ПРВ ДЕЛ | ВТОР ДЕЛ | ТРЕТ ДЕЛ | ЧЕТВРТ ДЕЛ | ПЕТТИ ДЕЛ
ТИНА ИВАНОВА
Филхармонијата по распаѓањето на Југославија
Сепак, за тоа како и во какви услови функционирала во блиското минато и како работи денес Македонската филхармонија, најпластична слика можат да создадат сеќавањата, доживувањата, изјавите на челните луѓе на оваа институција, кои во одреден период од нивната професија, од нивната животна определба, решиле на овој ансамбл да му ги наметнат своите визии, но и своите искуства. Токму затоа, оваа монографија е збогатена со разговори со дел од директорите на Македонската филхармонија, кои го дале својот огромен и несебичен придонес оваа куќа да се развива со идентични стапки со она што било и што сè уште е тенденција или репер за квалитет во соседството, во регионот, во Европа, во светот.
Крајот на 80-тите години од минатиот век е период на распадот на Југославија. Тоа ќе донесе и страв кај граѓаните на новите независни држави. Страв од неизвесност, и особено од губење на социјалната и економската сигурност, која беше гарантирана во времето на социјализмот. Македонската филхармонија, се разбира, нема да остане имуна на овие превирања во политичко-општествениот амбиент, но сепак, ќе успее да се избори за своето место под сонцето. На чело на оваа институција, како наследник на диригентот Александар Лековски, првин како в.д. директор ќе застане флејтистот Мирослав Стантиќ, а потоа како директор виолинистот Румен Димитриев. Тој на оваа функција ќе биде од 1986 до 1990 година и во својот мандат, во тој општествен амбиент полн со пресврти, ќе успее да го наметне ставот, но и чувството дека Филхармонијата треба да биде почитувана институција. Да обезбеди каков-таков простор со соодветни услови за нејзино непречено функционирање, да обезбеди зголемување на платите како мотив повеќе за успешна работа, и најважното, да создаде атмосфера во која ќе се подигне нивото на квалитетно музицирање. Бидејќи, пред неговото назначување, но и на почетокот од неговиот мандат, Филхармонијата ќе се соочи со можеби најголемиот неуспех, откажување концерти на странските уметници и диригенти поради недостиг од финансиски средства. А, неможноста квалитетните имиња да застанат на македонскиот подиум, ќе значи и задушување на креативните потенцијали на нашите музичари, со тоа и драстично намалување на посетеноста на концертите. Незадоволните музичари и од сопствените финансиски примања, ќе бидат принудени и да ги откажуваат концертите.
Румен Димитриев ќе каже дека со неговото доаѓање на чело на Филхармонијата ќе се соочи со уште еден голем проблем – немање соодветен не само концертен простор, туку простор со погодни услови за работа. Оркестарот на Македонската филхармонија, во тоа време, пробите ќе ги одржува во анексот на Драмскиот театар, додека концертите, пак, како ќе се снајде, во разни сали во Скопје, од кои ниту една, сепак, нема да биде со соодветна акустика за симфониски концерти. Уште тогаш, всушност, Филхармонијата дел од своите настапи ќе ги има во Домот на АРМ, како и во Универзалната сала, но и во Младинскиот културен центар, тогашен Дом на млади „25 Мај“.
„Идејата да се одржуваат некои од концертите во Домот на млади ја наметна маестро Лековски, бидејќи тој сакаше да се реализираат и повеќе популарни концерти. А, сепак, да се ориентираме кон Универзална. Но, таа сала не е за симфониски концерти и мислам дека некако публиката се растури. Се сеќавам дека се реализираа и детски концерти, а маестро Лековски имаше идеја во Домот на млади да прави и џем-сешни по концертите, како некое мало освежување. Но, кога стапив на функцијата директор на Филхармонијата, знаев дека еден од главните приоритети ќе биде да се најде еден конечен простор, во кој оркестарот не само што ќе концертира, туку и ќе прави проби. Затоа се насочивме да го добиеме Театар Центар, во кој Филхармонијата ќе може да се стационира за извесно време. За нас, тогаш предност беше првпат да имаме своја куќа, да не бидеме потстанари, иако се знае дека и таа сала не ги задоволува стандардите за симфониски оркестар. Но, имаше таму простор за администрација, имаше гримиорни, паркинг… Тоа беше период кога драмата го напушти Театар Центар и се пресели во тогашниот Македонски народен театар. Иако тогашната влада го додели Театар Центар на Филхармонијата, театарџиите не сакаа да го напуштат тој објект, сакаа да ги реализираат претставите и во Театар Центар, но сепак, некако успеавме да се сместиме во таа зграда.“
Оркестарот на Македонската филхармонија, во 80-тите години, пробите ќе ги одржува во анексот на Драмскиот театар, додека концертите, пак, како ќе се снајде, во разни сали во Скопје
