За повторно воспоставување на железничкиот сообраќај со Грција директорите на претпријатијата за железничка инфраструктура од двете држави треба да ги договорат натамошните процедури, најави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
На новинарско прашање дали Грција пројавила интерс за воспоставување железнички сообраќај со државава преку Меџитлија, Бочварски рече дека на средбата што ја имал минатата недела со грчкиот државен секретар за транспорт во Скопје од двете страни се потврдила политичка волја за повторно воспоставување на добра пракса и комуникација помеѓу двете држави.
-Од наша страна инфраструктурата е подготвена и останува на техничко ниво директорите на двете железнички претпријатија инфраструктура со свои работни групи да ја продолжат оваа комуникација и да ги утврдат сите натамошни процедури за да овој сообраќај повторно профункционира. Директорите треба да договорат термини и рокови, изјави Бочварски, по пуштањето на обновениот пат Битола-ГП Меџитлија.
Во однос на изградбата на брзата пруга Ниш Скопје повтори дека по завршување на изборните активности во Србија работните групи што се формирани ќе почнат со акциски план за заеднички настап за финансии и за инфраструктурното поврзување. Дополнително, обезбедени се средства за изградба на граничниот премин Табановце од наша страна, а ќе го користат двете држави.