Дали знаете дека пред сите онлајн портали и страници, пред сите телевизиски канали за мода и готвење во Македонија постоеше весник основан од жени, кој го раководеле, го уредувале и во него главно пишувале жени. Весникот „Македонка“. Функционирал скоро 10 години, а годинава се навршуваат 80 години од појавувањето на првиот број.
Наслови и приказните дел од весникот „Македонка“. За учителки, докторки, земјоделки, работнички – весникот содржи приказни за сите нив, нивните навики, размисли, култура и нивната борба за надминување на старото со новото време по Втората светска војна.
„Станува збор за списание кое ги менувало своите форми во текот на својот развој, така што освен политички содржини со кои ги повикувале жените да земат масовно учество во народната борба и во поовоениот период, ги повикувале и на тоа да се вработуваат во фабриките, било тоа и процес на индустријализација на државата. А исто така имало и совети за домаќинките, за селанките и особено се важни тие совети за санитарните политики, за хигиената и за начинот на кој бил односот во новото современо, социјалистичко семејство коешто државата тогаш сакала да го изгради“ вели Ивана Хаџиевска.
М-р Ивана Хаџиевска е историчар од битолското одделение на Државниот архив, авторка од проектот „Архиви на невидливите – база за дигитализација и истражуавње на извори од областа на историјата на жените во македонското минато што го спроведе ЦИНИК – центар за истражување на национализмот и културата“. Вели дека реализацијата на идејата за женски весник не била едноставна. Кон крајот на 1944 година во Македонија сеуште имало војна. Графичарите не располагале со многу букви па страниците се печателе една по една со истите букви. А тиражот 1000 примероци.
„Списанието започало да се печати во илегална партизанска печатница „Гоце ДЕлчев“ во селото Горно Врановци, но заради воените услови, печатницата на партизански камион ја пренесле првин во Прилеп, па потоа во Битола, кадешто всушност се издава првиот број на списанието „Македонка“ вели Хаџиевеска.
Весникот комплетно бил создаден од жени, управуван од жени, во него жени пишувале за жени. Прва уредничка била Веселинка Малинска. Од битолско Лавци во овој весник се вградила Фана Кочовска и двете важни за спроведувањето на политиките за еманципација на македонската жена од тоа време.
„Архиви на невидливите“ е зборникот посветен исклучиво на списанието „Македонка“, кадешто ги разгледуваме содржини кои се од политички карактер, социјален карактер, социјалните политики, начинот на којшто жените се описменувале и интересно е како прилози на жени од селата од битолско започнуваат да се активни во политичка смисла. Дотогаш не биле воопшто валоризирани во општеството. “
Анализата на печатените изданија, кои се најмногубројни во депоата на белградската национална библиотека, зборува дека се работи за „масовен лист“ за пренесување на новостите од политичките говори за развојот на земјата, преку едукативно четиво за политиките кои се менуваат во новата држава со ново политичко уредување во развој , се до приказни издвоени од животот на жените кои го напуштаат селото и започнуваат каква било кариера во градовите, процесот на еманципација на жената муслиманка, до совети за во кујна и зачувување на здравјето.
Откривањето и анализата на секој текст, секоја илустрација, комплетно 83-те изданија се важен извор за откривање на наративот што се користел во процесот на еманципација на жената на овие простори – вели Ивана Хаџиевска.
Наодите од истражувањето на историчарот Ивана Хаџиевска, што го спроведе заедно со антропологот Јана Коцевска се објавени во книга, а истовремено и на интернет на страницата nevidliviarhivi.mk Sите изданија со сите стории за жените активистки, но и совети за готвење, дезинфекција, вакцинација на децата, светската географија и модата од крајот на 40-те и почетокот на 50-те години може бесплатно да се читаат.
Преземено: Тера.мк