Градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, во својата програма за работа за својот мандат од 2021 година, меѓу другото вети дека ќе изгради парк од 5 илјади квадратни метри зад трговскиот центар Лиса во населбата Ново Лисиче. Во програмата, којашто сега веќе ја нема на веб-страницата на Општина Аеродром, беше ветено дека ова ќе биде направено во првата година од мандатот.
Од нашата проверка на терен, но и од одговорите што ги добивме од Општина Аеродром, може да се заклучи дека ова ветување не е остварено во првата година од мандатот, како што најавил Муцунски.
Во паркот на дрвјата требаше да бидат засадени најразлични видови на дрвја, согласно спецификите на подрачјето. Мета.мк го посети овој реон на 7 февруари годинава, каде што може да се види дека теренот бил исчистен. Сега има само земја, но и многу смет, расфрлани шишиња и секакво ѓубре, а на терен нема работници кои работат на изградба на новиот парк, барем не во моментот кога Мета.мк беше на местото.
Мета.мк се обрати до Општина Аеродром со прашања, зошто засега не е остварено ветувањето на градоначалникот Муцунски во делот за „Зелена локална самоуправа“ за изградба на нов парк и дали се планира негова изградба.
„Во однос паркот Радост ве информираме дека течат активностите за неговата изведба и планирано е неговото финализирање да биде во текот на оваа година“, гласеше одговорот на општината.
Сепак, со оглед на тоа што во Програмата за работа на Муцунски било ветено дека овој парк ќе биде изграден во првата година од мандатот, а веќе во тек е третата година од мандатот, може да се заклучи дека засега, ова ветување е неисполнето.