Пишува: РИСТО ЏАНГОВСКИ
Експозитура на Комерцијална Банка на Стара Рампа.
Си чекам ред. Тројца пред мене.
Се учипуе еден фраер на вратата и…оп, пред мене у ред.
– Господине, колку шо ме држи меморијата, без „Билобил”, вие после мене дојдовте?
– Ама ти со грбот беше свртен.
– Е, добро де…а како треба да бидам свртен кога сум у редот? У профил? Анфас?
– Мислев дека само стоите.
– Да бе, дојдов да се згреам малку…да заштедам дома на греење.
– Добро, добро вие пензионерите имате многу обврски…
– Има правила бе чоек…(ме нанервира со она „пензионер”) а од кај знаеш дека сум пензионер?
– Паааа, така ми изглеаш.
– Грешка! Само така се чешлам…а ако веќе судиме по фризурите (репче врзал фраерот од 50-55 години) вие госпожа, уште колку имате до пензија?
Тука заврши муабетот.
Не го пуштив преку ред.
Платив тоа шо требаше да платам и додека го пакувам вирманот, го слушам муабетот на овој со репчето и благајничките.
– Да извадам.
– Сите?
– САМО петсто илјади.
Стискам то дугмето „притисни” и док го чекам она тиииииит си размислујам љубоморно:
„ваљда не се евра!?”
Од серијалот #КиселоВодскиМуабети