Вицепремиерот и потпретседател на СДСМ Фатмир Битиќи во објава на Фјсбук вели дека пензиски план на ДПМНЕ е туркање во бездна на 170.000 пензионери.
Тој нагласува дека „супериорниот предлог на ДПМНЕ за зголемување на сите пензии по 5.000 денари, поддржан од претседателот на советот на Град Скопје, кој во слободно време предава на Економски Факултет (или обратно, не знаеме), претставува закана да турне 170.000 пензионери во бездна, да останат без својата заслужена пензија за одредена година“.
„Сите оние кои го поддржуваат овој предлог се надевам дека го имаат предвид фактот дека станува збор за над 334.000 пензионери, што ќе предизвика нови обврски од 20,22 милијарди денари (330 милиони евра) годишно. Во суштина, ова ќе значи повторно враќање на времето кога повеќе од половина од парите за исплата на пензии се исплаќаа од централниот буџет. Ова е дел од поновата историја кога во 2016 имавме дефицит во фондот на ПИОМ од 49%, кој ние како Влада за седум години го сведовме на 32%, а сега на СУПЕРИОРЕН начин некој сака да го врати на 52%.“, прецизира Битиќи.
Оваа економска кратковидост на ДПМНЕ, како што пишува Битиќи, носи ризик да го поништи долгогодишниот напредок кој го направивме, влечејќи не кон фискални превирања за кои неуморно работевме да ги надминеме.
Претходно Трајко Славески, повикувајќи го Битиќи, на социјалната мрежа Х напиша:
„СДСМ повторно сејат страв, сега кај пензионерите. Со предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за линеарно зголемување за пензиите за 5.000 ден. во текот на оваа и наредната година, според нивниот економски фронтмен @Fatmir_Bytyqi наводно за неколку години пензионерите ќе останеле без пензии!“.
Тој истакнува дека „предлогот за линеарно зголемување на пензиите за по 5.000 денари во текот на оваа и наредната година, презентиран во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ, е супериорен во однос на каква било понуда од страна на СДСМ“.