Пишува: ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Поимите „диференцирање“ и „интегрирање“ постојано имале соодветствувачко значење и во математиката, и во биологијата, но и во општествените науки. Всушност, бесмислено е во секоја од науките да се зборува за интеграција, доколку не се интегрираат потполно диференцирани компоненти. Сепак има едно прашање што виси во воздух кај општествените науки. Имено, и во математиката, и во биологијата, диференцираните компоненти мора да се од ист или сличен ранг за да има компатибилност. На пример, развојот на окото, на кожата, на мозокот, итн., покажуваат аналогност во рангот така што природно би нашле заемна компатибилност и надополнување на функцијата. А организмот кој заедно го креираат, неминовно е на повисок ранг од сите нив, но тој не им е на сите диференцирани органи цар. Но, не им е ни роб. Има златна средина во тој однос, која дури не е ни на 1-димензионална проста линија како односот цар-роб. Дали и во општествените науки се вака стандардно претпоставени односите меѓу луѓето (како диференцирани единки) во интеграцијата во колектив, или уште повеќе, меѓу народите/државите/нациите како диференцирани компоненти – при интеграцијата во некоја унија, алијанса?
Ако не, тогаш време е. А причината за тоа е врската меѓу технолошкиот развој, присуството на технологија дури и во неразвиени подрачја (без сопствена иновативна технологија), која, пак, е поврзана со науката, со образованието и сите тие – со пропагандата. Образованието користи аналогни методи како пропагандата, но образованието го воздигнува човекот со мисла, иновативност, наука, додека пропагандата го подјармува (емоциите против сам себе, ирационалноста во борба со умот, дури и кога се работи за одлука за опстанок). Технологијата е едно од добрата што се креира преку образованието и науката, но и таа, наместо да се користи за уште подобро образование, за уште повисока наука, може да се пренамени за пропаганда против човекот. Природниот циклус меѓу човекот, образованието, науката и технологијата, добива потрошувач во една точка: војувањето преку пропаганда.
Во општествата се јавуваат групи од луѓе, кои, слично како канцерозните клетки се залагаат за немање разлики. Бараат колективот да биде „хомоген“ по мал број карактеристики и да дискриминираат според нив.
Може да се повлечат некои паралели меѓу науките за макар малку да се обидеме кон одговор на прашањето. Тие паралели не се празни, не се гола неподдржана метафора, бидејќи споменатите поими влечат значење од други поими со паралелни аналогни значења, на пример, поимите „функција“, „збир“ (агрегација), „разлика“ (диверзитет), „производ“, итн., во математиката и во биологијата. Терминологијата не е случајна, еве на пример, и на математичар, и на биолог му е јасно што е „интегрирање по функција“. Тоа генерички и во двете науки значи дека постојат компоненти од сличен ранг со одредена елементарна улога (интегрирањето) во крајната функција за која се наменети – во математиката тие би биле малите интервали кои, по вредности на едниот и другиот крај дословно определуваат делче од функцијата, а во биологијата, на пример, и најситната компонента од дигестивниот тракт има улога во функцијата на дигестија. Така, во општествените науки, збировите (агрегатите) од луѓе продуцираат разни „функции“, што значи, луѓето се гледаат како еден вид на елементарни компоненти од сличен ранг кои можат да се интегрираат. Но, исто, може и колективи од сличен ранг да бидат елементарни компоненти кои се интегрираат. Последново повлекува дека веќе интегрирани функции (на пример, образованието и технологијата) за еден колектив, самите би требало да имаат улога на едни од определувачките компоненти на интегралниот колектив.
Се разбира дека описот на „интеграцијата“ е производ на човековата мисла, но процесот е комплетно природен и тоа најлесно се набљудува преку биологијата – од пред-клеточните формации, преку организирањето на клетка (сама по себе сложена организација), преку повеќеклеточни формации и високоорганизирани организми. И со диференцирањето е слично, најчесто биолошки познато кај репродукцијата и регенерацијата, додека во математиката – за определување правец на каде се развива функцијата. Меѓутоа диференцирањето, сепак во улога со цел интеграција, има мошне парадоксални карактеристики, што во општествените науки се многу застапени. Додека интеграцијата подразбира активно трансформирање кон извесна цел (функција), диференцирањето воопшто не е пасивно како обично копирање како што може да изгледа навидум. Диференцирањето задолжително вклучува и тенденција за диверзитет („разлики“). Тоа не ни е непознато – од бактериите и амебите, па сѐ до човекот, секоја следна генерација содржи адаптибилни компоненти во новата ДНК. Дури и со помалку од ДНК – сите научивме за мутабилноста на вирусите. Единствените компоненти кои не се менуваат, а учествуваат во диференцирањето, не се живи, не се активни самите (на пример протеините итн.). Ако копи-пејст ситуација се случи во жив елемент, веднаш е јасно дека тоа е аномалија, како на пример – клетките на канцерот. Немањето разлики, прави канцерот да не може да формира повисоко организиран колектив, ниту пак да одрази функција за сопствениот каков-таков колектив. Адаптабилноста е заменета со агресивно, но бесцелно диференцирање и паразитирање на интегрирано тело – организам.
