Добрила Грашеска не е обична вокалистка. Нејзиниот глас, иако се фокусира на чалгијата и традиционалната македонска музика, е сепак, уникатен и е сосема различен од сѐ она што во оваа сфера сме имале можност да слушаме и во минатото – нашето наследство што предците ни го оставиле. Карактеристично е, што Грашеска е посветена не само на начинот на интерпретација, туку таа се внесува во оваа приказна со целото свое битие, разложувајќи го и теоретски, до срж, духовното звучно азно. Со составот „Чалгија саунд систем“, настапуваат оваа сабота (9 март) во „Јавна Соба“ (21ч.), во кој членуваат и Александра Кузман на виолина, Дориан Јовановиќ на ут, Бошко Мангаровски на канон и Филип Крстевски на перкусии. Иако ги има милион, но ова е повод за разговор со Добрила Грашеска со која начнавме и други мошне интересни теми.
Добрила, членувате во неколку различни состави, иако сите ги врзува една заедничка нишка, а тоа е посветувањето на традиционалната музика. Ве чека деновиве уште еден интересен настап, кој верувам ќе биде исто толку добар како и вашите претходни, инвентивен и мотивирачки за слушателите. Но, ајде, на почеток, како влеговте во оваа приказна да се занимавате со музика којашто е наша колективна меморија, наше богатство? Бидејќи, се чини многумина би се нафатиле да создаваат нешто што е дел од времето коешто го живеат.
– Чалгијата, која јас обожавам да ја пеам, е веројатно еден од најубавите и најбогатите музички жанрови во македонската музичка традиција и тоа беше иницијалната капсула која ме натера да се занимавам со неа и да ја откривам секој ден, постојано. Всушност, јас бев привлечена од нејзиното богатство. Се разбира, зборувам за духовното богатство кое, за разлика од материјалното, никогаш не се троши, туку само се досоздава секогаш кога некој ја пее или свири. За нас, Македонците, чалгијата е нешто толку природно, толку живо и секојдевно што е чудно како некој да не знае за неа и да не се поистовети и да си запее или засвири. Токму тоа, нејзината живост не ја внесува во историцизмот, туку напротив ја носи во современото време. Така, таа едновремено е и дел од колективната меморија, но и дел од секој нов ден. Барем за мене. Затоа јас толку природно ѝ се препуштив и ја оставам таа да ме носи низ тој океан од убавина.
Можете ли накусо да ни ја доловите историјата на чалгијата, како нешто кон кое се фокусирате најстраствено. Да ја запознаете јавноста зошто е толку битна за нашево културно наследство и за развојот на музиката понатаму?
– Кога англо-американскиот рокенрол во минатиот век почна да го освојува светот, светот стана свесен дека музиката по која сите полудеа не е „падната“ од небо, туку дека е наследник на фолклорот на Велика Британија, но и на Африка. Истото тоа се случува во секоја национална музика. За наша голема среќа, како основа на македонската музика ја имаме изворната музика и чалгијата која, пак, потекнува од византиската, односно од блискоисточните и медитерански фолклорни напеви, а која го започнува своето патување со овој изглед некаде во 18 век. Но, она што е специфично за неа, е тоа дека таа е музика којашто и ден денес се свири со истиот инструментариум насекаде низ Медитеранот, ги користи истите скали, но на секое подрачје си создала свој посебен израз. Кај нас во Македонија таа стои на границата меѓу Истокот и Западот, меѓу двете влијанија со што ѝ станала посебна и препознатлива како македонска чалгија која не се свири како таква никаде на друго место.
Шумот, но и употребата на тишината, е нешто што навистина плени и смирува во вашата музика. Велат, тишината е пауза во музиката, одмор на нејзините тонови, но велат и дека таа е „најгласната музика“. Според Џон Кејџ, не постои апсолутна тишина. Во тишина сепак, ги слушаме нашето срцебиење, нашиот пулс, крвотокот. Каква е Вашата размисла за тоа, кога е во прашање музиката, се разбира? Очигледно, тоа е идејата на албумот „Тихувај“ на „Чалгија саунд систем“?
– Албумот „Тихувај“ (Profundus) на „Чалгија саунд систем“ е повеќе нашето одново видување на чалгијата, но овој пат преку авторски композиции. Ние напишавме музика, текстови и ги наместивме да звучат како стара музика отпеана во ова време. Истовремено идејата ни беше да создадеме албум – дијалог меѓу мажот и жената кои низ времето и животот се изгубиле еден со друг, па откако тоа се случило – копнеат еден за друг. Па, затоа од една страна ќе чуеме женско писмо, од друга машки одговор и мисла. Но, „Тихувај“ е и порака дека најголемите вистини за себеси секој мора да ги доживее сам, преку длабока состојба на тихување, на себеспознавање.
