Добрила Грашеска го има еден од највечатливите вокали на овие простори – суптилен, кој плени со топлина и непосредност. Нејзините настапи пак, во живо се нешто што мора да се доживее еднаш во животот, за да се добие комплетниот впечаток за една врвна уметница како што е Добрила. Најмногу препознатлива преку „Чалгија Саунд Систем“ со етно чалгиските ноти, сепак Добрила заедно со Дориан експериментираат и со музичките правци. Радио миксот на македонскиот евергрин „Кажи зошто ме остави“, кој беше промовиран деновиве, е во жанр, како што самата го нарече – „источно танго“.
Во разговор за Фронтлајн, Добрила ни го открива патот до реализацијата на најновиот сингл на „Добрила и Дориан Дуо“.
Добрила, зошто „Кажи зошто ме остави“?
– Пред точно една година јас и Дориан работевме на нашиот втор албум Пиле шарено (март, 2023 SJF Records). Оние што го слушале албумот, знаат дека во него се снимени традиционални песни, на наш начин, според наше видување. Но пред нешто да снимиш треба да направиш избор. Токму тогаш, во часовите кога ја правевме одлуката на песни на кои ќе работиме, од некаде се појави и „Кажи зошто ме остави“, вели Добрила.
– Не требаше многу да размислуваме дали ќе ја „земеме“ и оваа песна под свое и ќе ја погледнеме низ нашиот калеидоскоп, вели Добрила.
„Кажи зошто ме остави“ за нас, и не само за нас, е една од првите песни – шлагери, со која започнува една нова ера во македонската музичка традиција. Сакајќи да им оддадеме почит на луѓето кои први започнале со создавање на „забавни ноти“, одлучивме да се обидеме да ја протнеме во нашиот филтер, правејќи ја во жанр источно танго (термин кој штотуку ми падна на памет). Песната првпат ја отсвиривме на овогодинешниот Земјотрес и мислам дека сите ја почувствуваа нејзината енергија и тоа по Рихтеровата скала“, нагласува Добрила.
Додава дека „во таквите моменти има многу материјал што е снимен, на којшто се работело и се носат „тешките“ одлуки за тоа што треба да остане. И од сите тие траки, имаше една којашто сакавме, но на крајот одлучивме , туку ќе ја оставиме да си созрева за во еден момент самата да си го заживее животот“.
Јане Ѓорѓиоски