Во општествата се јавуваат групи од луѓе, кои, слично како канцерозните клетки се залагаат за немање разлики. Бараат колективот да биде „хомоген“ по мал број карактеристики и да дискриминираат според нив. Или сите поединечно се збир од безлични клиенти или ирационални компоненти. Нивното зголемување по број е агресивно, самите се неадаптибилна агресија и во збирањето не се интегрирани така да формираат повисок организам. Како празни од функција, се „залепуваат“ за диктатор кој им ја обезбедува преку себе, но паразитираат на општествен организам – држава, нација и пониски организирани колективи. Ова е рецептот токму од нарациите на првиот фашист Мусолини. Тие се „собираат“, но не трпат „разлики“. Нивниот број се зголемува, но самите не носат во себе мало делче од некоја функција, туку чекаат некоја веќе вештачки определена да ги прекрие, да им даде смисла. Така ја обожуваат авторитарноста („цврстата рака“) која им дава смисла на живеењето, чудејќи се зошто има луѓе кои тоа можат да не го сакаат. Не знаат дека промовираат паразит, канцер во општествениот организам . Навидум изгледаат како покомпактно колективно тело отколку колективите кои црпат од адаптибилноста заради диверзитетот, но тоа е илузија, затоа што не-стремежот по сопствено наоѓање за функција по која може колективот да се интегрира кон повисока компонента – колектив како организам, всушност ги остава разбиени во сопствената бесмисла, нихилистични, безлични, само некомотно залепени едни со други. Тоа е мицелиумот за клиентелистичкото ткиво, кое задолжително постои во секој поголем колектив, макар имал тој колектив интегрирана функција, како што од почетокот на организмот има понекоја канцерозна клетка.
Кога еден таков колектив инсистира на апсорпција во себе на целото општество, како фашистичкиот колектив пред Втората светска војна, веќе видено, неминовно настапува разорување на општеството. Зошто тогаш, во општествата не е научена лекцијата како диференцирањето служи за интегрирање? Зошто светот почна пак упорно да се затвара во дефиниции за хомогеност (национализам или расизам најчесто), да се атомизира самиот во дисбалансирана диференцијација без идеја за интеграција,стегнат во страв за одржување на функцијата на постоечкиот организам (државата, нацијата итн.), но не и за натамошна трансформација како интегративна компонента од нешто ново, благодродно и поголемо од себе? Ова, јасно, исклучува диктатор, а особено диктатор кој му служи на диктатор кој му служи на диктатор (на пример Орбан-Трамп-Путин вид на врска). Каде се, во тој случај, културата, образованието, науката, технологијата, да потсетат, да ја вратат идејата за развој? Не се мисли овде на гол, технолошки развој како правецот што се фати на почетокот на Студената војна – науката и индустријата подјармени на воената идеја, потопена во симулакрум од „одбрана“.
Верувам дека во сржта на сите овие прашања е пропагандната злоупотреба на емоциите наспроти умот. Пропагандата никогаш не претпоставува дека конзуматорот е сам, инаку не може да возбуди негативна емоција спремна за дејство. Но, потребен е само мал напор за да се набљудува сопствената емоција (провоцираната) и веднаш да се види нејзината намена. На пример, „не нѐ бива“ или „длабоко забегано општество“ итн. претпоставува дека нараторот за примателот смета дека само мал круг луѓе „ги бива“- но нема што да прави со тоа, или дека тој не е „забеган“- но е скоро сам во тоа. Намерата на пропагаторот е атомизирање, гумичка за бришење на повисоките интегративни вредности, како и униформирање на диференцијацијата. Одеднаш станува неважно што сѐ сум јас, туку што е „важно“ да се биде во општеството (и тоа она, илузорното лошо, а не вредносното трансформативно). Забележете само како техниката е масовна, но емоцијата се таргетира поединечно, слично како многу фунционални компоненти на општеството – културата има индивидуален аспект, образованието особено многу, креирањето на наука и технологија помалку, но кориснички имаат таков аспект.
Оваа забелешка води до идеја дека важните компоненти од функции во општеството кои се мошне определувачки за целосната функција на општественото тело како организам, би морале да бидат постојано активни и квалитетни, речиси како имун систем. На пример, поткопувањето на образованието и науката како што ВМРО-ДПМНЕ направи овде во своето предолго режимско дивеење, беше подготовка за „таман“ писменост – поединецот да може да ја восприеми емотивно-провокаторската пропаганда, но да не може да ја процесира интерно, затоа што ја нема комплетната писменост, ниту културолошкиот индивидуален аспект. Има некаква меморија од некритичкото учење од денес за утре и тоа во тотална безврска ,„на памет“ (не ени тоа дури), но со мала процесна моќ, не баш стимулирана преку процесирање на подлабоките поенти или барем уметноста, на пример.
