Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Александар Даштевски во интервју за МИА вели дека претстојните претседателски (24 април) и парламентарни избори (8 мај) ќе бидат успешно спроведени и оти очекува тие да поминат во демократска атмосфера. ДИК, вели Даштевски, подолго време се подготвува за изборите, коишто според него ќе бидат потешки бидејќи се двојни, но смета дека членовите и службата на ДИК се искусни и оти, дури и да не се избере уште еден седми член на Комисијата, тие ќе бидат успешни.
ДИК, покрај другото, потенцира Даштевски, постојано работи на ажурирање на Избирачкиот список и уште еднаш ги повикува граѓаните да ги проверат своите податоци или податоците на своите блиски и да ги пријават промените. Тоа тие можат да го направат преку веб – страната на ДИК (www.sec.mk) или во подрачните одделенија на Комисијата.
Во продолжение ви пренесуваме делови од одговорите на Даштевски во интервјуто за МИА. Државна изборна комисија, вели нејзиниот претседател, речиси пред една година ги започна подготовките за претседателските и парламентарните избори.