Кога си поет или писател, тешко е да ја апстрахираш убавината на зборот, но и неговата комплексност, метафоричност и впечатливост дури и во секојдневието. Бранислав Николов, познат пред сѐ како вокалист и идеен творец на една од најуникатните музички креации и тоа не само на ова поднебје – „Фолтин“, токму така секогаш се изразува. Бидејќи е и писател и поет, освен што е музичар. Роден битолчанец, којшто реши да остане да живее во Битола, а инаку некогашен студент по француски јазик и фрацуска книжевност. Кога го слушате, читате, исто како да сте дел од приказна на некој роман, кој потоа е филмуван, поради визуелната експресивност на неговите фантазии. Секогаш има повод да се разговара со него, на многу теми, и секогаш е инспиративен, затоа што, ако го читате меѓу редови, отвора многу интересни теми за размислување. Така беше и овој пат. Не разговаравме многу за „Фолтин“, затоа што за тоа е потребна книга. Овој пат, сосема обични прашања, со сосема необични одговори кои ќе создадат блага насмевка на вашите лица, но и благост на душата:
Бранислав, пред сѐ, како сте, како здравјето, како животот?
– Благодарам на прашањето. Кај нас долу, луѓето имаат обичај да кажат „си велам дека сум арен“, оти што носи денот не носи годината.
А, приликата ме потсети на комуникацискиот модел на куртоазното пред реалното, т.е. случајот кога две постари жени се наоѓаат во болница и се прашуваат за здравјето и животот, па откако првата отвора со: „Како си?“, а втората одговара: „Арна“, и возвраќа со: „Ти како си?“, следува формалниот парадокс на легендарната конструкција: „Арна, еве нешто не сум арна“. Би можел сега да се распостелам за тоа колку четвртата декада од животот е „младост“ во однос на петтата… Но, ете, убавината сѐ уште не ме заморила.
Имате често настапи и со „Фолтин“ и како „Пијан славеј“, разни соработки, еве сега најново со „Суперхикс“, музика за театарски претстави, за филмови… Чувствувате ли понекогаш замор, здодевност, монотонија од Вашата работа, која и покрај тоа што е креативна и за многумина посакувана, и тоа како може да биде напорна и фрустрирачка?
– Заморот постоел и на почетокот. Но, добро е да се има повеќе дејности и тие да се работат во наизменични фази. Нужно е да се преместуваш од едно на друго поле на интерес. Како чекорењето, една нога, па друга нога…, инаку, ќе застанеш. Тоа до скоро одеше по некој образец – имаш инспирација и порив за нова музика, ја конципираш, ја подготвуваш, ја снимаш, истовремено ја свириш, па тоа трае некое време додека не почнеш да се заситуваш, и тогаш, оптимално, ти нудат и прифаќаш работа во театар или на филм, и додека ја работиш, не си ни свесен колку, на крај на таа фаза, повторно стануваш гладен за концертите. Тоа беше циклус на двотактен мотор со кој самите себеси се придвижувавме низ скоро три декади. Сега е инаку. Образецот е изместен. Динамика што се повторува станува предвидлива и здодевна. Па сепак, на крајот, тука е инстинктот, внатрешната сила, изворот што одвреме-навреме ќе бликне и ќе потече. Тоа е животот – ти мислиш дека го управуваш, но ако малку се оддалечиш, ќе видиш дека тој тебе те носи, а ти убаво пливаш со струјата.
И по толку години на сцената, „Фолтин“ сѐ уште е еден од најуникатните бендови овде. Сѐ уште ги полни салите, сѐ уште силно допира до аудиториумот. Според мене, покрај автентичноста на звукот и поезијата, страста кон тоа што го работите е таа којашто Ве влече напред и којашто силно се рефлектира кај оние од другата страна. Што Ве придвижува да траете и така силно да ја држите во еднаков интензитет? Кој Ви е лајтмотив во творењето, односно во животот, затоа што и тоа е Ваш живот, всушност?