Румен Димитриев вели дека просторот нема да биде единствениот проблем со кој ќе се соочува Филхармонијата во тоа време. „Не беа решени и други проблеми, како потрошниот материјал за музичарите, на пример, и особено личните примања, кои беа ниски. А, бидејќи имаше дефицит на музичари, постоеше идеја да се интегрира Филхармонијата со оркестарот на Македонската опера. Сепак, доаѓаа млади кадри од Факултетот за музичка уметност, кои требаше некаде да се вработат. Ги затекнав овие проблеми, се обидував да ги решам. Немав намера да градам некаква кариера, бидејќи јас сум виолинист, веќе имав концертна кариера и како концерт-мајстор. Но, првото нешто што се стремев да го направам е да се запре со идејата да се соединат двата оркестра, секако, да се обезбеди автономен простор за Филхармонијата, да се крене нивото на квалитетот на музицирање, а со тоа и репертоарот. И се разбира, да се зголемат платите. Бев млад, моите барања до одговорните беа со малку заканувачка нота, во смисла ако не ни ги исполнат условите, нема да работиме, но се боревме да успееме. Така, тогаш првпат дојдовме до свој дом, до дом со подобри услови“, се сеќава Димитриев.Тој особено ќе ги истакне заложбите на пијанистката Снежана Пановска, која во тоа време ќе биде на функцијата заменик на министерот за култура во владата на Глигорие Гоговски, односно тогаш претседател на Извршниот совет на СРМ.
„Пановска, бидејќи беше музичар, имаше разбирање за нашите потреби и многу ни помогна. Со нејзиното влијание, Републичката заедница ни даде и една ’инјекција‘ во платите. Да одржуваме концерти и во внатрешноста на Македонија, кои беа некакво покритие за да ни дадат поголеми плати. Но, таа беше и добар менаџер и се сеќавам дека благодарение на неа направивме и еден концерт за четири клавири што во тоа време беше вистинска атракција“, вели Димитриев. За него, една од најважните задачи ќе биде да се подигне квалитетот на оркестарското музицирање: „А, тоа не може да се направи без системска работа и без добар диригент. Затоа, направив договор со диригентот Павле Дешпаљ од Загреб, кој беше еден период и шеф-диригент на Загрепската филхармонија, потоа и професор по диригирање на Музичката академија во Загреб, да реализираме по пет концерти годишно. Тој сакаше да работи, иако бевме во слаба финансиска состојба. Но, иако звучи како анегдота, тој ми рече: ’Не е важно колку ќе ми платите, но колку и да ми платите, сакам тоа да биде повеќе од другите‘. Сепак, тој навистина со оркестарот работеше системски. Прво се работеа дела од Моцарт, па од Бетовен, па на крајот од Берлиоз, на пример. Не сакаше веднаш да ја ’фрли‘ Филхармонијата во оган, туку сакаше да работи по ред. И затоа имаше успех“.
Еден од крупните настани за време на мандатот на Димитриев ќе биде заедничкиот концерт на Симфонискиот оркестар на Радио Загреб со Македонската филхармонија. Оваа практика во поранешните југословенски републики кон крајот на 80-тите ќе биде еден нов, модерен израз во симфонизмот. Од позначајните настани, тој ги издвојува и изведбата на ораториумот „Мир на светот“ од македонскиот композитор Тома Прошев, како и гостувањето на Филхармонијата во Италија, на Сардинија (април, 1986). „Театар Центар се наполни, Филхармонијата стана фактор за која не се зборуваше повеќе дека треба да се интегрира. Имавме прекрасни концерти, кои беа проследени со одлични критики. Тогаш и Македонската радио-телевизија почна да ги снима концертите, практика што и понатаму продолжи“, се сеќава Димитриев. Освен Дешпаљ, тој ќе ги ангажира и македонските најдобри диригенти, меѓу кои и Ангел Шурев и Ванчо Чавдарски. „Маестро Чавдарски беше роден диригент. Знаеше да го води оркестарот одлично. Тој ни помогна дури и да влеземе во објектот во Театар Центар со своето влијание, како почитуван уметник. Маестро Шурев исто така. Тој, пак, ни ја овозможи турнејата на Сардинија, која се памети како една од најубавите турнеи на Македонската филхармонија“, вели Димитриев.
Но, тој се сеќава и на големиот диригент Ловро Матачиќ, овој пат од аспект на музичар, кого го запознал уште како студент настапувајќи со Македонската филхармонија. „Филхармонијата не може да се спомене без влијанието на Матачиќ. Јас имав можност, меѓу другите, да работам и со него. Тогаш ми стана јасно зошто е тој славен, кога сфатив како работи со оркестарот. На пример, од практичен аспект, тој ќе почнеше од буквата а до буквата б. Оркестарот свиреше и тој ќе запаметеше сè што не е добро. Следниот пат, секој од музичарите посебно го слушаше за да се осигура дека нема да се враќа на истото место. Имаше одлична меморија. Важно е на чело на оркестарот да биде квалитетен диригент и затоа тоа за мене беше еден од приоритетите додека бев директор“, вели Димитриев.
