Од Самитот „ЕУ – Западен Балкан“ одржан на 13 декември во Брисел, нема ништо ново во однос на европската интеграција на Северна Македонија, поради одбивањето на ВМРО-ДПМНЕ и Левица да ги гласаат уставните измени.
Проруските и антиевропските сили го попречија процесот на европска интеграција на Северна Македонија, рече премиерот Димитар Ковачевски во четврток во Брисел, алудирајќи на противењето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и ултранационалистичката Левица – да ги одобрат неопходните уставни измени со кои Северна Македонија ќе чекори без пречки на патот кон ЕУ.
Од друга страна ЕУ уште еднаш ја повтори својата посветеност на европската перспектива на Западен Балкан заснована на кредибилни реформи.
Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека „единствен кочничар на државата е анти-ЕУ, анти-НАТО и про-руската коалиција на ВМРО ДПМНЕ и Левица“.
– Можевме да дојдеме и победнички, гласно и јасно да кажеме дека ние продолжуваме со отворање на поглавјата од сите кластери од преговорите со ЕУ и дека го продолжуваме нашиот евроинтеграциски пат. Но, се потврди дека единствен кочничар на државата е анти-ЕУ, анти-НАТО и про-руската коалиција на ВМРО ДПМНЕ и Левица. Нашите граѓани денес и конкретно можат да се уверат дека со овие политичари ќе бидат лишени од можноста забрзано да се приклучат на прогресивното европско семејство, изјави Ковачевски.
И шефот на дипломатијата Бујар Османи во честитката до Украина и Молдавија за почетокот на разговорите со Европската унија (ЕУ) нагласи дека „денес можеше да биде ден за славење и кај нас, но антиевропските темни сили држат во заложништво 2 милиони граѓани!“
– Честитки до Украина и Молдавија за почетокот на преговорите со Европската Унија. Денес можеше да биде ден за славење и кај нас за отворање на поглавјата, но антиевропските темни сили држат во заложништво 2 милиони граѓани. Уште малку!, се вели во објавата на министерот Османи на Фејсбук.
Сепак, премиерот Ковачевски во Брисел ја потврди својата посветеност за европската перспектива на Северна Македонија и дека во моментот кога ќе бидат одобрени уставните измени, ќе се одржи втората меѓувладина политичка конференција.
– Во Брисел за нашата држава имаше позитивни дискусии и натамошна поддршка од европските лидери за трасираниот пат на Северна Македонија кон Унијата. Тоа е многу јасно наведено и во заклучоците на ЕУ каде многу јасно е наведено дека Северна Македонија штом го исполни својот услов за спроведување на амандманите во уставот, веднаш ќе биде одржана втората меѓувладина конференција, подвлече Ковачевски.
Тој нагласи дека единствена алтернатива за Северна Македонија е ЕУ. „Ние од европскиот пат нема да се откажеме и отстапиме“ – потенцира тој.
На 19 јули 2023 година, Северна Македонија официјално ги отвори преговорите за членство со Европската унија, но тие беа прилично политички бидејќи разговорите за поглавјата се условени со одобрување на уставните измени. Северна Македонија доби статус на земја-кандидат за членство во ЕУ во 2006 година, но процесот на членство беше попречен од нерешените спорови со Грција и Бугарија.
Дестан Јонузи