– Дури има добри уши, ќе има добра музика. Страста е бран што се подига од трепетот во себе, и ако има некој да го врати назад, тој повратно заплиснува со радост и обновена зголемена енергија. Нема подобра формула за долговечност на уметникот (и тука не се мисли на биолошката) од таа кога тој има точна и возбудена публика. Жива публика што со него дише, со него умира и со него повторно се раѓа. А бендовите лесно се растураат и се распаѓаат. Неретко е нестабилна таа хемија. И после триесетина години, ако сте преживеале заедно, се знае дека нема да е свежо, но барем ќе е зрело. Сега ми паѓа напамет зборот Мисија. Тоа е гласот што доаѓа однатре и те гони да ја проповедаш вистината и љубовта.
Вие сте еден од ретките „фриленсери“ што не се одлучи да се пресели во Скопје, веројатно не сте имале ниту потреба за тоа, на пример да барате работа во некоја државна администрација. Останавте во Битола, во Вашиот роден град и сте веројатно еден од најпознатите и најгордите битолчани. Што и недостига на Битола денес, во споредба со минатото, но и со што најмногу се радувате кога ќе се спомне името на градот? Која е Вашата идентификација со него?
Во Битола ми фалат луѓето, а се радувам со убавините на градот, во секоја смисла.
– Чувствително, но со една исконска смиреност и помиреност што доаѓа од крвта која доволно долго удирала по дамарите, сведочам за промените во животот и светот.
Од година во година сѐ е понепрепознатливо. Ми се чини дека пред очиве исчезнува еден и се устоличува друг свет, кој не е толку мој, на мојата генерација, ами на некоја нова младост. Во Битола ми фалат луѓето, а се радувам со убавините на градот, во секоја смисла. Верувам дека личниот идентитет е директно врзан со колективниот. Луѓето го носат тоа со себе. Градовите во кои се раѓаме и живееме, тие се во нас. И кога некој ќе рече „А бе, битолчани!“, посочувајќи некоја особеност во менталитетот или социо-културната посебност, знам дека тоа не е тукутака, знам дека има смисла.
А која е мојата идентификација со Битола?! Не знам… Ако сум мечтател, мора да сум битолски мечтател. Се шегувам. Мислам дека во јазикот, во говорот, таму ја наоѓам најсилната идентификација.
Во Скопје е некако сѐ централизирано, што не е случај со други земји. Што, кога би биле на некоја позиција, би сториле околу децентрализацијата, особено на полето на културата нели, да се „разложат“ настаните, па и институциите, како би имало повеќе меѓуградска комуникација, а со тоа и културно едуциран народ?
– Имам искуства со децентрализацијата во културата во некои земји. Во Словенија и Франција сме свиреле многупати во помали, па дури и во екстремно мали места. Чиниш, луѓето дошле да ги населат само за деновите на фестивалот. Но, децентрализираната култура не смее да значи култура од понизок ранг. Таа треба да понуди повеќе динамика во размената, во протокот, во културниот и општествениот крвоток. И затоа ми се допаѓаат фестивали кои се дислоцираат и бегаат од комодитетот на главниот град. Ама да ја поместиш убавината на културата кон природните убавини на Охрид, Дојран, Крушево, Кокино… колку што е подвиг, толку е и чин на висок сензибилитет, што еднакво го ценат и изведувачите и публиката. И тука станува збор, освен за личните впечатоци на учесниците и гостите, и за дисперзираниот туризам, размена на добра и идеи. Се сеќавам на продукцијата на претставата „Macedoine: Odyssey 2001“, всушност, копродукција на поголемите национални театри во државата и „Охридско лето“. Ја работевме во Скопје, Битола и Охрид. Трупата, составена од актери од тие театри, почна со проби на сцената на Драмски во Скопје, па преку игралиштето во периферијата на Битола, заврши на ископините на Античкиот театар во Охрид и го отвори тоа „Охридско лето“ со прва претстава во амфитеатарот после два милениуми. Тоа историско патување низ просторот и времето, на една културна продукција, која патем, имаше и неверојатно големо пошироко општествено значење, би било незамисливо и некако празно и површно ако се задржеше во Скопје. А, се сеќавам и како потпишувавме петиции на Широк сокак за „Браќа Манаки“ да остане во Битола. Кога јас би бил цар, а тоа е навистина нереално да се замисли, би направил патишта што најдобро и најбрзо би нѐ поврзувале.
