Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ
Aјде да почнеме од една општа констатација: Македонија и нејзините граѓани со секоја следна власт ќе помине лошо, без разлика која и да е, ама со ВМРО на власт ќе помине катастрофално безнадежно, затоа што постепено и незапирливо – гледаме уште во изборието – му се предава на официјален Кремљ. Го видовме вчерашниот случај со новинарот Фуркан Салиу, испишан преку тој „знаковит“ случај на експресно апсење, обиколени специјалци околу „новинарското тело“; прагматичното апсење се обидуваа идеолошки и несмасно да го „пеглаат“. Откако се појави „масовен“ притисокот од граѓаните на социјалните мрежи (Амин на тоа!) го пуштија човекот.
Ајде сега да констатираме и еден ноторен факт: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ имаат катастрофална изборна кампања. Закани, уцени и присила за задолжително присуство на митинзи. Во некоја смисла како оној пример со ѓаволот: најголемиот ѓаволски успех е да ги убедите луѓето дека ѓаволот не постои, а во позадина најголемиот успех на таа токсична (авторитарна, антидемократска, изолационистичка, неоконзервативна, клерикална…) идеологија и политика е во тоа да ги убеди луѓето дека тие воопшто немаат политика ниту имаат идеологија. Или имаат, ама во неа не веруваат, туку само ја користат во зависност од потребите и моментумот. Некој тоа го нарекува и „catch all“ политика, ама јас тоа би го нарекол „тезгарска политика“: имаме тезги за крволочни месождери и тезги за мешана софра, и сите тие нам ни се „драги“ и „мили“ додека плаќаат од иста каса. Нашата.
А зошто сето ова ви го зборувам а има врска со новинарот Фуркан Салиу? Затоа што тој беше цел или цел на околностите, оној што се обидуваат да го скршат – поради скандалот што го откри во „Белата палата“ од пред некоја ден – нов, важен и крупен момент на заокружување на еден изборен манир на авторитарната клика која се скрива под името „ВМРО-ДПМНЕ“, притоа, детално разработен систем на шприцање на теренски активности, лажни вести и бустирање на лажни анкети. За сè ова, како шлагворт, мора да постои изживување на новинари, насобрано волунтаристичко, рекреативно насилство. Очигледно Фуркан С. добро ја почувствува на своја кожа, а богами и јас знам по нешто за тоа. Ама, за овој „голем квалитет“ на репресија, за нејзиното созревање, нормализација и овековечување, мора најпрво да се удри кон оние кои нешто пишуваат и артикулираат во јавност, мора да се удри на оние нејзини (нај)бунтовни делови од општеството. За пример на другите, комшија!
Авторитарните струи најбрзо, најчесто и најпрецизно удираат на оние луѓе кои во јавниот простор нешто „(психо)филозофираат“.
И ова не е случај од вчера. О, не, драги мои! Уште во времето на груевистичкиот „обрт“ и неговите авторитарно-сталинистички фази, знаеме, се апсеше на големо политички неистомисленици, гореа новински редакции, опозицијата немаше пристап ниту една минута на медиумите со национална концесија, Универзитетот, оној државен, беше нападнат заради својот критички ангажман. И уште купишта и купшта вакви и слични безобразија и колективни срамови.
После сè што гледаме овие денови, историјата се спрема да се повтори: како трагедија или како фарса, за тоа дополнително ќе видиме. Ама мислам дека тука нешто и од нас зависи.
„Catch-от“ е и во ова: ако Фуркан Салиу го попарат со катран и перје, го дефамираат и протераат од јавно зборување и појавување, го избркаат поради неговото „брзо и динамично“ новинарство под монтирани и отворени идиотски оптужби, ќе се отвори една голема пукнатина, ќе експлодира заштитната опна која сите јавни личности до сега беа имуни на егзистенционалните закани од таа авторитарна и националистичка партија. И велам, ако ова денес лесно пројде со Фуркан Салиу, утре ќе пројде за било кој друг, било каде и било кога, и тоа ќе се претвори во легитимен основ за прогон.
Оти, внимавајте, што мислите дека се случува кога егзистенцијално луѓето ќе ги уцените (и за тоа знам по нешто, драги мои!), кога егзистенционално ќе им покажете да немаат никаква ефикасна заштита пред тиранско и репресивно самоволие?
Мнозинството ќе замолкне и ќе се посвети на рекреативно „свирање qwрцу“, некои отворено ќе им се приклонат на авторитарните тирани, единствено малцинството ќе остане на другата страна, прифаќајќи ги сите животни (не)прилики.
Така ќе биде и во медиумите, така ќе биде во сите јавно-општествени институции. Така се создава киднапирана држава, а откако ќе ја киднапирате државата, потоа целото општество ќе може да го заробите. Затоа е важна новинарската автономија, онаа критичка, ангажирана, дури е важна и оваа и ваква јавна сцена, без разлика што е килава, пролупана, трокирана, раздрндана, ама сепак е важна. Ваква јавна сцена овозможува слободна артикулација и критички тонови, го култивира дури и потенцијалот на младите: професија на слободно пишување и зборување е причина за постоење на секое човечко битие.
Ако ова до сега некому не му е јасно, се плашам дека не му е јасно ништо, и слободно може да меле и навива за најлошите меѓу нас. Некои сами се пријавиле за корисни идиоти, дигаjќи два прста за прогон на оние ретки, а така силни јавни гласови. Би било штета да се препуштат на заборавот, оти кога ќе ги заборавиш, таквите се повампируваат најчесто со најлошите знамиња на своите грбови кои не се нивни, затоа што секое знаме кое се вее има во позадина свој тиранин што го навива и штелува.
А ние, сепак, не сме до толку глупави. Знаеме да препознаеме и не прифаќаме репресија. Посебно кога таквата репресија доаѓа од апаратот за присила и симболичко убивање на сите добри и квалитетни гласови во ова сè уште живо и неудавено општество.