Последниот концерт за време на неговото директорување ќе биде гостувањето на виолинистот Стефан Миленковиќ. „Тој тогаш беше веќе светска ѕвезда. Се договоривме со Македонскиот народен театар да ни ја даде салата, а од продажбата на билетите да се плати гостувањето на Миленковиќ. Во последен момент од театарот ни рекоа дека сакаат од концертот процент и за нив. Но, ние не можевме да го платиме концертот. А, желба ни беше Миленковиќ да дојде во Скопје. Затоа, концертот се одржа во Универзалната сала. Беше полно и убаво. Се случуваа и такви работи, ненадејни, но успевавме да се справиме и со нив“, додава Димитриев.
И во 80-тите, покрај диригентите, на сцената ќе застанат голем број македонски солисти, кои ќе ги мерат силите со оние што ќе доаѓаат од сите краишта на светот, меѓу нив и: Славица Петровска-Галиќ (сопран), Румен Димитриев, Томислав Димов, Јасмина Драгоманска, Лидија Добревска, Весна Шуплевска, Сихана Бадивуку (виолина), Лилјана Каровска, Јовица Каровски, Рита Трпчева-Поповиќ, Тодор Светиев, Нина Среброва-Илиевска, Данче Стојанова, Глигор Гелебешев, Елена Мисиркова (пијано), Слободан Костурски (хорна), Будимка Мирковска (флејта), Васил Атанасов, Гордана Јосифовска (обоа), Благој Анѓеловски (труба), Борис Трајанов (баритон), Цветан Стојановски, Симеон Гугуловски (тенор), Љупчо Самарџиски (контрабас), Живко Фирфов (виолончело), Илија Зимбов (флејта), Љупчо Соколов (виола), и уште многу, многу други, со кои ќе се создаде една здрава и силна клима за развој на класичната музичка уметност на овие простори.
Деведесеттите години – нови предизвици
Во периодот од 1990 до 1994 година, на чело на Македонската филхармонија ќе застане Мелпомени Корнети. Таа ќе стапне на функцијата директор на најстарата музичка институција во земјава во периодот кога Македонија нема да биде повеќе дел од поранешната федерација. И токму политичко-општествените промени, како и во секоја сфера од живеењето, така и во музичката култура ќе имаат силен одраз особено на почетоците од развојот на новата македонска држава. Филхармонијата нема да може да се апстрахира од овие радикални премрежиња, но ќе успее да ги сочува сопствените визии.
„Политичките новини секако се одразија на работата на институцијата“, ја почнува Корнети својата приказна. „Прво, се поставуваше прашањето од системска природа – каква ќе биде културната политика во услови на плурализам и пазарно стопанство. Но, реално, промените прво се почувствуваа во техничка смисла, а не во поглед на соработката со уметници, бидејќи со нив останавме во контакт и понатаму ги ангажиравме. Кога почна војната во Југославија, на пример, не можевме да добиеме нотен материјал, кој дотогаш го набавуваме преку ЗАМП (Службата за заштита на авторските музички права) од Загреб. Затоа, ако не сакавме да го повторуваме репертоарот на концертите, бевме принудени да зајмуваме нотен материјал од други оркестри, што не беше баш дозволено, или пак, за некои дела, се сеќавам, институции од соседството ни испраќаа копии – од Тирана, од Софија.“
Наспроти техничките проблеми, сепак, неуморните проследувачи на музичката култура знаат и денес да кажат дека ќе остане запаметен периодот на директорување на Мелпомени Корнети со Филхармонијата поради многу позитивни промени, поради внесување новини во репертоарот, поради подигнување на квалитативното ниво на оркестарот. Во „нејзино време“, народски кажано, ќе се случат значајни праизведби, концерти што ќе означат некои историски мигови, ќе се случи и нарачка на дела од македонски композитори што дотогаш не било практика, Филхармонијата ќе ја направи и долго очекуваната преселба во друг дом, од Театар Центар ќе се стационира во Домот на АРМ, ќе го добие и првиот концертен клавир од марката „Стенвеј“ како уште еден историски чекор… Но, се чини најважната работа е збогатувањето на оркестарот со нови, реномирани музички имиња, како и негово водење од страна на истакнати диригенти, кои ќе успеат да го обликуваат неговиот звук.
Нотите за ’Соломон‘ беа лошо распишани, на рака, претставуваа мака за музичарите, но тие ја разбраа идејата и желбата да се учествува во одбележување на таков трагичен, а во исто време значаен историски настан.
