Во Туркије се одржуваат локалните избори на кои долгогодишниот претседател Тајип Ердоган ќе се обиде да ја врати контролата врз Истанбул од ривалот Екрем Имамоглу, кој има за цел повторно да ја наметне опозицијата како политичка сила по жестокиот пораз на ланските избори, пишуват Дарен Батлер и Али Кучукгочмен во анализата на Ројтерс.
Градоначалникот на Истанбул, Имамоглу, им го нанесе најголемиот изборен удар на Ердоган и партија во последните две децении на власт со неговата победа на гласањето во 2019 година. Претседателот возврати во 2023 година обезбедувајќи реизбор и парламентарно мнозинство со своите националистички сојузници.
Денешните резултати би можеле да ја засилат контролата на Ердоган врз Туркије, членка на НАТО, или да сигнализираат промена во поделениот политички пејзаж на оваа економска сила. Победата на Имамоглу би ги подгреала очекувањата дека тој би можел да стане иден лидер на државата.
Избирачките места беа отворени во 7 часот наутро, а повеќе од 61 милион луѓе се пријавени за гласање. Гласањето завршува во 17 часот, а првичните резултати се очекуваат до 22 часот.
Во Истанбул, град со 16 милиони жители кој ја движи турската економија, анкетите укажуваат на тесна трка бидејќи Имамоглу се соочува со предизвик од кандидатот на АКП, Мурат Курум, поранешен министер.
Резултатите, најверојатно, делумно ќе бидат обликувани од економските неволји предизвикани од високата инфлација и од курдските и исламистичките гласачи кои ги оценуваат перформансите на владата. Некои гласачи рекоа дека владејачката партија направила доволно за да се докаже.
Иако главната награда за Ердоган е Истанбул, тој исто така се обидува да го врати главниот град Анкара. И двата града беа освоени од опозицијата во 2019 година, откако беа под власта на неговата АКП и на исламистичките претходници во претходните 25 години.
Гласачите на главната прокурдска партија беа клучни за успехот на Имамоглу во 2019 година. Нивната партија ДЕМ овојпат излегува со свој кандидат во Истанбул, но се очекува многу Курди да ја стават настрана партиската лојалност и повторно да гласаат за него.
Еден фактор кој работи против Ердоган е зголемувањето на поддршката за исламистичката Партија за нова благосостојба поради нејзиниот тврд став против Израел во врска со конфликтот во Газа и незадоволството од начинот на кој АКП со исламистички корени се справува со економијата.
Марта Пешевска