Меѓународниот аларм се зголемува пред очекуваниот израелски копнеен напад во Рафах, град на југот на Газа, блиску до границата со Египет, каде што многу раселени луѓе кои живеат во енклавата побараа засолниште.
Се проценува дека еден милион луѓе се сместени во град со шатори, а сателитски снимки покажуваат дека импровизираното засолниште брзо се шири, пренесува Си-Ен-Ен.
Норвешкиот совет за бегалци (НРЦ) го предупреди Израел да не ги прошири своите операции во Рафах, велејќи дека тоа ќе биде „фатално за раселените цивили и хуманитарната помош“.
„Проширувањето на непријателствата може да го претвори Рафах во зона на крвопролевање и уништување од која луѓето нема да можат да избегаат. Нема каде да бегаат луѓето“, рече во четвртокот регионалниот директор на НРЦ за Блискиот Исток и Северна Африка, Анџелита Кареда.
Египет, исто така, предупреди за опасностите од операцијата во Рафах, при што земјата е особено загрижена дека голем број луѓе кои живеат во Газа би можеле да бидат раселени во Египет.
„Несомнено, таргетирањето на оваа област на Појасот, која е исполнета со толку многу цивили, претставува опасност“, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи, Ахмед Абу Зеид, во интервју за ТВ Ал-Гад.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека израелските војници наскоро ќе го префрлат фокусот на нивната копнена офанзива во Рафах.
„Нашите војници сега се во Кан Јунис, главното упориште на Хамас. Тие наскоро ќе одат во Рафа, последниот бастион на Хамас“, изјави вчера Нетанјаху.
Д. Т. / Цивил Медиа