Корнети се сеќава, пред сè, на убавите мигови во нејзиното работење со Македонската филхармонија. Во делот од помошта со нотниот материјал што го добивале од Тирана, биле и нотите за Еврејската рапсодија за виолончело и оркестар „Соломон“ од Ернест Блох, дело што Македонската филхармонија го извела по повод 500-годишнината од прогонот на Евреите од Шпанија. „Веројатно бевме една од ретките институции што му укажа на тој јубилеј таков голем пиетет. Благодарејќи на иницијативата на тогаш општественикот и истакнат активист на Еврејската заедница во Македонија, Мориц Романо, со него и со Уметничкиот совет, кој го прифати мојот предлог, го развивме концептот. На програмата ставивме дела од еврејски автори и се потрудивме да поканиме и солисти или диригент, Евреи. Тогаш ја изведовме и композицијата ’Песни за мртвите деца‘ од Густав Малер, како и увертирата ’Хебриди‘ од Феликс Менделсон и ’Адаџо‘ за гудачи од Семјуел Барбер. Нотите за ’Соломон‘ беа лошо распишани, на рака, претставуваа мака за музичарите, но тие ја разбраа идејата и желбата да се учествува во одбележување на таков трагичен, а во исто време значаен историски настан. Реализирањето на концертот беше голем гест, со кој Македонија можеше да се гордее. ’Соломон‘ имаше премиера во нашата земја и не се сеќавам дека ова дело повторно е изведено. А, заслужува, бидејќи тоа е музички крик каков што ретко кој композитор успеал да напише. Посветен е на еврејскиот народ, но тоа е музички омаж, порака за сите народи што имале премрежиња во својата историја“, вели Корнети. Овој концерт е реализиран под палката на маестро Јуриј Алиев од Санкт Петербург, со солистот на виолончело Александар Кагановски од Тел Авив.Уште една голема премиера на која таа се сеќава, е изведбата на грандиозната Петта симфонија од Густав Малер, под диригентство на Тадеуш Козловски. „Се сеќавам дека на тој концерт во салата не се слушаше ниту дишење. Имаше таква концентрација од исчекување, потоа внимание и на крајот егзалтација! Сè уште среќавам луѓе што го споменуваат тој концерт. Имаше еден флуид, електрицитет меѓу оркестарот, диригентот и публиката, како ретко кога.
Без некој да се навреди, но Филхармонијата во таа фаза немаше да го изведе тоа дело без цврстата рака на виолинистот Благоја Димчевски како концерт-мајстор. Тој, по неговите студии во Москва, предаваше во Приштина, па замина во Франција и стана концерт-мајстор на Симфонискиот оркестар во Тулуз. Во една пригода кога дојде во Македонија, разговаравме за репертоарот во тамошниот оркестар и јас го прашав дали би можел да ни помогне со нотен материјал, но и да свири со оркестарот за изведба на посложени дела. Потоа ги запознав со маестро Козловски, кој тогаш беше шеф-диригент на Филхармонијата и мечтаеше да ја поставиме Петтата од Малер. Благоја нè охрабри и прифати да биде гостин концерт-мајстор. За тој концерт се работеше над стандардите, а резултатот беше извонреден. На снимката секако ќе се најдат некои недостатоци, но вкупната изведба, особено интерпретацијата на четвртиот став, Адаџото, нескромно ќе кажам дека може да се спореди со изведби на Берлинската филхармонија. Тоа се некои од ѕвездените мигови на Македонската филхармонија, кои никогаш нема да ги заборавам“, вели Корнети.
Со помош на Благоја Димчевски, по многу години, веројатно уште од времето на маестро Ловро Матачиќ, во тој период Филхармонијата ќе ја изведе и „Шехерезада“ од Николај Римски-Корсаков. „Посебноста кај ова дело и можеби причината што долги години не било изведено, е што концерт-мајсторот таму има многу солистички делници. Тоа е, нели, гласот на Шехерезада, а бидејќи Корсаков е познат како еден од најдобрите оркестратори, има многу ’работа‘ за сите инструменти, има низа финеси. Ни требаше силен и искусен виолинист и повторно го поканивме Благоја Димчевски. Потоа ’Шехерезада‘ беше исто така извонредно изведена со новиот, редовен концерт-мајстор Леонид Пејсахов. Ќе напоменам дека по долги години повторно на репертоарот ја ставивме и Деветтата симфонија од Бетовен, за едно отворање на ’Охридско лето‘ со израелскиот диригент, маестро Дорон Саломон. Се разбира, остваривме и многу праизведби на домашни дела.“
Делата од македонските композитори и во почетокот на 90-тите имаа место во репертоарот на Филхармонијата. Корнети ги памети изведбите на „Паганофонија“ од Томе Манчев, која била одлично примена и на концерти во внатрешноста на Македонија, делата на Ристо Аврамовски, на Тома Прошев, особено Четвртата симфонија „Трба трби гевгелиска“, Клавирски концерт на Властимир Николовски… Но, една од поважните работи врзани за македонското музичко творештво е нарачката на три дела од страна на Македонската филхармонија за 50-годишнината од постоењето, идеја што не била често практикувана дотогаш. „Тројцата автори што ги избравме за да создадат нешто за Филхармонијата, беа Ристо Аврамовски, Томислав Зографски и Тома Манчев.
