Пишува: КРИСТИНА КОСТОВА
Жените извршуваат несразмерно поголем дел од домаќинските работи и најголем дел од грижата за деца, стари и изнемоштени лица и работа во домот, која е неплатена. Тука сè уште не сме рамноправни.
Жените се default parent или родител за кој се подразбира дека ќе преземе најголем дел од товарот на родителските обврски. Сè уште немаме модел на споделено родителско отсуство за вклучување на татковците во растењето деца од најмала возраст, што би значело рамноправност во родителството, ама и зголемување на можностите за жените да ги реализираат нивните кариерни планови. Тука сè уште не сме рамноправни.
Жените се дел од работната сила, но како се искачуваме нагоре по раководните скалила, така сè повеќе се намалува бројот на жени на раководни позиции. Дополнително што бројот на жени во работна сила е поголем во ниско платените гранки, а е значително помал во високо платените работни полиња. Тука сè уште не сме рамноправни.
Голем број жени кај нас немаат пристап до лекарска грижа за женско здравје, а жените насекаде во светот страдаат поради т.н. машка пристрасност во медицинската наука, односно исклучување на жените од медицинските истражувања, што резултира со задоцнети, погрешни или промашени дијагнози за болестите на жените. Дополнително, женското здравје и телесна автономија се постојана мета на конзервативните сили, кои и во 21 век преку законски решенија се обидуваат да го контролираат женското тело, дури и во најнапредните земји во светот. Тука сè уште не сме рамноправни.
Да, како општество имаме остварено многу напредоци во сферата на родова рамноправност. Но, дури и имајќи го тоа предвид, целосна родова рамноправност во сите домени можеме да очекуваме да оствариме најрано во 2081 година. И тоа под услов да не нè кочат регресивни сили со ретроградни вредности, кои, и тоа како, роварат за да ни го одземат досега стекнатото.
Да живее Осми март – борбениот ден на жените!
Имаме уште многу за што треба да се избориме!