По реакцијата од неколку граѓани до редакцијата на Цивил Медиа, дека им било наплатено за зонско паркирање на Градски паркинг, иако би требало да биде бесплатно поради неработниот ден, екипата на Цивил Медиа излезе на терен да провери за што станува збор.
При паќање СМС порака за зонско паркирање на Градски паркинг, системот за наплата испраќa порака дека паркирањето е започнато, а по завршување на паркирањето, истото и се наплаќа, иако на таблата пишува дека е бесплатно во неработни денови (недела и државен празник), а на нивната веб страна исто така стои дека на 24.04 за време на изборите нема да се врши наплата.
Се јавивме на телефонскиот број на службата за корисници, од каде, освен автоматската секретарка, не се јави никој. Ниту на блискиот пункт на Градски паркинг немаше знаци дека работи, и дека воопшто било отворено денес.
Од извори запознаени со работењето на Градски паркинг блиски на Цивил Медиа, дознавме дека како што се вели во соопштението, паркирањето нема да се наплаќа, но се чини дека, како што велат доброупатените извори, најверојатно заборавиле да го сетираат системот за вршење наплата.
Цивил Медиа ќе се обрати до канцелариите на Градски паркинг на првиот нареден работен ден за информација дали и како ќе им биде вратена наплатената сума на граѓан(к)ите кои испратиле порака.
ЦМТ / Цивил Медиа