По повод 80 години од ослободувањето на градовите – државата, во Сојузот на борците, министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска денеска изразија благодарност и поддршка за тоа што токму тие овозможиле да живееме мирно во демократска држава.
Министерките зборуваа за соодветните активности поврзани со Сојузот на борци. Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, потенцираше дека за 2024 година министерството има издвоено 1.200.000 денари за Сојузот на Борци.
– Во ниту еден момент не размислувавме како МТСП да ги покриеме сите трошоци за да можете да продолжите функционално со вашата работа. Дали треба да ви овозможиме да имате ставка од буџетот со кој ќе го функционирате. Па така, за тековната 2024 година имаме предвидено 1.200.000 кои што се наменети токму за активностите на Сојузот на борците, рече таа.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, на трибината сподели дека во Националните установи од областа на културата, исто така, има издвоено ставка за тековно одржување на спомениците од НОВ и НОБ.
– Првата цел што си ја поставив како министерка е дека мораме да започнеме со реконструкција на спомениците од НОБ И НОВ, затоа што 30 години тие споменици не беа воопшто третирани и никој не се грижеше за нив. Затоа минатата година поправивме дел, оваа година продолжуваме со останатите. Во националните установи од областа на култура им е воспоставена ставка за тековно одржување, рече таа.
Петровска истакна дека успесите кои оваа држава ги има денеска, се благодарение на борците.
– Успесите кои оваа држава ги има денеска, членството во НАТО ви го должиме и вам. Точно е дека оние што сега се во Армијата и во Министерството за одбрана, сработија голем дел од таа задача. Меѓутоа, и вие имате голема улога во сето тоа. Дозволивте, помогнавте, направивте да се оствари една од најважните стратешки цели за нашата држава, сонот и ваш, и на нашите поколенија, рече министерката, дополнувајќи дека ќе се најдат простории за Сојузот кои, како што рече, ќе бидат репрезентативни.
На трибината се обрати и претседателот на Сојузот, Никола Стојановски кој ги поздрави присутните и се заблагодари на присуството и поддршката.