Пишува: ЗОРАН ИВАНОВ
Кандидатките и кандадатите за Претседателка или за Претседател на Република Северна Македонија, пред ДИК потпишаа Кодекс за фер кампања, додуша сите беа ама сите не се потпишаа, кој потпиша, потпиша, кој не, не потпиша ама тоа е и сеедно и неважно зашто и така и така само двајца од седумте ветија дека и ќе потпишат и ќе го почитуваат кодексот, другите дека ќе потпишат ама и дека не верувале во фер кампања во која, патем, и самите се нејзини креатори но, куриозитетот пред кодексот на ДИК беше боранијата на професорката кандидатка која да ти била, како што пред конкурентите и јавноста самата себе се претстави, ситна боранија па, оттука, дилемата што виси е ако кандидатката универзитетска професорка е ситна боранија тогаш што воопшто се пријавила за претседателка на државата Северна зашто, нели, кажано во една реченица, кандидатки и кандидати за ПРСМ сепак би требало да се крупна, а не да се ситна боранија зашто некако не личи ситна боранија да е претседателка или претседател на држава па, по оваа аграрна изјава на кандидатката, пазарџиската дилема е каква тоа кандидатска боранија би требало да имаме, млада и стара или крупна и ситна, па и тоа е веќе сеедно зашто какво ни е дереџето предизборно, тогаш барем боранијата кандидатска да не е ситна и стара и ако веќе мора да е боранија, барем да е млада и крупна.