Постои политички договор предлог составот на техничката Влада, да биде доставен без имиња и презимиња на кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ, дознава „Фокус“ од извори во владејачката СДСМ.
– Сите предлози за составот на техничката Влада до Собранието ќе бидат поднесени, а позициите кои согласно законот треба да ги номинира ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат празни, без име и презиме. Не гледаме потреба ниту да ги предложиме, ниту пак пратениците од СДСМ, од парламентарното мнозинството да гласаат за предлозите на ВМРО-ДПМНЕ доколку тие самите не ги поддржуваат. Никаде во демократскиот свет нема пример некој да предлага министри или заменици, а да не ги поддржува при изборот? Не е ова прашање за политички игри. Техничката Влада е законска обврска. Формално треба да го предложи новиот технички премиер. Кога ќе бидат во ВМРО-ДПМНЕ подготвени да ги поддржат, пред се сопствените предлози, тогаш може да бидат номинирани, предложени и поддржани од пратениците од СДСМ, велат високи извори во СДСМ.
Ваквата одлука на СДСМ има поддршка меѓу другите владејачки партии, а доаѓа откако претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, јавно соопшти дека неговата партија ќе учествува во техничката Влада, ќе предложи кандидати, но нема да ги поддржи во македонското Собрание, односно ќе гласаат воздржано за изборот на техничката Влада.
-Талат Џафери не ја заслужува поддршка на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски минатата недела, а неговите најави се потврдија и со одлуки на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
– Со што ВМРО-ДПМНЕ ја заслужува поддршката кога тие не ја даваат ниту за сопствените предлози? – вели соговорникот од СДСМ за „Фокус“
Иако беше најавено дека до Водици ВМРО-ДПМНЕ ќе ги соопшти нивните кандидати за техничката Влада, последните информации од опозициската партија се дека тоа ќе се случи следната недела.
На само неколку денови пред планираната собраниска седница за избор на техничката Влада сега има нов момент на политичката сцена, па останува да се види што оваа одлука на СДСМ ќе донесе на политичката сцена во Македонија.
Сега имаме нов момент на политичката сцена, само неколку дена пред планираната собраниска седница за избор на техничката Влада. Останува да видиме каква разврска во македонското Собрание ќе донесе оваа последна одлука на СДСМ.