Сметам дека направивме вистински избор и дека тоа се класици на македонската современа музика. Не знам од кои причини, делото на Зографски последно се изведе, по речиси дваесет години, за разлика од другите две композиции. Министерството за култура тогаш за композициите одобри некои средства, претпоставувам дека беа скромни, но авторите беа почестени од нашата покана“, се сеќава Корнети. „Во тој период нарачавме уште едно дело, всушност оркестарска обработка на ’Величание Кирилу и Методију‘ од Тодор Скаловски, што инспиративно ја напиша Ристо Аврамовски“, вели Корнети. Ова дело, Филхармонијата ќе го изведе на отворањето на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“ во Рим, со одличниот мешан хор „Стив Наумов“ од Битола, во салата на РАИ. По него ќе следи и концерт во Неапол, во мај 1994 година, со диригентот Дорон Саломон и солистката Рита Кинка на пијано. „Кога веќе го споменав ова гостување, би додала дека од самиот почеток бев свесна за потребата од организирање гостувања во странство. Тие се неопходен стимул за оркестарот и за наша културна афирмација. Во првата фаза во подемот на Филхармонијата остваривме две турнеи, во 1991 година во Турција (со помош на тогашниот амбасадор Трајан Петровски и поддршка на иселеници од Македонија), потоа гостување во Црна Гора. Секако дека тоа многу ги мотивираше музичарите, од кои постарите, паметам, сè уште со занес зборуваа за постземјотресната европска турнеја на Филхармонијата под водство на маестро Ванчо Чавдарски“, се сеќава таа. Турнејата во Турција, инаку, ќе трае десет дена, а Македонската филхармонија ќе одржи пет концерти во Анкара, Ескишехир и во Истанбул, со дела од Прокопиев, Лало, Дворжак, Менделсон и од Тузун.
Мелпомени Корнети, веројатно како и сите раководители на оваа институција, ќе застане на чело на Филхармонијата со свои визии, со многу амбиции за промени кон подобро. Како што самата вели, „идеите и желбите не недостасуваат, но ние успешно ги преточивме во акција“. Таа пред тоа ќе работи како новинар во Македонската радио-телевизија, како уредник на Редакцијата за култура, образование и наука, и познати се и нејзините прилози за Македонската филхармонија. Вели дека во нив секогаш се залагала за достоинственост на првата музичка институција во Македонија и посочувала на непримерените услови за работа на Филхармонијата, тогаш во Театар Центар. Салата, со мал капацитет, била со несоодветна акустика, со видливо опаѓање на публиката, се чувствувала репертоарска летаргија, составот на оркестарот бил многу помал (нешто повеќе од „Хајдн состав“) и по потреба се зајакнувал со музичари од Операта и од МБУЦ. Затоа, еден од приоритетите во нејзиниот мандат биле и нови диригентски имиња, кои би имале задача да ја подобрат работата на оркестарот во секој поглед. „И под претпоставка дека имате солиден оркестарски состав, што не беше спорно, сепак не е сè до диригентот! Нека не звучи нескромно, но јас знаев дека состојбата нема да се промени без нов метод на организација на работата. Со водечките музичари во Уметничкиот совет, меѓу кои Стојан Димов, Благој Маротов, Атанасов…, со постојаниот диригент Перо Петровски и со малата но вредна администрација предводена од секретарот Ружа Ристоска, постепено воведовме нови принципи на работење/дисциплина, критериуми за прием на музичари и избор на солисти, го проширивме обемот на работа, што е директно поврзано со зголемена програмска кондиција и квалитет. Репертоарната политика ја градевме внимателно, секогаш настојувавме да ги усогласиме амбицијата за напредок и можностите на оркестарот, со очекувањата на публиката за убава музика, нови дела и со мисијата – да бидеме столб на музичката култура и промотор на македонското симфониско творештво.“
Од концертот се собраа 90 илјади марки, кои во целост беа отстапени на МПЦ за Соборниот храм. Тоа беа големи пари, но не можевме да ги собереме од влезници, туку имавме извонредни донатори, кои во тој момент покажаа длабока почит кон иницијативата на Филхармонијата.
