Пишува: ЃОРЃИ СПАСОВ
Христијан Мицкоски „математички прецизно“ ја избра и ја сервираше како кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ „независната“ Данела Арсовска. Ја шетаа, ја сликаа ѝ правеа метании и ја воздигнуваа до висините на европска менаџерка, која за разлика од нејзините претходници на таа функција во градот, ќе направи од Скопје „рај за живеење“ со бесплатен јавен превоз, чист воздух, ослободен од дивоградби, корупција, криминал и со функционални јавни услуги. Органите на ВМРО-ДПМНЕ ѝ ја подарија на тацна функцијата од која никој не може да ја смени што и да прави, само затоа што така оценил кадровикот и големиот и неприкосновен партиски лидер, Мицкоски.
И таа, Данела, набргу си го покажа бакарот. Од денот кога е избрана на таа функција жената само зборува за „функционери на ВМРО што биле фатени со рачињата во медот“, душа му вади и јавно го понижува Трајко Славески, секој ден го обвинува Мицкоски дека преку своите советници го блокира градот, постави свои луѓе на сите функции во градот, брка „мицковисти“ од сите позиции и се заканува дека со партијата која ја презеде ќе му ја упропасти можната победа на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на следните избори. Таа и натаму е убедена дека за изборот на функцијата ништо не им должи ни на Мицкоски ни на ВМРО-ДПМНЕ и на сите активисти на таа партија кои деноноќно трчаа таа да стане градоначалничка. Таа е убедена дека била избрана од граѓаните кои без поддршка од ВМРО-ДПМНЕ оцениле дека токму таа е вистинскиот избор.
Мицкоски и членството на ВМРО-ДПМНЕ можат денес да се чувствуваат излажани од Данела, да ја сметаат за грешка на својата кадровска политика, но веќе нема што да направат, бидејќи таа и онака веќе не очекува поддршка од нив за втор мандат. Реално, може да прави што сака.
А Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се на пат да ни понудат уште една Данела за кандидат, овој пат на претседателските избори, во ликот на „независната“ Гордана Силјановска-Давкова.
За разлика од голем број личности во ВМРО-ДПМНЕ кои извршувале функции на амбасадори, министри, пратеници и со сите нишани ја заслужуваат таа номинација и со сигурност верно ќе ја извршуваат, можно е Мицкоски таа функција на тацна одново да ѝ ја понуди на „независната“ Гордана Силјановска-Давкова, која откако беше член на Сојузот на реформските сили, па на Либералната партија, како снаа на „црвните барони“ стана и член во владата на Бранко Црвенковски, кога меѓу тогашните министри се делеа дозволи за отворање на фри шопови.
Лидерите на партиите при избор на кандидати за вакви функции добро внимаваат тоа да не биде кандидат од партијата кој може да има политички амбиции да го засени во функцијата на лидер на партијата, па и да му ја преземе таа функција. Не сака Мицковски да му води кампања на некој од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, кој ако не стане претседател на држава може да стане претседател на ВМРО-ДПМНЕ и да му ја загрози позицијата внатре во партијата. Затоа, за него изборот на „независната“ Гордана Силјановска-Давкова за кандидат што и тој ќе го фали во изборната кампања е добар избор, како што всушност беше и Данела.
За разлика од Данела, Гордана беше еднаш тестирана за таа функција и не помина лошо, а потоа како пратеник од листата на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието доследно ја бранеше политиката на Мицкоски и беше во хорот на противењето против Преспанскиот договор, против референдумот, против Договорот за добрососедство со Бугарија и за блокирање на промените на Уставот. Со својата правничка умешност, нагласениот цинизам кон сите и кон сѐ со што не се согласува, и реторичките вештини, во кои доминира превртувањето со очи и исчудувањето на сѐ што прави власта, таа стана еден вид миленик на сите што веруваат дека е можно да биде поништен Преспанскиот договор, Договорот за доброседство со Бугарија, па да биде ревидиран и Охридскиот рамковен договор.
Таа во Собранието, со сето свое однесување и знаење стана во овој период македонскиот Воислав Коштуница, кој исто така беше професор по уставно право во Србија, и на кој му беше подарена функцијата претседател на Србија по смената на Слободан Милошевиќ, но кој со својата политика на „легалистички национализам“ ги закочи реформите во Србија по падот на Милошевиќ и овозможи одново да се вратат на власт радикалите на Шешељ реформирани како Српска напредна странка на чело со некогашниот портпарол на Милошевиќ, Александар Вучиќ.
