На стратешките билатерални односи, за кои истакнаа дека се на толку добро ниво како никогаш досега, се осврнаа грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и американскиот државен секретар Антони Блинкен на нивната средба на Крит, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис и Блинкен се сретнаа синоќа во домот на грчкиот премиер во Ханиа на островот Крит, а разговарале за билатералните односи, за меѓународните и регионалните прашања со акцентот на случувањата на Блискиот Исток, за војната во Украина, како и за состојбата на Блискиот Исток.
На почетокот на средбата, државниот секретар на САД рече дека има многу пријатели Грци во САД и знае „што значи да примиш некого во својот дом и тоа значи многу“.
-Не паметам односите, партнерството, пријателството меѓу Соединетите Американски Држави и Грција некогаш да биле посилни. Секако, ова е поврзано со блиските односи меѓу нашите народи, но исто така и со лидерството, а особено со вашето лидерство. Ние сме благодарни за тоа. Обединети сме, соочувајќи се со некои од најсилните предизвици со кои сме се сретнале. Но, фактот што сме заедно, што соработуваме, без разлика дали станува збор за одбраната на Украина, дали тоа е мирот и стабилноста во Медитеранот, или за справување со ситуацијата на Блискиот Исток, во Газа или на многу други начини, ова претставува огромен извор на сила и уверување за Соединетите Држави, истакна Блинкен.
Грчкиот премиер од своја страна, порача дека го пречекува американскиот државен секретар „во момент кога билатералните односи се најдобри досега“.
-Во овие тешки и предизвикувачки времиња за регионот, за нас е исклучително важно да застанеме рамо до рамо, не само да работиме на дополнително зајакнување на нашите односи, туку и да дејствуваме како сојузници и да гарантираме дека мирот и стабилноста ќе се вратат во нашиот проблематичен регион, посочи Мицотакис.
По тет-а-тет средбата следеше и работен состанок на кој присуствуваа министерот за надворешни работи Јоргос Герапетритис, заменик-министерката за надворешни работи Александра Пападопулу, директорката на дипломатската канцеларија на премиерот, амбасадорката Ана Марија Бура и специјалниот советник за меѓународна политика и јавна дипломатија Аристотелиа Пелони.
Од кабинетот на грчкиот премиер информираа дека на средбата а средбата бил направен целокупен осврт на грчко-американските односи и дека во следниот период ќе има дополнителни позитивни чекори на полето на одбранбената соработка.
Мицотакис ја изразил неговата загриженост за хуманитарната ситуација во Газа и опасностите од проширување на кризата и ја повторил потребата од непречен проток на хуманитарна помош, додавајќи дека решението може да биде само политичко, врз основа на решението за две држави во согласност со резолуциите на ОН.
Блинкен во рамките на посетата на Блискиот Исток, од Турција на неколку часа допатува и во Грција, односно на островот Крит.
Извор: МИА