Составот „Чалгија саунд систем“ (создаден 2008) е исто посветен на истражување на тајните на македонската традиционална музика. И самите велите дека унисоното свирење на различните инструменти (ут, какон, виолина, перкусии и вокал) покажуваат дека спојот на разликите создава една сосема различна димензија на звукот која се стреми да им направи да им биде убаво на сите. Но тоа е успешно кога е еднаква енергијата на оние коишто ја создаваат. Како всушност функционирате, се надевам имате слични афинитети и кон другите нешта во животот, за тоа да се аплицира така успешно и во музиката?
– Сите ние (Александра Кузман, Дориан Јовановиќ, Бошко Мангаровски, Филип Крстевски и јас) сме дамнешни другари, а „Чалгија саунд систем“ е бенд кој доживеа само мали промени во однос на членовите, така што сме компактни повеќе од десетина години. А, тоа значи одлично меѓусебно познавање, но и одлично познавање на афинитетите во музиката на секој од нас. Сепак, кога сме на проба или концерт, твориме по законите на чалгијата која бара истовремен звук или како што рековте, унисоно свирење и пеење, без да се додаваат хармонии на основната мелодија. Токму таквото музицирање придонесува да се влезе во една медитативна состојба во која сите даваат нешто свое за една цел – да се поткрене целокупната енергија на сите наоколу и да започне уживањето во оваа неверојатна музика.
Во првиот албум којшто го реализиравте заедно со Дориан Јовановиќ во составот Добрила и Дориан Дуо, насловен „Апокриф“, повторно е чалгијата основен мотив. Но, ја реконструирате адаптирајќи ја во совремието, преку импровизации и експерименти. Дали стравувате додека го правите тоа, затоа што е многу деликатна формата и мелодијата, да не се премине границата кон сквернавење на традицијата?
– Додека со Дориан работевме на првиот албум „Апокриф“(SJF records), а и подоцна со вториот „Пиле шарено“ (SJF records), во ниту еден момент не ни падна на ум дека правиме нешто со што ќе ја разградиме суштината или ќе ја намалиме вредноста на нашата традиционална музика. Напротив, ние сакавме да покажеме дека чалгијата е толку широка и богата што може да стане медиум кој со разни промени може да добие нова вредност и да нѐ одведе во нова димензија. Притоа, наши граничници беа познавањето и на традиционалната и на современата музика, кои ни помогнаа албумите да го добијат тој изглед. Се надеваме дека успеавме да ја одбереме мерката. А, тајната се крие токму во тоа, нели?
За да се одржи оваа музика на ниво на коешто е потребно, да не се доведуваат артистите до губење на својот ентузијазам, да можат да имаат парче леб заработен ширејќи го нашиот идентитет, мора да се добива сериозна помош од институциите кои се одговорни за тоа. Затоа што оваа музика не е комерцијална ниту овде, ниту на друго место во светот.
Како се вклопувате во целокупното културно милје во земјава, поточно каде сте сместени, според вашето гледиште, на музичката мапа? Бидејќи, се работи за специфичен вид на музика, во смисла на се она друго што се креира.
– Каде сме… Па, на независната сцена која, пак, е сочинета од нашата „музика на светот“ и од алтернативните бендови. Но, она што ме радува е дека има сцена и тоа одлична која колку и да е „невидлива“ за финансиска поддршка, таа е и тоа како видлива, препознаена и вреднувана во светот. Оттаму, ние и со „Добрила и Дориан Дуо“ и со „Чалгија саунд систем“ гостуваме на фестивали низ Европа и секогаш сме поздравени со овации.
Државата има одговорност да го заштити своето културно богатство
Но, за да се одржи оваа музика на ниво на коешто е потребно, да не се доведуваат артистите до губење на својот ентузијазам, да можат да имаат парче леб заработен ширејќи го нашиот идентитет, мора да се добива сериозна помош од институциите кои се одговорни за тоа. Затоа што оваа музика не е комерцијална ниту овде, ниту на друго место во светот, а гостувајќи насекаде самите откриваме дека тоа е пракса во светот – државата има одговорност да го заштити своето културно богатство. Доколку не е така, за скоро време очекувајте да свириме и пееме музика која доминира, а јазично не можеме ни да ја разбереме.
Како и каде би сакале да ја видите македонската музичка сцена? Задоволни ли сте како се развива, во однос на новитетите, на новите бендови, ансамбли, новите музички блесоци?
– Овде на некаков чудесен начин и со неверојатната љубов кон уметноста, се одржува жива нашата музика и се создава нова со високи естетски вредности. Поради тоа, македонската музика е еден од најсилните и најважните извозни стоки на светскиот пазар. Местото на добрата македонска музика е во светот. И доколку сме искрени, сега како никогаш досега македонската независна сцена ги „топи“ светските фестивали, и преку бендовите кои се дел од т.н. „музика на светот“, и преку македонските џез-артисти, но и преку младите рокенрол бендови кои стојат рамо до рамо со светските музички групи, а сите заедно ширејќи го својот музички израз и пеејќи на мајчиниот јазик. Македонската музика денес е единствената светла точка во сивилото на незнаењето, неинветивноста и неразвојот.
ТИНА ИВАНОВА
Специјално за Првата линија. Дозволено преземање само со писмена дозвола од редакцијата на Фронтлајн.