Истражувачкиот новинар Фуркан Салиу и неговиот портал ПорталХ објавија нови содржини од Оперативниот план за активностите на ВМРО-ДПМНЕ за претседателските и парламентарните избори.
Овој пат Салиу се повикува на официјален записник од одржана седница на Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ.
Читајќи точка по точка од тој записник, Салиу открива како течела подготовката за формирање на Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ и неговите идни активности.
„Втората точка од тој состанок ‘Подготовка за претстојните избори’, на која претседателот на партијата го информираше ИК на ВМРО-ДПМНЕ дека согласно Статутот на партијата за време на одржување на изборите потребно е да се формира Републички изборен шатб, а имајќи ја предвид сериозноста на претстојните избори ја презема одговорноста на себе да биде шеф на Републичкиот изборен штаб, а за негов заменик го предлага генералниот секретар Ѓорѓија Сајковски и отвори доскусија по предлогот“, цитираше Салиу дел од записникот.
Во овој втор дел од објавувањето детали од Оперативниот план за изборите на ВМРО-ДПМНЕ во кој има и точки за организирање „штелувани“ анкети и лажни вести, Фуркан Салиу од ПорталХ открива дека во подготовката на изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ се вклучени „луѓе од кабинетот на Орбан“ кои сугерирале дека претседателската и кампањата за парламентарни избори мора да се водат раздвоено.
Освен злоупотребата на јавниот сетрвис МРТ за пласирање на лажните анкети, Салиу во новата објава истакнува дека во Оперативниот план има сериозни индиции кои треба да бидат од интерес на Јавното обвинителство.
Тој укажува на активности од Оперативниот план според кои се утврдени луѓе на високи позиции кои добиле задолженија да обезбедат увид и податоци од Избирачкиот список (Марина Димовска и Претседателот на ДИК Даштевски), за лица изнемоштени и болни кои ќе гласаат од дома (Игор Велковски и Ѓоко Велковски, техничкиот министер за труд и социјална политика) и за вработени во администрацијата (Невена Стаменковска, некогашната Заменската министерка во Министерството за информатичко општество и администрација).
ВМРО-ДПМНЕ негираше по објавата на скандалот – Документите на СДСM се целосно измислени, следи тужба за клевета.
По објавата на СДСМ дека „лажните анкети објавени на Националната телевизија МТВ се нарачани од штабот на ВМРО-ДПМНЕ“, пристигна експресна реакција од ВМРО-ДПМНЕ, од каде што го негираат постоењето на такви документи, прво објавени во ПорталХ, а потоа „дополнети од СДСМ“, како што се вели во соопштението на партијата.
„Не постои документ подготвен од Републичкиот изборен штаб на ВМРО ДПМНЕ за злоупотреба на изборниот процес како што се наведува во емисијата на Фуркан Салиу и потоа прераскажани од СДС(М)“, тврдат од ВМРО-ДПМНЕ.
Образложението на ВМРО-ДПМНЕ е дека „потписите на документот се целосно измислени и не кореспондираат со реалните“.