Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Низ годините научивме дека омилена мета на радикалната десница е Џорџ Сорос, а за да не биде таа обланда толку широка и „глобализирана“, локалните десничарски ботови, приказната ја повнатрешнуваат, така што ставаат некое наше признато и познато лице, да речеме, на пример, „дежурната соросова миленица“, Ирена Цветковиќ. Зошто? Лесна мета, пријателе, па уште и жена, вистинска храна на десничарските полуотупавени (или можеби потполно?) идиоти.
Пред да тргнеме со нашите „ситни цревца“ кој-на-кому, ред е да кажеме: Џорџ Сорос има армија од хејтери & будали на своите рамена со децении, како на пример републиканскиот гувернер Роналд Дион Десантис, па оној откачен новинар и радикален десничар, Такер Карлсон, па некаков „теслин Елон Маск“ и плејада други безвезњаци, кои, до пред само некое време, изјавуваа нешто од типот: „Сорос сака да го уништи самото ткиво на цивилизацијата“ и дека го „мрази човештвото“, што, претставува апсолутна глупост и будалаштина. Ама, ете, оваа земја ни докажува дека е плодно тло за секакви глупости, вклучително и ова.
Имено, пред некоја ден осамна слика на која Џорџ Сорос заедно со нашата призната и позната активистка и борка за човекови права, Ирена Цветковиќ, заедно се сликани, поточно заедно се фотошопирани (Ирена и Џорџ Сорос лично?) од армијата на десничарски ботови. Ги клеветат дека биле, замислете, во служба на нацистите, а во позадина се скрива некаква флоскула или метафора која нè брани од овие двајца (дочекавме, мајку нам божју, метафори да не бранат!?) под името „Семејни вредности“. Веројатно никој и ништо скриени позади овој слоган, Македонија ќе ја бранат од Ирена Цветковиќ, Џорџ Сорос и нацистите? Да не беше смешно ќе беше страшно тажно.
Смешно, велам, затоа што флоскулата „Семејни вредности“ е обична димна завеса; a тажното лежи во тоа што, прво Ирена Цветковиќ е суперинтелигентна, страшно образована и призната инидивидуалка која гласно и јасно зборува и држи до своите вредности. Притоа, Ирена Цветковиќ е доктор од областа на родовите студии, колумнистка, писателка, ги брани правата на ЛГБТ заедницата, зборува за проблемите на сексуалните работнички…
Значи имате една сестрана, креативна и млада жена која во оваа наша „врепчешка скривница“ најчесто таквите личности се мета на прогон, хајки и фејсбук линчувања од армија на ботови и тролови.
Од друга страна, во оваа земја на многу луѓе се воодушевувам од нивниот општествен ангажман. Несомнено, Ирена Цветковиќ е една од тие личности. Притоа, со нејзиниот ангажман, таа ни докажува дека секој еден човек го има своето неотуѓиво право, ама и морална обврска, да направи сè својата земја да биде „земја за сите наши луѓе“, што би рекле луѓето од оној прекрасен бенд ЕКВ. Во лоши времиња, во времиња на институционално зло, ангажманот на Ирена ѝ носи многу повеќе непријатели одошто пријатели. И таа самата е свесна за тоа. Или можеби не е така, можеби нејзините хејтери се едноставно агресивни, бучни и „сеприсустни“?
Затоа оваа храбра жена секогаш беше – и верувам дека и понатаму ќе биде – гласот на оние кои мрмлаат; и секогаш зборува она што другите го мислат – ако смеат да писнат, се разбира! – ама се обидуваат тоа многу да не им се примети…
И затоа оваа паметница и силно образована жена, доктор по вокација на родови студии, сосема свесно налепува на себе омраза, сосема свесно си ја зема обврската на активен граѓанин во заедницата, чисто колку да не бидеме означени како место од колективистички и хорски пеења, место во кое сите молчат – ако не и гласно го одобруваат – за работи кои на сите ни се важни: за туѓите глави кои се предмет на омраза, за тоа дека се газат женските права, а со тоа и човековите права, за тоа дека луѓето ги злоставуваат само поради тоа што се, или што некој мисли дека се токму тоа што се.
Срчана, борбена, понекогаш и полемички провокативна (така, него што?!), ама без омраза кон оние што мислат поинаку; убава, елегантна, позади јавните кулиси духовита и вистинска другарка, Ирена Цветковиќ беше и сè уште е една од најдобрите женски гласови кои оваа земја ги има. Дури ниту во поголеми и поразвиени држави од нашата нема вакви личности. Препознатливо лице на онаа подобра Македонија.
И гледаме сите овие години, Ирена сè уште не е уморна, не се врти на препреките и заканите – ги констатира, ама не ги зема здраво-за-готово – господски се однесува со таа фабрикувана омраза од оние кои сакаат да бидат како неа, ама не можат, затоа што нешто базично им недостига: образование, памет, храброст, смелост, духовитост.
Една од најдобрите нејзини особини е таа, барем тоа е мој заклучок, Ирена заедно со нејзините соборци и соборки е во активно трагање за онаа подобра Македонија, а тоа ни кажува уште нешто: благородни патриот(к)и кои додека го работат својот граѓански активизам, послабите од нив не ги вадат од уста. И во пркос на сè, Ирена е победник: нејзината земја и нејзиниот вредносен суд ќе победи; земја во која има место за сите, без омраза, без лудила, без фабрикувани линчувања.