Кај нас сега веќе никој не мора и да открива како маркетинг агенции (!) ни спростираат лажни анкети како загаден воздух (му ќутевме и нему 2011-2016), кои, според логиката на поимот „војување“ со пропаганда, мириса на терористички акт.
Некој ќе рече овде – па значи, со сѐ досега кажаното, констатацијата на пропагандистот е точна. Но, не е така – пропаганда и констатирање се скоро антоними. Пропагандистот не „констатира“, тој јавно спростира некакво тврдење што има облик на констатација, токму за да се заклучи „точност“ и да се избрише сиот иднински потенцијал на предметот на „констатација“, т.е. на индивидуата во колективното тело! Кога се констатира факт, тој е неменлив долго во времето, а за жива материја како човек и општество – не може да постојат важечки констатации, освен во инфинитезимална временска околина за одредување на „правецот“ на конкретна функција во колективот со цел негова евентуална промена на подобро во иднината.
Кај нас сега веќе никој не мора и да открива како маркетинг агенции (!) ни спростираат лажни анкети како загаден воздух (му ќутевме и нему 2011-2016), кои, според логиката на поимот „војување“ со пропаганда, мириса на терористички акт. Не мора да нагаѓаме по осет, благодарение на откривањето на „оперативниот план“ за малтретирање на болни и изнемоштени лица по домовите, на дел од администрацијата, на намерата за лажење и крадење преку сопствената примена на зборовите „дувла“, „креирање лажни вести“ благодарение на откритието на еден (да, еден!) новинар. Но, и тоа спаѓа во карактеристиките на пропагандата – да биде тотална, да нема „дупчиња“ и паузи, со централна контрола и не се сите приклонети преку голи (и веројатно добро испрани) финансиски средства, туку може да се од далеку поневидливиот клиентелистички мицелиум, практично, цела содржина на безличието што се одзива на „ВМРО-ДПМНЕ“ со многу мали исклучоци. (Забележливо е дека кај добар дел од другите организации и партии, барем половината не се од ваков клиентелистички мицелиум).
Континуираната цел на пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ (вклучувајќи и ја лагата во своето име) е еуфемизирање на идејата за „нашата градинка во која ќе си правиме сѐ што ќе ни текне“ како поим за „сувереност“.
Континуираната цел на пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ (вклучувајќи и ја лагата во своето име) е еуфемизирање на идејата за „нашата градинка во која ќе си правиме сѐ што ќе ни текне“ како поим за „сувереност“. Секако дека им е потребно хомогенизирачко својство, па зеле, ништо инвентивно, национализмот. Не се тие никакви патриоти туку идејата за нација им е маша за одржување на градинката за самоволие без мониторинг од „возрасен“. Но, да се забележи убаво: Хомогенизирачкото својство, односно национализмот е залуден во неспорни граници (и мониторирани и од повисок колективен организам специјализиран за тоа – НАТО), со признат и промовиран јазик, национален идентитет, култура и традиции во светот. Но, на ВМРО-ДПМНЕ не ѝ е залуден, бидејќи провоцирањето за дополнително диференцирање, субнационалистичко („патриоти“/„предавници“) е токму за овозможување на агресивната хомогена канцерозна маса и клиентелистички мицелиум да паразитира на државниот организам од низа институции. Затоа и негативната пропаганда за други организации/партии е на основа на карактеризација на луѓе во клиентелитички мицелиум кој не е под „нејзина капа“, промовирајќи го, всушност принципот на масовна гумичка за бришење на идеи на индивидуата со кои таа самата во слобода ја определува својата функција како различна и единствена, како и промовирање на нихилистичката депресија и атомизам со „сите се исти“. Не е до луѓето, туку ако постои идеја за колективот кој ќе го интегрира и така унапреди, тогаш тој е важниот дел за граѓанството, односно за организмот држава, но и сите нејзини органи поединечно (институции, организации) до самите клетки – граѓаните. Немаме веќе каде со диференцирање, благороден организам како држава не се дава на бесфункционална маса како канцер да ја хомогенизира уште, сѐ во нежива протеинкса вреќа. На ред е интегрирање во повисок благороден организам за кој различноста е добредојдена и промовирана, а тоа е Европската Унија. Нема што „да бираме“ меѓу неа и канцер, меѓу колективна и воедно индивидуална добросостојба и градинка за малтретирање, или меѓу слободно општество и субдиктаторче под Орбан. Ама ајде, формално, треба да се заокружи и она што е јасно.