Американската Национална воздухопловно-вселенска администрација – НАСА првпат по пет месеци доби конкретни и употребливи податоци од „Војаџер 1“, откако инженерите изнајдоа решение за комуникацискиот проблем со леталото што досега отишло најддалеку во Вселената.
Се работи за систем за собирање информации што потоа се комбинираат со инженерските податоци и така ја покажуваат моментната состојба на уредот – оддалеченоста, средината што го опкружува и сл. Компјутерите на леталото испраќаа бескорисни податоци од ноември лани, но научниците од НАСА успеаја повторно да го оспособат уредот, инаку лансиран 1977 година.
Контролата на мисијата на Земјата ги прима тие податоци во бинарен код – низа од единици и нули. Од минатиот ноември, системот на „Војаџер 1“ испраќал радиосигнал, но податоците немале никаква корисна цел, ниту пак, смисла, јави „Еј-би-си њус Австралија“.
– Денеска беше голем ден за „Војаџер 1“. Ја вративме комуникацијата со вселенското летало. Со нетрпение очекуваме повторно да добиваме научни податоци, изјави Линда Спилкер – една од научниците кои работат на мисијата.
Од 20 април, засега, се чини дека „Војаџер 1“ е во добра состојба. Леталото полета пред 46 години и седум месеци и сега се наоѓа на над 24,3 милијарди километри далечина од планетата Земја.