Пишува: ЉУБОМИР ШОПОВСКИ
Еден куп талентирани фејсбук мудросери ја тераат теоријата дека неказнивоста е причина за двојното убиство. Голем дел од нив политичари, главно од ВМРО, а голем дел и „новинари“.
И едните и другите всушност си ја ишкаат мувата од капата.
Неказнивоста кај нормален човек не е доволна за убиство, дури и ако знае дека нема да биде казнет. Нормален човек не убива, не затоа што се плаши дека ќе биде осуден, туку затоа што моралните норми тоа не му го дозволуваат.
Се поставува прашањето кој одгледа такви тапоглавци, спремни да убијат за да дојдат на власт, или спремни да убијат за да дојдат до пари?
Прво што ми паѓа на памет е сликата на споменикот на вмровскиот идол Ќосето со исукан нож, кој сака да ни каже дека се додека се они на власт, ќе владее законот на ножот. Дали се сеќавате на убиството на Мартин Нешковски? Дали се сеќавате кога Валентина Божиновска ни кажа дека ножот ќе игра доколку некој друг се дрзне да дојде на власт, во онаа вечер на долгите ножеви? Дали се сеќавате на крвавиот 27 април, кога „спонтано“ насобраниот „народ“ се обиде да изврши крвав државен удар, кога Села за малку ја избегна смртта?
Дали се сеќавате како Гордана Јанкуловска се обидуваше да прикрие убиство? И дали се сеќавате какви сентиментални колумни ширеше „новинарската“ фела кога Гордана Јанкуловска излезе од затвор? Дали се сеќавате кога „новинарските“ потрчковци пренесуваа патриотски изјави од Игор Југ од затвор? Да, тој неуспешниот убиец имаше широк пристап до македонските медиуми. Дали забележавте со каква сласт ги пренесуваат „мудростите“ на пребеганиот криминалец од Будимпешта?
Епа другари, некој треба да ги сруши моралните вредности, а некој треба тој неморал да го прошири за да се дојде до ситуација каква што е сега. Неказнивоста не убива, убиваат ослободените ниски нагони.
Да да… Тоа се ВМРО и нивните потрчковци – новинарите. Да не се лажеме.