Францускиот претседател Емануел Макрон првпат изјави дека го поддржува новиот закон за евтаназија кој ќе овозможи „помош да се стави крај на животот“ и сака неговата влада да го достави до Парламентот во мај.
Соседите на Франција, Швајцарија и Белгија, како и Холандија, донесоа закони со кои се дозволува медицинска помош на умирање во одредени случаи. Сепак, Франција досега се спротивстави на овој чекор, делумно под притисок на Католичката црква.
Законот за евтаназија на Клејс-Леонети, донесен во 2016 година, дозволува длабока седација, но само за луѓе на кои лекарите им предвидуваат смртен исход во краток рок.
Во интервју за весникот Либерасион, Макрон рече дека не сака да го нарече новиот закон евтаназија или потпомогнато самоубиство, туку „помош за ставање крај на животот“.
„Тој не создава ново право или слобода, но го отвора патот што досега не постоел и што нуди можност да се побара помош за умирање под одредени строги услови“, рече Макрон.
Тој изјави дека овие услови ќе мора да се исполнат и дека лекарскиот тим ќе процени и ќе се погрижи критериумите за одлуката да бидат точни.
„Ова право би важело само за возрасните кои се способни да донесат одлука и чии шанси за преживување се загрозени на среден рок, како што е ракот во завршна фаза“, рече Макрон.
Тој додаде дека „членовите на семејството би можеле да се жалат на одлуката“.