Многумина зборуваат како би сакале да се врати „југословенскиот“ начин на културно, па и државно уредување, да се даде навистина огромен акцент на култура, на уметничка продукција, но без цензура. Што мислите, што е потребно за да процвета уметноста повторно на овие простори, за да го покрие шундот?
Шунд имало и ќе има. Но, вистинската уметност треба добро да се излакта и да покаже заби за свој неприкосновен простор.
– Па, во тоа време имало таканаречена „комисија за шунд“, но таа алатка удирала и таму каде што ние не би сакале – по рокенролот и урбаната музика. И слободата на изразување, посебно во делот на текстовите, била на удар на таа комисија. Има документирани сведоштва за цензурата, и тоа баш од припадниците на Новиот бран. Но, ете, ако веќе зборуваме дека во Југославија било многу полиберално во однос на земјите од источниот блок, тогаш што би рекле за конзервативната Индустрија во Америка. Доволно би било да се погледнат некои видеа на темата, каде браникот на здравиот разум, Френк Запа, надмоќно ги разобличува изопачените вредности на чуварите на моралот и медиумските инквизитори. Шунд имало и ќе има. Но, вистинската уметност треба добро да се излакта и да покаже заби за свој неприкосновен простор. А тоа, веројатно, се прави со општествена одговорност и со визија во елитната култура. И со креативност, самобитност и бунтовност во субверзивната и супкултурната уметност.
Сметате ли дека поставивте темел во одреден музички жанр, и ако е така, има ли на видикот Ваши следбеници?
– Мислам дека го пронајдовме својот „глас“ уште на почетокот, и низ годините самите ние го исцрпивме.
Имате моќен глас со навистина интересна боја, веднаш препознатлив. Никогаш не сум Ве прашала, како почнавте со пеење и имавте ли ментор било кога на почетоците? Кога откривте дека имате талент?
– Не сум имал ментор. Можеби требаше, а можеби и не. А за другото, ништо не се сеќавам. Најверојатно, сум почнал со пеење за да си ги пеам песните… или, можеби, создавав песни за да пеам…
Сега сме во време на изборна кампања. За каква власт, за каква држава сонувате?
– Никогаш не сонувам за држава. Уште помалку за власт. Сонувам за еднаквост, другарство… Веројатно ја сонувам Песната на Ленон. Некогаш мечтаам за пуст остров на Карибите.
Што ќе прават „Фолтин“ наскоро?
– Летово ќе имаме концерти. И не само во Скопје, ами повеќето низ Македонија. Навремено ќе информираме. А на 16 август, во Битола ќе го прославиме јубилејот – 28 години од првиот самостоен концерт.
И за крај, возот Скопје – Битола, за колку часа стигнува до одредената дестинација? Односно, би патувале ли со воз доколку се нормализира состојбата со железница?
– Некој стручен кажа дека возовите кај нас не може да побрзаат, оти теренот бил претежно ридско-планински. Јас паметам дека со „деловниот“ што сопираше само на две-три места, делницата Битола – Скопје или обратно, траеше два ипол часа. Ама имаше возови. Со „Фолтин“ сме биле до Падова и Венеција. Од џез-фестивалот после последниот концерт се враќавме дома со „швалерскиот“. А еднаш, во Битола, еден Јапонец нѐ праша, колку време му треба со воз до Скопје. Му рековме, три-четири часа. Човекот се изненади. На мапата му се видело многу поблиску, а вака израчуна дека дистанцата е илјада километри.
Се возев лани неколку пати. Ако се оправи железницата, пак ќе се возам.
ТИНА ИВАНОВА