Излезе новиот број (152) на „Блесок“ – онлајн списание за литература и други уметности. За потсетување, „Блесок – литература и други уметности“ е првото европско интернет списание за култура и уметност. Првиот број на „Блесок“ излезе на 12-ти март 1998. Основач на „Блесок“ е познатиот македонски писател, поет и издавач, Игор Исаковски (1970-2014).
По повод излегувањето на новиот број на „Блесок“, Фронтлајн побара изјава од главната и одговорна уредничка на списанието, Сузана В. Спасовска. Таа нагласи дека овој број претставува придонес и кон јубилејот на Ацо Шопов.
„Бидејќи јубилејот на Ацо Шопов се одбележуваше речиси до крајот на минатата година, решивме и ние да дадеме мал придонес во тоа чествување така што објавивме два осврта за два интересни проекти – првиот книга дијалози со сопругата на Ацо Шопов, Светлана Шопова и нејзиниот соговорник Иван Антоновски, вториот графичкиот омнибус или бук-арт од анимираните филмови на Жарко Иванов, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Крсте Господиновски, инспирирани од песните на Шопов. Првиот осврт е потпишан од Лидија Капушевска-Дракулевска, вториот од Дарин Ангеловски. Посветивме внимание и на книгата критики на Соња-Стојменска Елзесер, добитник на наградата „Димитар Митрев“, преку претставувањето на Анастасија Ѓурчинова“, изјави уредничката Спасовска за Фронтлајн.
Што се однесува до другите прилози на најновото онлајн издание на „Блесок“, уредничката на списанието издвојува неколку прилози.
„Донесуваме еден превод од Јасна Котеска на словенечкиот писател и истражувач Примож Репар (директор на Централноевропскиот истражувачки институт од Љубљана „Серен Кјеркегор“), во кој читаме дека упатеноста кон ближниот е упатеност кон другиот, зашто љубовта кон ближниот истовремено е и љубов кон заедницата. Застапивме и поезија од полската поетеса Калина Изабела Зиола, а од проза направивме еден репринт и потсетување на Димитар Солев од антологијата на раскази од 2001 година. Меша ни го подготви Блесок топ 7, а во Галерија се навраќаме на прерано починатиот академски сликар Драган Петковиќ“, нѐ информира уредничката Спасовска.
„Блесок“ излегува на секои два месеци, на македонски и на англиски јазик.
Д. Е.