Пишува: ДАВИД В. БЛАЈТ / Project Syndicate
На 6 јануари 2021 година, во Вашингтон, американскиот претседател Доналд Трамп, губитникот на изборите во 2020 година, славно се обрати на собирот на следбеници кои потоа се приклучија на толпата што го нападна американскиот Капитол. Иако беше неповрзан и недоследен, говорот на Трамп сепак направи неколку работи јасни: левичарите заговарале да ги украдат изборите со измама, а толпите повикани во Вашингтон во негово име ќе треба да „останат силни“. Импликацијата беше дека можеби е неопходно насилство, затоа што @никогаш нема да ја вратите својата земјата со слабост“.
Трамп тогаш го направи потпретседателот Мајк Пенс мета на колективен презир затоа што тој одби да го врати процесот на изборниот колегиум назад на државите. Ако „слабите републиканци“ не се засилат и не учествуваат во поништување на резултатите, Трамп вети, „ние…никогаш нема да заборавиме“. Во следните 4-5 часа, во најсниманиот настан во американската историја, светот гледаше како во насилство и спектакуларни лаги се раѓа нова „Изгубена кауза“.
Имало безброј Изгубени каузи во модерната историја, најчесто по поразите во војната, каде што поразените ја глорифицираат својата загуба како извор на гордост и споделуваат непријателство кон победниците. Три големи Изгубени каузи ја имаат погодено светската и американската историја. По нивниот крвав пораз во Француско-пруската војна од 1870-71 година, Французите покажаа меѓугенерациска културна потреба да ја одмаздат загубата.
Потоа, по поразот на Германија во Првата светска војна, нацистите добија сила со тоа што ги обвинуваа Евреите и левичарите, кои беа прикажани како „отрови“ во крвта на политичкото тело. А потоа, секако, беше и американскиот југ по Граѓанската војна, кога наративот на Конфедеративната изгубена кауза произведе моќна мешавина на извртена историја и идеологија на белата надмоќ.
Наративите на изгубената кауза понекогаш биле доволно моќни да изградат или уништат политички режими, да обликуваат национални и етнички идентитети и да пополнат пејсажи и споменици. Тие, пред сé, функционираат како моќни нови основачки митови, секогаш унапредувајќи ја политиката на незадоволство што се претвора во одмазда, а понекогаш и во победа. Веднаш по воената капитулација во 1865 година, облици на Конфедеративната изгубена кауза се вкоренија во Јужно општество обележано со физичко уништување, психолошка траума од пораз, отпор кон политиката на победниците за Реконструкција, расно насилство и – со текот на време – внимателно изграден сентиментализам.
Поточно, Конфедеративната изгубена кауза тврдеше дека Јужните војници покажале неисцрпна храброст и дека Југот навистина не изгубил, туку само подлегнал на супериорните бројки и ресурси. Јужните бели жени наводно ја поддржале каузата до горчливиот крај и помогнале да се зачува „вистинското“ сеќавање, поробеното црнечко население на Конфедерацијата наводно останало верно на своите сопственици и конечно, Конфедерациите никогаш навистина не се бореле за ропство, туку за „дом“, национален суверенитет и за правата на државите.
За да се одржи како јавна пропаганда, Изгубените каузи имаат потреба од чист наратив со јасно идентификувани злобници и херои. Понекогаш, тие се засолниште за болни души, друг пат, средството за моќ за дисциплинирано политичко движење. Изгубената кауза на Трамп, која сега е нововирулентна, додека тој води кампања за втор мандат и покрај повеќето обвиненија, се потпира на менито на поплаки кај незадоволните, давајќи им енергија на оние кои веруваат дека мултикултурната Америка опседната со „различноста“ е излезена од контрола, особено во однос на имиграцијата на мексиканската граница.
Некои се, исто така, цврсти верници во теориите на заговор за „измамата“ наводна извршена на изборите во 2020 година, како и други мрачни идеи за левичарски махинации на американските универзитети, на училишните одбори и во Демократската партија. За разлика од Конфедеративната изгубена кауза, верзијата на Трамп е еден вид гангстерски култ, полн со ритуали на лојалност кон еден човек и неговите планови да создаде авторитарна американска влада која ќе ја користи извршната власт за да ги постигне префернциите на неговите следбеници.
Изгубената кауза на Трамп, исто така, има свои маченици, вклучувајќи ги и стотиците осудени бунтовници – познати во движењето и од републиканските политичари како Елиза Стефаник, како „заложници“ – сега во затвор. Пред сé, се продава модел на политика и општество според кои фактите и доказите се ирелевантни. На митинзите на Трамп, конституционализмот е за губитници, историјата е само корисно оружје, а американското граѓанство е само забава, распоредено за присутните кои се желни да се препуштат на нивната омраза кон либерализмот, претставничката демократија и – во многу случаи – кон небелата Америка. Изгубената кауза на Трамп оттука е платформа која Републиканската партија ја има усвоено за да ги претвори овие приказни, лаги и забава во гласови. Победа или загуба, истата нема да умре.
Многу писатели се обидуваат да ни помогнат да се движиме во овие тешки времиња. Во новиот роман на Тим О’Брајан, Америка Фантастика, збир на несоодветни и отпишани злобници се впуштаат во серија незаконски бегства, вклучувајќи грабежи на банки и разни други облици на кражба. Читателот добива поглед на едно општество каде лажењето е сосема сеприсутно и каде „митоманија“ ја има зафатено земјата, предводена од „чудовиште“ на „ПОТУС“.
Барем во Конфедеративната изгубена кауза, белите јужњаци навистина мораа да издржат колосална жалост: речиси 300,000 луѓе лежеа во гробовите низ нивниот пејсаж, а поголем дел од нивното општество лежеше во урнатини. Трамповата жалост се чини дека е вкоренета во носталгијата водена од социјалните медиуми за едно идеално минато кое речиси никој го нема доживеано. Поддржувачите на движењето копнеат по исчезнат расен поредок, за свет на безбедни општествени идентитети зачувани од непознати, но омразени елити и по заедници кои не се исцедени од кохезија од страна на интернетот, пандемијата и економското раселување. Ним им треба нивната приказна повторно да биде голема.
Изгубените каузи може да ги претворат лагите во нешто актуелно и да коваат длабоки и трајни митови. Далеку сме од тоа да знаеме колку голема издржливост ќе има Трамповата изгубена кауза, без разлика на тоа дали тој ќе ги преживее кривичните пријави и изборната кампања. Она што го знаеме е дека веќе сме сведоци на неговите формативни години.
Давид В. Блајт е Професот по историја на Универзитетот Јеил и автор на Frederick Douglass: Prophet of Freedom (Simon & Schuster, 2018), добитник на Пулицеровата награда.
Превод: Н. Цветковска