Албанскиот премиер Еди Рама најави нова промена во владата, формирање на државно Министерство за јавна администрација и антикорупција на чело со Адеа Пирдени, доктор по правни науки и актуелна заменик-министерка за правда.
Според Рама оваа промена доаѓа во време кога Албанија е во нова фаза на развој и работи на поглавјата од преговорите за членство во ЕУ, кои бараат нов пристап кон јавната администрација.
– Во оваа нова фаза од развојот на земјата и во услови кога Албанија работи на поглавјата од преговорите за членство во Европската унија, откако штотуку успешно го направи првиот чекор, потребен е нов пристап кон јавната администрација, што дополнително ќе ги зголеми конкурентноста на платите и квалитетот на нашите човечки ресурси, адресирајќи ги сите врски на процесот на нејзиното работење, од вработување до унапредување на вработените, разгледување со посериозно око и со поконсолидирана експертиза на организацијата на институциите, нивните структури и функции, работните процеси и интеракцијата меѓу нив, создавање подобри услови и одржливи механизми за мотивација и обука на нашиот корпус на државната служба, напиша Рама на платформата Х.
Исто така, додава тој правилно е што антикорупциските политики на Владата ќе бидат подобро усогласени меѓу институции, со барањата на предизвикувачкиот процес на преговори со ЕУ за сите институции во земјата, како и со граѓанското општество и самото претприемништво.
– Со цел да се промовира овој нов пристап и да се одговори на горенаведените предизвици, на Претседателот на Републиката му го испратив предлогот за одобрување на уште еден нов член на владиниот кабинет, како државен министер за јавна администрација и антикорупција. Оваа задача ќе ја извршува Адеа Пирдени, која во последните три години ја извршуваше функцијата заменик министер за правда и се истакна со своето лидерство и професионалност во улогата на заменик главен преговарач со Европската унија, нагласува Рама.
Ова доаѓа по неколку дена откако албанскиот премиер најави формирање на Министерство за економија, култура и иновации со кое ќе раководи Бленди Гонџе.
Со оваа промена во владата се преполови и одговорноста на Ервин Мете, само шест месеци откако стана министер за економија и финансии, кому му останаа само финансии а замина министерката за култура Елва Маргарити, која на оваа функција беше од 2018 година.
По потпишувањето на уредбата од страна на албанскиот претседател Бајрам Бегај, предлозите само формално ќе поминат на седница на Парламент, со оглед на тоа што владејачкото мнозинство го има потребниот број пратеници.
Извор: МИА