Пишува: АНА ЧУПЕСКА
Во земјата во која има најмногу детективи по глава на жител и Фејсбук Поаровци и Мис Марпловки; во земја каде што, кој како стигне си коментира, исфрла грандиозни тези и хипотези; каде што секој се бави со секој друг и откако „уздуж и попреко” се истакнаа со „стручно” мислење за двократно убиство без грам чувство кон блиските. Сега, во оваа земја ете ја и наездата со нови анализи и “експертизи на новата тема”.
Па слушаме и читаме геостратешкиот налет на импресии правени по гранап методологија за одлуката на ЕУ во врска со асоцијативниот статус на Украина и Молдавија.
Во МАНУ, на пример, на тој свечен вергиниозен собир на менгелеевци, и по телевизии, убаво вели професорката Мирјана Малевска, официјално се „отвори војна кон ЕУ”. Следствено, низ јавниот простор ќе се стимулира евроскепсата сè повеќе и повеќе, со цел да се амортизира штетата што ја направи опозицијата со само-блокадата, и ќе се вперува прстот кон ЕУ, наместо кон сами себе. Ок. Очекувано. Но сепак, конзистентно деструктивно.
Многу деструктивно!
Извинете Патриоти-Евроскептици, ама мора малку и соочување, sorry !
Ќе мора малку и да се разочарате и ќе мора малку да се увиди дека актуелната евроскепса е всушност замаскирана МАКЕДОНОСКЕПСА; или кавер, екскјуз, и оправдание за најниското можно ниво на самопочит и самодоверба во својата држава.
Предлагам, прво да се погледнеме себеси, и да се потсетиме на несоборливите факти за она што се случуваше во изминативе година ипол
- Добивме преговарачка рамка која можеби и задира во нашата балканска суета, но, сепак рамката БЕНИГНО ја таргетира истата таа ВЕЛИКОМАЧЕНИЧКА СУЕТА со додавањето на другите народи во Уставот. И, ова е гола вода, компарирано со претходните налудничави барања на бугарската политика – сите тие беа ОТСТРАНЕТИ од Преговарачката Рамка.
- Не знам уште кој од ЕУ и САД не дојде и на кој уште јазик не ни кажаа (вклучително и на чист македонски) дека промената на уставот е нашата карта за ЕУ, ама јок бре брате, не допре тоа до некои политички фактори кои за жал имаат побитни работи од нашите ЕУ интеграции.
- Украина ниту стана, ниту во блиска иднина ќе стане членка на ЕУ, затоа што ова директно зависи од исходот од војната која ја води и чиј што крај сè уште е невидлив.
- Она со кафето на Орбан, што го третираме популарно како преседан, всушност беше покритие за него, затоа што паралелно со кафето – уследи и ВИСТИНСКО ВЕТО од негова страна спрема Украина. Имено, тој ја блокираше помошта од 52 милиони, со што суштествено го утепа Зеленски. Значи, симболично „ѓоа помогна” за статусот на асоцијација, а фактички ја закопа Украина со ветирањето на паричната помош (која патем сè повеќе се намалува како од ЕУ , така и од САД).
Накратко, трикот со кафето, беше оправдување и матење вода за реалното вето.
Поентата ми е дека, не може изолирано да се толкуваат процесите, само од нашата калимеро перспектива. А контекстот е таков што Путин преку Орбан , сепак успеа да ја ослабне Украина – независно што не изгледа баш така!
И вистинските анализи мора да ја земат предвид и ова перспектива.
- Ние, ни случајно, не би смееле да запаѓаме во дефетизам, заради тоа проклето празно столче. Затоа што и во наш интерес е Украина да има таков статус, кој ние го добивме на првата меѓувладина конференција, но, кој го само-блокиравме со уставните неизмени и сега не можеме да ја видиме Втората меѓувладина конференција на Советот.
- Конечно, Не дај Боже, да се споредуваме со Украина и Молдавија, кои се под непосредна закана од Путин. Иако, со оваа и претстојната евроскептична динамика овде, која влече со себе и високо ризични безбедносни предизвици – најдобро да си ја гледаме нашата работа и да си ја следиме нашата агенда и нашиот интерес.
Затоа, замолувам сите компарации со соседните земји, како и со Украина и Молдавија да ги оставиме надвор од нашите „аналитички” коментари, оти не само што не се релевантни, туку, и им одат во прилог на „третите мрачни страни “, затоа што имаат за цел да ја јакнат евроскепсата, пардон, Македоноскепсата, а со тоа да не одвратат од нашата стратешка цел.
Значи, со ладни глави и со аналитичка изостреност, со волја да се држиме до нашиот државен интерес пред сè, мора да се носат мудри одлуки кои ќе ни гарантираат подобар и поквалитетен живот тука, кај нас дома.
Полека со имресиите и скокање во ладна вода.
Полека и со вергина знамињата (во МАНУ го ставиле на говорницата?! Замислете!)