Пишува: ТИНА ИВАНОВА
Класичната музика, операта, балетот, џез-музиката, повторно се во фокусот на вниманието и стануваат „мејнстрим“ во многу светски земји, па дури и во оние коишто не ги негуваат овие музички изрази во својата традиција. Според најновите истражувања на светските ТВ продукции, најзаслужен за овој „тренд“ (иако за класичната музика не е соодветен овој термин) е фантастичниот канал Mezzo, заедно со Mezzo Live HD, достапни и кај нас, на некои оператори веќе подолго време, а некои од неодамна ги дистрибуираа и во земјите од Централна и Источна Европа.
Последните податоци велат дека во изминативе пет години порастот на претплатниците на овие канали е 200 посто, што е уште еден доказ дека класичната музика е во фокусот на вниманието, дека зазема огромен простор на културната мапа во Европа и во светот, и дури дека постои можност да ги надвладее останатите музички жанрови. Секако, ова е претешко предвидување, ако земеме во предвид што прави масовната, популарната култура во последниве два века.
Како и да е, факт е дека појавата на Mezzo ја промени перцепцијата за музиката и за културата воопшто и кај оние на кои класичната музика им беше некакво страно тело, кај оние кои од непознавање имаа страв да и се приближат и да навлезат во нејзината филозофија и естетска рамка, само поради неукост. Во многу земји, вклучувајќи ја и нашата, најголемата вина за тотална неинформираност и незаинтересираност за класичната музика ја имаат образовниот систем и медиумите, кои ја сврстуваат, едните како изборен и небитен „предмет“, вторите како последна карика и сосема бенигна во делот од информирањето. Всушност, иако е сосема друга тема, во овој случај вреди да се спомне дека во дел од образовниот систем класичната музика се дефинира како нешто многу поинакво од останатите музички жанрови и исклучително сериозно, и токму поради таквиот статус се наметнуваат и одредени предрасуди. За среќа, таа инфериорност, или наметнат снобизам, полека исчезнува, а како што потврдуваат и некои светски музиколози, голема заслуга има токму пошироката дистрибуција на познатиот музички ТВ канал.
Mezzo, освен што нуди огромна, разновидна палета на концерти, за некои таа е само уживање, за познавачите и пасионираните љубители се сфаќа како уште една прекрасна можност да се нурнат во нејзино анализирање, а за останатите, како најдобрата едукација што скоро бесплатно можат да ја стекнат, многу подобра од онаа што се нуди во школството, во медиумите, во концертните активности во некои земји. За голем број од гледачите ова е најдоброто нешто што можеше да му се случи на медиумскиот светски простор, токму поради погоре споменатите елементи. Други пак, се на мислење дека сепак, класиката треба да се восприеми во нејзината миговна, жива изведба, затоа што во суштина тоа е еден од нејзините најважни параметри на нејзиното постоење.
За жал, не секој може да си дозволи да биде дел од публиката во „Метрополитен“ на пример, не секој може да ги следи концертите во живо на Берлинска филхармонија, на Њујоршка филхармонија, на светските џез-фестивали, не секој може да се насладува и на разновидната архитектура на концертните сали гледајќи ги пред себе славните диригенти и музички уметници, да ја почувствува нивната енергија и да ја впива директно. Но, затоа сега, скоро секој може да биде сведок на високо квалитетните случувања во оваа сфера во светот. Тоа е битно особено за оние кои живеат во земји што сѐ уште важат за „херметички“ затворени области што се однесува до културната понуда во нивните метрополи. Ако ништо повеќе, барем за општа културна информираност.
За помалку упатените, францускиот канал Mezzo постои од 1998 година, кога на 21 март беше преземен од France Supervision, од страна на креаторите Марк Велински и Жак Шансел, во заедничка сопственост со France Telecom (50%), France 2 (40%), Arte (5%) и La Cinquiѐme (5%). По подолги преговори, во 2001 година Mezzo и Muzzik се соединија, подоцна и со овластување од Европската комисија со став дека оваа соработка нема да влијае врз засебната конкуренција, а комбинацијата од класична музика, опера, џез, танц и world music, односно проширувањето на музичките жанрови, придонесе за огромен пораст на процентот на гледаност. Mezzo располага со буџет од 6 милиони евра годишно, во сопственост е на Lagardѐre Active и Groupe Canal+ (60%), France Tѐlѐvisions (20%) и France Telecom (20%), достапен е за 60 милиони луѓе во околу 80 земји, а во 2010 година ја лансираше и HD верзијата, како и Mezzo Live HD. Програмата Live, како што се подразбира, емитува исклучиво емисии во живо, директно од најпрестижните места во светот, додека останатиот дел се занимава со емитување на снимени концерти, интервјуа, документарни филмови, портрети на композитори, емисии коишто се тематски поделени.