Се чекорело систематски, без запирање, во од се оформувале идеите и следела реализацијата. „Кога дојдов во Филхармонијата, повремен гостин шеф-диригент беше Ванчо Чавдарски, кој поради ангажман на Далечниот Исток, ги прореди настапите кај нас. Состојбата почна да се менува со диригентот од Полска, Тадеуш Козловски, кој пред тоа беше ангажиран во Операта. Таму договорот му истекуваше, а нему му беше предизвик да работи со симфониски оркестар. Со него, всушност, го направивме бумот. Прв концерт на кој застана зад пултот, беше добротворниот концерт наменет за изградбата на Соборниот храм ’Св. Климент Охридски‘, и тоа следниот месец откако стапив на должност (21 јуни 1990). Беше актуелно довршувањето на оваа значајна црква, а ние како колектив реагиравме брзо и со голем ентузијазам. Го проширивме оркестарот со музичари од Операта и од МБУЦ ’Илија Николовски-Луј‘ и направивме посебна програма со дела од духовна музика испреплетени со мисли од житијата и творештвото на светите Климент и Наум, кои ги говореа врвните актери Кирил Ристовски и Софија Гогова-Врчаковска. Поканивме четворица диригенти, меѓу кои и споменатиот Козловски. Тој веднаш ги освои и оркестарот и публиката. Од концертот се собраа 90 илјади марки, кои во целост беа отстапени на МПЦ за Соборниот храм. Тоа беа големи пари, но не можевме да ги собереме од влезници, туку имавме извонредни донатори, кои во тој момент покажаа длабока почит кон иницијативата на Филхармонијата. Тука треба да кажам дека ова искуството со донаторите/спонзори, стана практика, поттикната од промените во економските, пазарни односи, а со цел да се дополни буџетот од Министерството за култура за да реализираме поголеми, нестандардни проекти на Филхармонијата и за споменатите гостувања. Иако со релативно скромни износи, речиси сите успешни компании од тој период, континуирано нè поддржуваа („Кожара“, „Го-Дел“, „Македонија табак“, „Фершпед“, „Пивара Скопје“…)“, вели Корнети.
Првиот „голем“ концерт, добротворниот за доизградба на Соборната црква, ќе има и друго значење – обединување на оркестарот. Ќе значи и враќање на самодовербата и своевидно уверување дека може да свири повеќе и подобро. Тогаш Филхармонијата ќе се соочи и со полна сала посетители во Македонската опера и балет, што ќе биде двојно повеќе од седиштата во Театар Центар. „Тоа беше професионален шок за нас. И потоа дојде главното прашање – како да се задржи тоа ниво? Затоа Козловски беше повеќе од добредојден – како диригент што знаеше да инспирира, да обликува похомоген звук, со санирање на слабите точки на оркестарот да постигне нов квалитет, многу внимателен, но истовремено храбар во градењето на репертоарот! Со Козловски соработувавме една сезона, во која блескаво стартуваше и негова иницијатива, Новогодишен концерт, кој стана традиционален“, вели Корнети. Потоа, во една пригода, виолинистот од Албанија, Антон Беровски, ќе предложи во Филхармонијата да гостува диригентот Ермир Крантја од Тирана. По еден впечатлив концерт со Филхармонијата, тој ќе стане и шеф-диригент во следната сезона. „Кај него, меѓу другото, имаше нагласена енергија и сугестивност при изведба на дела со трагична нота. Од него ги паметам ’Ромео и Јулија‘ од Прокофјев, ’Франческа од Римини‘ од Чајковски – незаборавни изведби!
Во тој период, со Хорот на РТС/МРТ беше изведен и ’Реквием‘ од Моцарт. Тоа беше голем настан за скопската публика, особено поради годините поминати од претходната изведба. Го повторивме на ’Охридско лето‘ со Александар Лековски. Следен шеф-диригент беше Вјачеслав Блинов од Украина, а во сезоната 1993/94, Дорон Саломон од Израел, двајца извонредни, искусни уметници“, вели Корнети. Со нив Филхармонијата ќе ги има и првите изведби на Симфонијата бр. 2 од Рахмањинов, на суитата „Кармен“ од Бизе-Шчедрин, на наши дела на „Деновите на македонска музика“…
За првенчето на Филхармонијата во областа на дискографијата, медиумите ќе пишуваат дека е од несомнено големо значење.
Големиот подем на Филхармонијата во тоа време е поврзан и со доаѓањето на виолинистот Леонид Пејсахов од Грузија. Заедно со уште тројца музичари, кои на Филхармонијата ќе ѝ ги препорача познатата виолинистка Марина Јашвили. „Таа гостуваше на ’Охридско лето‘ и во нашата средба по концертот, ја поканив како солист на Филхармонијата, но наедно, замолив да препорача неколку музичари, кои недостигаа, а беа битни за квалитетот на оркестарот и за репертоарот.
