Во гостување на подкаст на ТВ Сител на 02 март 2024, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, откри дека заедно со колегите на Машински факултет тргувале со акции на берза:
„И со колегите во институтот, почнавме малку по малку да вложуваме, по ситни пари да вложуваме на акциите, тоа време неколку компании беа атрактивни… и некако, со вложени да речеме илјада евра, заработивме по дваесет триесет илјади евра“, изјави Мицкоски.
Иако бил постојано вработен на Машински факултет, каде што како професор работел и татко му, покрај тргување со акции на берза, Мицкоски изјави дека успешно се занимавал и со енергетски бизниси:
„И потоа веќе се е историја, влегов во енергетиката, успеав да заработам доста, прилично, би рекол., па купивме една барака, па таму ја изградивме денешната наша семејна куќа во која што живееме…“.
Мицкоски не беше прашан дали заедно со неговите колеги од Машински факултет тргувале на берза во работно време (кога е време на тргување на берзата). Мицкоски не беше прашан ниту како успевал да се занимава со енергетски бизниси додека бил редовно вработен на Машински факултет и примал плата од буџетот на државата.