Во СВР Скопје денеска е пријавено дека на влез на село Арачиново машко лице со автоматска пушка пукало кон градоначалникот на Општина Арачиново Ридван Ибраими, кој бил заедно со уште неколку лица, информираат од Министерството за внатрешни работи.
Од МВР велат дека се повредени две лица кои биле заедно со градоначалникот.
– Градоначалникот не е повреден, а не се точни ниту шпекулациите објавени во дел од порталите дека е повреден полициски службеник. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот, стои во соопштението од МВР.
Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, претходно за МИА потврди дека во престрелката е погоден возачот на градоначалникот, а пукано е и кон уште едно лице вработено во општината.
Повредениот е донесен во Ургентниот центар во Скопје.
Директорот на Клиниката за Торакална хирургија во скопскиот Клинички Центар, Неџати Јакупи за телевизија Телма изјави дека во Клиниката е донесено момче на околу 30-годишна возраст со прострелни рани на градниот кош.
– Раните се за итна операција, поради што веќе влегуваме во сала, изјави Јакупи.
Поврзано:
Пукано кон автомобилот на градоначалникот на Арачиново, повреден возачот