Имено, немавме харфист(ка), алтернатива за концерт-мајстор и за водач на виолончелата. Таа рече дека може да ни помогне. Наскоро, по нејзина препорака во Скопје дојдоа Лали Политковскаја, виолончело, Леонид Пејсахов – одличен виолинист и авторитативен музичар, кој потоа стана концерт-мајстор, како и Лејла Урманова, харфистка, која, пак, наскоро отвори и класа на Факултетот за музичка уметност. Тоа беше битен чекор за Филхармонијата. Промените во институцијата станаа видливи, публиката се зголемуваше, така што почнавме да добиваме и поголема поддршка од Министерството. Во рамките на експертската влада, тогашниот министер Цветан Грозданов одобри потребни средства како и дополнително финансирање за осум нови работни места во Филхармонијата. Го проширивме оркестарот, но и малку финансиски закрепнавме“, додава Корнети.
Новите дела на репертоарот, квалитетното подобрување, ќе станат видливи и заслужни за нововоспоставената соработка со Музичката продукција на МРТ. Со одговорниот уредник Јане Коџабашија и продуцентот Ристо Аврамовски, Корнети ќе договори редовни студиски снимања (во студиото со одлична акустика М-2), а на барање на Редакцијата за сериозна музика при МТВ, ќе бидат снимени голем број концерти. „До 1994 година (верувам и потоа) оставивме богат фонд снимена симфониска музика во фонотеката на МРТ, а издадовме и лонг-плеј плоча и првиот компакт-диск на Македонската филхармонија. Со зајакнувањето на оркестарот, освен постојниот Дувачки квинтет, собравме сили и за уште два камерни ансамбли – Камерен оркестар и Гудачки квартет. Двата, односно трите ансамбли имаа редовни самостојни концерти, а верувам дека се сочувани и нивните студиски снимки во МРТ.“
За првенчето на Филхармонијата во областа на дискографијата, медиумите ќе пишуваат дека е од несомнено големо значење. „Можеби, за некоја поразвиена културна средина, со поголема традиција зад себе, тоа ќе поминеше сосема рутински, па и незабележано. Меѓутоа, за македонскиот културен амбиент издавањето на оваа плоча несомнено претставува вистински настан.“ („Пулс“, 1991) На првата плоча на Македонската филхармонија ќе бидат сместени дела од Мусоргски („Ноќ на голиот ѕид“), Римски-Корсаков („Шехерезада“), Ристо Аврамовски („Интерлудиум на дождот“) и Трајко Прокопиев (Суита бр. 2 од балетот „Лабин и Дојрана“), изведени под палката на Козловски. Уште многу настани и во овој период ќе бидат запишани во историјата на Филхармонијата како мошне значајни, но два од нив се забележани со „крупна нота“.
’Борбата‘ за да се дислоцираме целосно во Домот на АРМ, траеше со месеци.
Првиот е преселбата од Театар Центар во Домот на АРМ, а вториот е набавувањето на концертниот клавир „Стенвеј“. „Интересна е случката по која ние се преселивме од Театар Центар во Домот на АРМ. По правило, сценското светло во еден драмски театар не одговара, не е добро за симфониски оркестар, а звукот тоне во завесите. Лете таму беше топло, зиме имаше провев. Еден ден настана мал пожар на електричната инсталација на сцената додека траеше попладневната проба. Со дежурните од администрацијата, која беше сместена во бараката до бифето на Театар Центар, интервениравме брзо, но неколку дена не можеше да се работи. Јас веднаш алармирав, од тоа направивме голем проблем, што реално и беше. Поднесовме барање до Министерството, а тоа до Владата, за итно обезбедување некаков договор со Домот на АРМ за редовно ангажирање на таа сала, во која повремено веќе настапувавме и таму ја отворивме сезоната 1990/91. ’Борбата‘ за да се дислоцираме целосно во Домот на АРМ, траеше со месеци. Владата, посебно министрите Р. Иванов и С. Црвенковски (министер за надворешни работи, но по вокација уметник, режисер) се заложија за ова барање и во медијација со Министерството за одбрана се донесе одлука за целосна преселба на Филхармонијата во Домот на АРМ.
Станавме редовен корисник на салата и на дополнителен неопходен простор. Тоа беше во 1992 година. Условите видливо ни се подобрија. Од еден инцидент со пожар успеавме да дојдеме до поквалитетно просторно решение. Итно ја проширивме и акустички ја адаптиравме сцената во Домот, а освен тоа, ’освоивме‘ и оспособивме помала сала за камерни настапи и за одвоени проби, гардероби, помошни простории за инструменти и за музичката архива. Едновремено, ја отворивме темата – нова концертна сала, за која се знаеше дека е проектирана при обновата и изградбата на Скопје по земјотресот во 1963 година. Тоа беше и остана составен дел на Културниот центар, покрај изградените објекти на МОБ и на ФМУ/МБУЦ. Една од учесниците во проектот, познатиот арх. Олга Папеш, со задоволство помогна да се извади од прашина и да се среди целиот проект, а во таа своевидна кампања за нова сала, се вклучија и Сојузот на композитори, на музичките уметници, други архитекти, сликари… Немаше услови, или среќа, да почнеме со реализација на градбата, така што по десетина години, како ова да се подзаборави, па локацијата за Филхармонијата безмалку ќе беше пренаменета. Повторно уследи мала граѓанска акција на влијателни ’културњаци‘, така што локацијата на левата страна од Вардар беше ’спасена’“, вели таа. Клавирот од марката „Стенвеј“, пак, ќе биде првиот клавир од таков вид што Македонската филхармонија ќе го поседува од своето основање. Инструментот, се сеќава Корнети, пристигнал со помош на тогашното ПТТ Македонија, каде што, вели таа, сфатиле дека е тоа голема работа за нашата култура.
