ЏАБИР ДЕРАЛА
Оние што ги создаваат и шират лагите и манипулациите, потоа и живеат во нив. Живеат и во лагите на оние за кои работат. Тие живеат во имагинарниот свет на сопствените лаги. Тоа се нарекува самозалажување. Што е тоа? Стенфорд енциклопедијата на филозофијата[i] дефинира:
„Самозалажувањето вклучува лице кое (а) како последица на некоја мотивација или емоција, се чини дека стекнува и одржува некое лажно верување и покрај доказите за спротивното и (б) кое може да покаже одредено однесување кое сугерира одредена свесност за вистината.“
Понатаму, како што објаснува овој теоретски прилог, филозофите што се занимаваат со прашањата на самоизмамата расправаат и околу тоа:
- дали самозалажувањето е намерно или не;
- дали самоизмамата е морално проблематична (и ако е, на кои начини и под кои околности);
- дали самоизмамата е корисна или штетна;
- дали и во која смисла колективите можат да се самозалажуваат (и како, ако можат да се самозалажат, тоа може да влијае на поединците во такви колективи);
- дали нашата склоност кон самоизмама би можела да биде социјално, психолошки или биолошки адаптивна или само случаен нуспроизвод на нашата еволутивна историја?
Голем број одговори даваат и правото и психологијата, но и тие отвораат и уште поголем број прашања и дилеми.
Во контекст на македонско-балканската, па ако сакате и глобалната реалност, добро е да ги дополниме овие студии со податокот дека мотивите за самозалажување кај моќните поединци и групи во општеството се парите и моќта (власта). Така, еден политичар или медиумски газда (и уредник или директор) кои креираат и шират лаги и манипулации, после некое време почнуваат да веруваат во имагинарниот свет кој го создаваат и им го наметнуваат на луѓето. Сепак…
Фактите остануваат факти, без оглед на тоа колку креаторите на лагите се обидуваат да ги искриват или скријат. Вистината избива на виделина, наспроти времето и ѓоновите што се обидуваат да ја прегазат.
Колективите (народот, што и да значи тој поим во вокабуларот на измамниците) во својата еволуција, исто така, успеваат да доживеат „катарза“ и да се соочат со болните вистини и катастрофални штети што ги предизвикале лагите и самозалажувањето.
Најчесто, тоа е доцна за многубројните жртви што ги предизвикале, следејќи ја лагата на оние што во своите раце ги имале инструментите за креирање и распространување на злото.
[i] Deweese-Boyd, Ian, "Self-Deception", The Stanford Encyclopedia of Philosophy (Fall 2023 Edition), Edward N. Zalta & Uri Nodelman (eds.), URL = <https://plato.stanford.edu/archives/fall2023/entries/self-deception/>.