Специјалниот суд во Албанија прогласи за виновни девет жени вратени од Сирија, обвинети за учество во терористичка организација и учество во борбени активности во странска земја, јавува Радио Слободна Европа на албански јазик.
Иако судијката Рудина Палој најави казна затвор од по седум години за секој од нив, на крајот им изрече условна казна од пет години.
Преку примената на скратениот судски процес, казната против нив би била намалена на четири години и осум месеци затвор. Но, Обвинителството побарало суспендирање на казната и ставање на условна казна од пет години.
Дополнително, деветте осудени жени нема да смеат да се дружат со лица кои се под истрага или осудени за кривични дела за кои се обвинети, како и да не се движат на локации каде има поединци со радикални ставови.
Деветте жени кои беа прогласени за виновни заминаа во Сирија во 2013-2014 година, земјата во која претходно заминале нивните сопрузи , каде што се инкорпорирале во терористичките групи Ал Нусра, а потоа и Исламската држава.
Судот одлучи и да ја укине мерката за безбедност со која обвинетите беа спречени да ја напуштат државата.
Според податоците на албанските разузнавачки агенции, околу 140 борци од Албанија заминале во Сирија и Ирак.
Пред неколку години беа уапсени девет лица кои беа осомничени дека регрутирале борци за Сирија. Судот за тешки кривични дела во 2016 година ги осуди на вкупно 126 години затвор.
Со текот на годините, преку неколку операции, Албанија враќаше граѓани кои биле во Сирија, каде што заминале за да се приклучат на терористичките организации.
Д. Т. / Цивил Медиа