„Баравме средства за тоа од Министерството, но одговорот беше – нема! Цената беше повеже од 130 илјади марки и беше незамислива сума за нашиот буџет. Но, не се откажавме. Со поддршка од тогашната заменик-министерка Снежана Пановска, стапивме во контакт со генералниот директор Иван Гиновски, една исклучителна личност и голем почитувач на уметноста. Без многу убедување, тој ја прифати идејата. Како ја оствари? Во моментот кога се склучувал договорот на набавка на нова голема ’Сименс‘ дигитална централа за ПТТ Македонија, пред собраните членови на неговиот и на германскиот тим, рекол: ’Ве молам, без провизии! Сакаме да платите за концертен клавир марка ’Стенвеј‘, кој ние ќе ѝ го подариме на Македонската филхармонија‘. Инструментот се транспортираше во 1992 година, кога ние имавме ембарго од Грција. Клавирот, упатен на Солунското пристаниште, патувал заедно со целата централа до Измир, па кај нас. Во Скопје стигна по долго патешествие, но во одлична форма, ако се земат предвид тешкотиите при транспортот. ’Поштарите‘ беа повозбудени за клавирот отколку за централата“, раскажува Корнети низ смеа. А, особено горд на својата улога во ракувањето со скапоцениот подарок, клавирот „Стенвеј“, при транспортот на специјална платформа низ Скопје сè до сцената во Домот на АРМ, бил покојниот Кадри, кој, се сеќава Корнети, со неверојатна вештина и одговорно работел сè околу местењето/разместувањето на инструментите. Концертната промоција на клавирот ќе се случи со двајца извонредни пијанисти – Валери Стефановски како солист во „Рапсодија во сино“ од Гершвин, а Наум Груберт од Холандија во Петтиот клавирски концерт од Бетовен. Под диригентство на Оскар Данон, во преполната сала на Домот на АРМ, клавирот ќе го почне своето музичко патување.
Ова се само неколку од многубројните мигови, од значајните подвизи во почетоците на бурните 90-ти, кои ќе направат Филхармонијата да почне да живее и надвор од институционалните рамки, да ги остварува своите идеали. Концертите тогаш ќе ја привлекуваат не само редовната, не само стручната, туку и пошироката публика. Студентите, пак, до доцни часови ќе продолжат возбудено да ги анализираат интерпретациите на оркестарот, солистот, стилот на диригентот… Сјајот на концертите го зголемувало и редовното присуство на академик Тодор Скаловски на почесните места, кога доаѓал од Загреб и проф. др. Тома Прошев, а во посебни пригоди – претседателот Киро Глигоров, Стојан Андов и други угледници од општествениот и на културниот живот.
Мелпомени Корнети нема да ја заборави ниту акцијата на тогашната Републичка СИЗ за културата, за изработка на портрети на истакнати уметници (покојни) од сите области. „Сакав да се изработи портрет на Ловро Матачиќ. По извесно убедување (зошто токму тој?), одобрија средства и како автор за портретот го избравме Родољуб Анастасов, кој за својата студија зеде фотографии од нашата архива. Во тие услови, портретот го поставивме на видно место во директорската канцеларија. Ефектот беше интересен – еден од странските диригенти, при првото влегување, застана збунет. Погледна уште еднаш во портретот, и кога беше сигурен дека тоа е големиот светски диригент, праша: ’Од каде портрет на фон Матачиќ во Македонската филхармонија?‘ Тоа беше убав повод за мало ’предавање‘ – за основањето на музичките институции по Втората светска војна, за доаѓањето на Ловро фон Матачиќ, за генерациите музичари што сè уште го паметат, го цитираат и го обожаваат. Потоа, мислам дека и другите гости уметници гледаа со поголема почит кон нашата музичка средина и традиција“, ја завршува Корнети својата приказна.
Фотографии: Од архивата на Филхармонија.
Продолжува…
(На Frontline.mk, по повод 80 годишниот јубилеј на најстарата културна институција – Македонската филхармонија, кој го одбележува токму оваа 2024, ќе бидат објавувани неколку текстови за нејзиниот историјат, со цел читателите подобро да се запознаат со нејзиното функционирање. Текстовите се преземани од монографијата „70 години Македонска филхармонија“, на авторките Тина Иванова и Роза Нолчева)