите сториле прекршување на членот 10 од Кодексот на новинарите (и Насоките дадени за онлајн медиумите) кој гласи:
„НОВИНАРОТ НЕМА СВЕСНО ДА СОЗДАВА НИТУ ПРЕРАБОТУВА ИНФОРМАЦИИ КОИ ГИ ЗАГРОЗУВААТ ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА ИЛИ СЛОБОДИ, НЕМА ДА ГОВОРИ СО ЈАЗИКОТ НА ОМРАЗАТА И НЕМА ДА ПОТТИКНУВА НАСИЛСТВО И ДИСКРИМИНАЦИЈА ПО БИЛО КОЈА ОСНОВА“.
Со пренесување на ваквата вест без да истакнат осуда и да ја едуцираат јавноста, дел од медиумите директно придонесуваат кон предизвикување на омраза, водејќи се од своите лични ставови и предрасуди, а во спротивност со практикувањето на човековите права.
Имајќи го предвид интензитетот на говор на омраза со кој се соочува оваа заедница, потребна е поголема застапеност на заедницата во медиумите со цел сензибилизација и едукација на пошироката јавност.
1.5 Содржини за Ромите во онлајн сферата
Ромите се една од најмаргинализираните групи во нашата држава. Стигмата и предрасудите кон нив никако да се срушат. Хелсиншкиот комитет во годишниот извештај за говорот на омраза на локално ниво од 2020[ix] и 2021 година[x], алармираше за говор на омраза кон Ромите, особено интензивен во градот Битола.
Застапеноста во медиумите на Ромите и известувањето за проблемите и потребите на оваа заедница во секојдневието е на многу ниско ниво. Всушност, во извештајот ,,Контекст на Ромите во македонските медиуми- Антициганизмот, дискриминација и говор на омраза“, како клучен наод е утврдено дека ромската заедница единствено е само периодично застапена во македонскиот медиумски простор. Констатирано е дека тој период е по повод 8 април, Светскиот ден на Ромите.[xi]
И во недостаток на видливоста на ромската заедница во медиумите, сепак, на социјални мрежи се сретнуваат објави кои ја дискриминираат и омаловажуваат оваа заедница, претставувајќи ја како штетна за општеството.
1.6. Лицата со попреченост во онлајн сферата
Република Северна Македонија ја ратификуваше Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост во декември 2011 година. Една од најзначајните одредби на оваа конвенција е членот 8, кој се однесува на Подигање на свеста за потребите на лицата со попреченост. Конвенцијата за истакнува потребата од преземање на мерки за борба против стереотипите, предрасудите и штетните практики во сите области на живеењето, како и промовирање свесност за способностите и придонесите на лицата со попреченост. Конвенцијата ја признава и ја истакнува улогата на медиумите и ги поттикнува сите медиуми да известуваат за проблемите и животот на лицата со попреченост на начин кој е доследен.
Потребен е поголем новинарски ангажман и поголема иницијатива на новинарите во идентификувањето теми поврзани со лицата со попреченост и нивно конзистентно покривање, сè до иницирање реакции од институциите и разрешување на евентуалните проблеми. Oва е само една од клучните препораки од анализата „Попреченоста во медиумското известување – огледало на општествените перцепции“[xii], во која се претставени првичните наоди од мониторингот на медиумите за застапеноста и за начинот на покривање на лицата со попреченост.
Имајќи ги предвид двата поодамнешни случаи за прекршување на човековите права на лицата со попреченост, случајот со ,,малата Ембла” од Гостивар и случајот ,,Тимјаник”, цениме дека предизвиците на лицата со попреченост не се доволно застапени во медиумите, од таму и малиот број случаи забележани на нашата платформа.[xiii]
- Препораки
Од изнесените случаи и третман на ранливите и маргинализираните групи на граѓани во медиумите и онлајн просторот, може да се извлечат неколку препораки.
На ниво на политики:
- Северна Македонија да донесе ефикасна легислатива за спречување и борба против говорот на омраза на интернет во согласност со меѓународните акти.
- Да се воспостави систем за саморегулација со цел модерирање на содржини на интернет, во согласност со меѓународните стандарди и упатства.
- Воспоставување ефикасен систем на санкционирање на порталите кои работат во спротивност со Етичкиот кодекс, како и изградба на механизам за справување со прекршувањата на човековите права во онлајн сферата.
На ниво на програми:
- Зголемување на капацитетите на новинарите за известувања на теми за родово – базирано насилство и теми од јавен интерес преку организирање обуки, едукативни програми и тренинзи.
- Зголемување на застапеноста на маргинализираните групи во медиумите, особено за родови прашања, лицата со попреченост, Ромите, како и за ЛГБТИК прашањата, сè со цел поголема видливост за предизвиците и проблемите со кои се соочуваат овие групи и сензибилизација и едукација на општата јавност.
(Авторката е правна советничка и проектна координаторка во Хелсиншки комитет за човекови права)
Преземено: СМК