По вчерашното лишување од слобода на новинарот Фуркан Салиу, Институтот за медиуми и аналитика ИМА упати барање до Народниот правобранител да покрене постапка по сопствена иницијатива за утврдување на евентуална злоупотреба и пречекорување на службените овластувања на полицијата.
ИМА во барањето до Народниот правобранител укажува дека новинарот Фуркан Салиу јавно изнесе наводи дека бил лишен од слобода од полициски службеници додека се обидувал да ја врши својата новинарска професија, како и дека му бил одземен телефонот со кој се обидел да снима и документира наводен случај на прекумерна употреба на сила од страна на полицијата. Притоа, тој, јавно изнесе и тврдења дека врз него било извршено полициско насилство, како и дека му биле избришани снимки од страна на полицијата, и покрај тоа што јавно им укажувал дека е новинар кој извршува работни задачи.
„Имајќи предвид дека МВР во првичното соопштение не изнесе никакви конкретни и веродостојни информации за наводниот напад врз полициски службеници, ниту пак за евентуални нивни повреди, ниту пак наведе за кои конкретни кривични дела биле лишени од слобода новинарот Фуркан Салиу и неговите медиумски соработници, Институтот за медиуми и аналитика ИМА од Скопје бара од Народниот правобранител да покрене постапка по сопствена иницијатива, за утврдување на евентуална злоупотреба и пречекорување на службените овластувања на полицијата, во случајот со лишувањето од слобода на новинарот Фуркан Салиу на 07.04.2024“, се вели во барањето на ИМА до Народниот правобранител.
Бидејќи станува збор за случај кој не само што предизвикува општествена и политичка поларизација, туку и длабоко ги засега човековите права и правото на слобода на изразување на новинарите и медиумските работници, ИМА бара од Народниот правобранител да влезе во службените простории на МВР, да изврши непосреден увид во предметот, да ги повика на разговор сите службени лица што можат да дадат податоци за постапката, и постојано да ги известува медиумите и јавноста за сите констатирани наоди и евентуални полициски пречекорувања.
Преземено: ИМА