И двата канала формираа партнерства со голем број на музички институции, како „Концертгебау“ во Амстердам или со Националната опера во Лион, Опера Комик во Париз, „Музиквереин“ во Виена, Миланска „Скала“, Кралската оперска куќа во Лондон, Кралскиот театар во Мадрид, Берлинска, Њујоршка филхармонија и со уште многу други оркестри и фестивали ширум светот, како Гранада, Вербие, Бајрот, Салцбург…, или значајните џез-фестивали. Во 2014 година, пак, тргна во поход да го освојува Азискиот континент и почна со емитување во Монголија, но оваа програма е прилагодена за тамошната јавност и емитува повеќе симфониски концерти со азиски уметници, додека операта има второстепена улога. Мошне значаен е фестивалот што за првпат го организираше Mezzo во 2015 година, насловен „Paris Mezzo“, кога во месец јуни се организираат концерти во четири престижни места во градот, во Филхармонијата во Париз, во салата „Гаво“, во опатијата на Сен Жермен де Пре и хотелот „Де ла Моне“, а кои имаат посетеност од над 5.000 публика и секако, пренесувани во живо и снимени од страна на оваа ТВ куќа.
Никогаш нема да го заборавиме моментот кога екипа на Mezzo дојде во Скопје на Скопскиот џез-фестивал да го снима концертот на кој настапија извонредните Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ на гитари и Теодосиј Спасов на кавал, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентство на маестро Кристијан Јарви
Мотото на Mezzo е квалитет! Не само уметнички, туку и технички квалитет. Најголемата заслуга токму за оваа вредност што ја негува оваа куќа е страста по која што се води, односно посветеноста да ги пронајде и да се фокусира на највозбудливите изведби во светот со најголемите имиња од сферата на музиката и танцот, а во истовреме, да ги пронаоѓа и да им дава шанса на новите таленти. Навистина е очигледна грижата за артистите и нивниот целокупен репертоар. Фасцинантно е и доживувањето да бидете сведок на концерти во престижни сали пренесувани во живо во HD резолуција. Да сте дел од новите случувања во светот исто така, без притоа да се ангажирате низ разни истражувања, е исто така благодет. Да бидете „учесник“ во мастеркласите на најдобрите уметници, е неверојатна лекција за без пари. Да бидете дел од програмскиот водич, всушност, е како да сте катапултирани во друга димензија – секоја недела посвета на класичните концерти, понеделникот носи прекрасни приказни низ документарните филмови, вторник е резервиран за танц, среда и сабота се вечери на операта, во четврток слушаме џез, а петок не води низ уникатна програма која ги надминува жанровските бариери.
Ми се чини дека никогаш нема да го заборавам моментот кога екипа на Mezzo дојде во Скопје на Скопскиот џез-фестивал пред десетина години да го снима концертот „Балканска треска“, на кој настапија извонредните Влатко Стефановски и Мирослав Тадиќ на гитари и Теодосиј Спасов на кавал, заедно со оркестарот на Македонската филхармонија, под диригентство на маестро Кристијан Јарви. Коментарите меѓу нас посетителите, освен за концертот, беа дека снимателите не само што не можевме да ги видиме, туку не можевме ниту да ги слушнеме. Беа како пајаци кои се шмугнуваа меѓу музичарите неосетно. Облечени во црно, се движеа нечујно за никој да не ги забележи и секако, тоа е така за да не ги вознемируваат оние на сцената. Навистина беше и сѐ уште е престиж Mezzo да снимаат наш концерт. Најдобрите! Тука нема утка. Нема пропусти, нема непрофесионализам, тоа е екипа која фасцинантно знае и умее како се снимаат концерти, а особено на симфониски оркестри и класична музика. Тоа беше настан за паметење, а Mezzo на својата мапа има означено барем еден дел од нашиот концертен живот. Така и нашата земја и Скопскиот џез-фестивал и сите уметници добија глобален публицитет.
Еден познат српски неврохирург вели: „Ако ви е мозокот уморен, исклучете го телевизорот!“ Музичарите ќе речат, пуштете Mezzo и слушајте класична музика. Секој може тоа да си го приушти. Не мора да биде ниту елита, ниту да поседува било каква интелигенција, не мора да биде музички поткован, ниту класно привилегиран за да се насладува на музиката на Моцарт, Бетовен, Бах, Верди, Пучини, Стравински, Шостакович, Шопен, Чајковски, Шуберт, Вагнер, Арво Перт… Mezzo може да донесе само добри работи, оттргнувајќи не од сивилото на реалноста, од гласните дневно-политички теми, од шунд сериите или ужасните, црни катадневни вести. Може да влијае на калемење на вкусот за музиката и за уметноста воопшто, или едноставно, да ни даде можност да уживаме.