Кога една партија ќе избере свој кандидат за претседател на државата на 69-годишна возраст, кој за разлика од Киро Глигоров, веројатно нема амбиција за негов реизбор по завршувањето на функцијата, и ако тој биде избран на таа функција, може многу лесно да стане голема промашена инвестиција на партијата како Данела.
Таквиот кандидат ако ја добие функцијата, ќе има амбиција да дејствува како еден вид „просветител“, кој на партијата што го избрала, па и на сите во земјата, ќе им дели лекции за тоа што е право, што е правда, што е Устав, владеење на правото, какви кандидати треба да се поставуваат за амбасадори, како и кој треба да командува со Армијата, какви меѓународни договори да се потпишуваат и ратификуваат и особено својот дел од извршната власт да го користи за контрола на Собранието. Бидејќи и натаму ќе бидат уверени дека се избрани на таа функција не заради поддршката од партијата, туку заради нивниот личен углед и нивната памет, ќе станат недостапни, арогантни, свесни за сопствената „големина“ несменливост и со амбиција „да остават трага зад себе“ како некој што бил над сите и можел да ги командува сите во земјата.
Нарцисоидноста кај такви „независни“ кандидати кои добиле функции на тацна од партиите кои во нивниот избор инвестирале огромни суми пари и огромен труд на сето членство за време на изборите, станува неподнослива како во со случајот со Данела. А штетата ќе биде огромна. Таквите личности, кои ќе ги користат сите бенефиции од партискиот активизам и членство, ќе говорот постојано како и до сега дека не се членови на партијата, како да е тоа посебен квалитет во однос на оние што се и што гинат на изборите за неа, дека „партискиот интерес“ е нешто гнасно, себично и тие застапуваат натпартиски интереси; членовите на партиите не можат да бидат објективни и непристрасни судии за било што, туку тоа можат да бидат само оние кои никогаш не биле членови на партиите, си стоеле на страна затоа што немале вистински избор и слични будалаштини.
Но „новата Данела“, односно македонскиот Воислав Коштуница, може да се соочи со поголем проблем при неговиот избор од оној со кој беше соочена Данела од Град Скопје.
Со промените на Уставот Македонија по 2001 година реално е трансформирана од општество со мнозинска демократија во општество со консоцијална демократија.
Целото општество веќе 22 години функционира врз основа на почитување на принципот на еднаква застапеност на припадниците на етничките заедници во сите институции на власта. Во Собранието е воведено дури и „Баденетеровото мнозинство“ како механизам за спречување на надгласувањето на етничките заедници за прашања од важноста за нивниот живот и идентитет.
Единствената институција во Македонија на која се избира функционер со обично мнозинство остана претседателот на државата.
Ниту еден претседател на државата до сега од Глигоров до Стево Пендаровски не бил избран без поддршка од партија на етничките Албанци во Македонија. А обидот да биде избран претседател на државата без јавна подгршка макар на една партија на етничките Албанци во Македонија може да стане дестабилизирачки фактор во земјата.
Нашата „нова Данела“, со своето противење на Преспанскиот договор и промената на името, со противењето на Договорот за добросоедство со Бугарија и ветувањето дека дури ако промената на Уставот биде изгласана со двотретинско мнозинство таа нема така лесно да го потпише указот за промена на Уставот и со амбициите да го преиспитува и Охридскиот мировен договор, тешко дека ќе заработи јавна поддршка за нејзин избор од која било партија на етничките Албанци, а без нивна поддршка или со нивен бојкот на вториот изборен круг тешко ќе биде избрана на таа функција. А дури и ако се случи да биде избрана со голема мака ќе објаснува дека е претседател на сите граѓани на Македонија. Џабе ќе ѝ биде одново да кажува дека имала пријатели Албанци и дека дури за малку ќе имала и дечко за Албанец.
Но, можеби Мицкоски знае дека таа пак ќе ги изгуби изборите. Можеби само очекува со нејзиното истакнување за кандидат да добие легалистичка поддршка во својата кампања за парламентарните избори и да не добие конкурент за лидерското место во партијата.
И можеби тоа ќе го добие бидејќи, покрај сите церомонијални процедури во партијата со повеќе кандидати, сам одлучува за тоа кој ќе биде кандидатот.